210.
   Како воодушевување за прифаќањето на тешкотиите на постот да ни служат: неговата благотворност за запазувањето на мирната и полна со љубов расположба, како и големите ветувања на оние, што ги поднесуваат тешкотиите на постот.


Постот е добар, ако во него се запазува мирна, кротка, послушна, смирена и сострадална расположба на духот, како и секоја друга добра расположба. Но, ѓаволот се труди на секој начин да вложи во оние што постат нешто што е спротивно на ова: да ги покаже груби, гневни, лути, горделиви, за да направи од постот да имаат повеќе штета отколку полза, но ние, „бидејќи неговите замисли не ни се познати“ (Кор. 2, 11), да се однесуваме мирно, тивко, кротко, и добро и „трпете се еден со друг“ (Ефес. 4,2), знаејќи дека ова Му е угодно на Бога. Ако во тебе нема ваква расположба, тогаш и ако го свиваш силно својот врат, ако се облекуваш и во кострет, ако и со пепел ја посипуваш својата глава, нема да Му угодиш на Бога. Се разбира постот го утеснува и го истоштува телото, тој ја раширува и укрепува душата; „ние не паѓаме со духот; иако нашиот надворешен човек тлее, но внатрешниот од ден на ден се подновува.  Зашто нашите сегашни лесни страдања ни донесуваат во голема изобилност вечна и полна слава“ (2. Кор. 4, 16-17), така што, гледајќи на наградата, ние можеме спокојно да ги претрпуваме тешкотиите на добродетелите, „благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нè направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината, нè избави од власта на темнината и нè воведе во царството на Својот Син“ (Кол. 1, 12-13).

Зар не се причестуваме често со Телото и со Крвта на Господа? А што има попријатно и послатко од ова за оние што се причестуваат со вечниот живот со чиста совест? Не разговараме ли ние секој ден со божествениот Давид и со другите свети оци преку слушање на нивните четива? А има ли нешто порадосно за душата? Но, дали сме го раскинале секој наш однос со светот и со телесните роднини? – „Нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исуса Христа, Кој ќе го преобрази нашето унизено тело така, што ќе стане подобно на Неговото тело, со силата, преку која Он може и да потчинува под Себе сè“ (Филип. 3, 20-21).

Затоа, да се радуваме и да се веселиме, да го презираме секое телесно задоволство, зашто секое тело е како трева и секоја човечка слава -  како цвет од тревата: се исуши тревата и  цветот отпаѓа, а делото на добродетелта останува вечно, како што говори братот на Господа: „Ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е некој, нека Го фали Господа“ (Јак. 5, 13). А, ако е некој искушуван од лоша страст ( зашто искушувачот никогаш не престанува да нè искушува), нека трпи, слушајќи го апостолот, кој говори: „Блажен е оној човек, кој поднесува искушение, бидејќи откако ќе биде испитан, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние, кои Го сакаат“ (Јак. 1, 12). „Кога го знаете ова, блажени сте, ако го исполнувате“ (Јован 13, 17).

 

28-ми февруари 2017 лето Господово

Подготви: Т.С.