1- ви февруари лето Господово 2022

„Во духовниот живот напредуваат само оние, кои според Господовата заповед, потполно се откажале од себе си“- Свети Макариј Велики

 

Кога се отстранети сите спротивни мисли, тогаш завршува борбата за завладување на нашата волја и се создава одлучност да работиме за Господа и да се трудиме за нашето спасение. Оваа одлучност е силна како и самата смрт. Таа се изразува вака: дури и да умрам, нема веќе да му служам на гревот.

Св. Макариј говори за ваквата душа во која има вистинска одлучност: нејзе што и да ѝ направат, во какви и да е искушенија, таа сè претрпува и говори: и да умрам, нема да Го оставам Господа и нема да им угодувам на гревот и на непријателот.

Но, често тој ја изразува оваа одлучност како со колење на душата – колење на животните одредени за жртва, бидејќи ваквата одлучност е токму што и саможртвата, како сепаленица, пред Господа.

Ако телесниот човек одлучува кон изменување на себе си, тој најнапред умира духовно и станува бесплоден за својот поранешен лош живот.

За жртвите било пропишано тие да бидат земени од свештеникот, а откако настапувала смртта, да бидат исечени на парчиња, а потоа посолени и ставени на огнот, зашто, ако свештеникот не ја земал овцата и ја умртвил, таа не можела да биде посолена и да му биде принесена на Господа. Така и нашата душа, пристапувајќи кон вистинскиот Архиереј, Христа, требала да биде од Него заклана и умртвена за своето грешно мудрување и за својот лош живот, со кој живеела – со гревот и за гревот. И како што животот ја напушта жртвата, така и душата треба да ја напуштат лукавите страсти. Како што телото, кога од него излезе душата, умира и веќе не живее со својот земен живот, не живее како што живеело, не слуша и не оди, така, кога небесниот Архиереј Христос со благодатта на Својата сила ќе ја предаде на колење душата и ќе го умртви во неа животот за светот; таа умира за овој лукав живот што го живеела, таа веќе не слуша, не говори, не живее во гревовната темнина, зашто лукавството на страстите како и душата, по силата на благодатта излегуваат од неа. И апостолот извикува говорејќи: „За мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Гал. 6, 14).

За да ја истакне оваа вистина посилно пред нашето внимание, свети Макариј опширно говори за тоа, дека сите неуспеси во духовниот живот, сите паѓања и отпаѓања и морални неуспеси произлегуваат од недостигот на самозаборавната решеност да Му служиме на Господа со ослободување и оддалечување од сè.

Вистински се зборовите на Господа. Во духовниот живот напредуваат само оние, кои според Господовата заповед, потполно се откажале од себе си, ги намразиле сите телесни желби, врски, разоноди, задоволства и уживања, и пред своите духовни очи Го имаат само Единиот Господ и сакаат да ги извршуваат Неговите заповеди. Затоа, секој паѓа и се оддалечува од Бога по својата слободна волја, ако не сака вистински да се откаже од себе си, па, покрај љубовта спрема Бога и спасението на својата душа, се насладува со некакви задоволства и светски желби; нема сецела љубов кон Господа, колку е тоа можно за раздвижување на нашите возвишени желби и сакања.

А душата, која навистина се стреми кон Бога, која Го љуби само Него и спрема своите сили, со својата волја се приврзува само за Него, а за тоа ја добива и благодатта на Светиот Дух, се одрекува од себе си и не ги следи мислите на својот ум, затоа што е постојано со лукавиот дух, кој го измамува. Душата, штом Го возљуби Господа се избавува од ѓаволските мрежи со својата вера и со својата ревност и благодарение на помошта одозгора, се удостојува да го добие вечното царство. А возљубувајќи го вистински, со силата на својата слободна волја и со Божјата помош, нема да биде лишен од вечниот блажен живот.

Свети Макариј Велики

 

За Преминпортал: Т.С.