Свети Филарет Московски

Hristos.adam.jpgГолема корист е за секој човек ако Христос за него стане и негово срце и негов живот. И не само што е тоа добро за тој човек, туку е добро и за сите оние кои се во негова близина, оти секоја сила секогаш се наоѓа во средиштето и оттаму се шири, како бран, насекаде, и дејствува на се она што ќе му наиде на тој пат. И оној кој, најверојатно заради својата мрзеливост, се лишил себеси од вака голем дар Божји, тој си ускратува многу работи и на себеси и на другите заради тоа што Христос не е во него, во неговиот живот, и во неговото срце. Да Му се помолиме на Господ да стане срце за секој човек и да биде Живот на оние кои умреле за желбите на овој свет, а да биде смрт за оние во кои што сеуште живее стариот човек, свртен кон гревот. Да се помолиме тие луѓе, обземени со грев, да не шират лажен живот околу себе, ако веќе не сакаат да живеат во вистината.

Секој кој се жали на мрзеливост и на студенило во душата, би требало добро да погледне во себе, случајно во него да не влегла некоја од помислите кои влечат надолу наместо да го вознесуваат во височина. Таквите мисли секогаш се оние низ кои што присвојуваме нешто за себе, кога си припишуваме нешто за себе: успех во некоја работа, пофалби, забележување на недостатоците кај ближните и чувство на некоја наша супериорност над другите луѓе. Затоа да Му се помолиме на Господ, нека не искуша, нека не испроба, нека ни ги отвори очите да видиме дали сме на патот на беззаконието, а ако сме, да се помолиме и да се потрудиме да се упатиме кон патот на вечниот живот.

Ништо случајно не се случува. Сето она што ни се случува, се случува по Божја промисла. Сето она што ни се случува, се случува или како казна, или како поука. На светот има безброј луѓе кои се хипохондри и оние кои се со оштетен ум, они кои ги поднесуваат непријатностите на овој живот, а сепак, кои не се во состојба сами да се грижат за себе, нив ги чува Божјата промисла. И често се слуша прашањето, зошто е тоа така? Можеби е така оти во нив порано имало мноштво добри мисли и чувства, можеби затоа што пред таа болест направиле некое добро дело, па заради тоа не ги напуштила благодатта Божја, туку е така  и понатаму постојано во нив? Ако на непријателот на душата му бива допуштено да си игра со човечкиот живот, зарем  тоа не е затоа што порано во тој човек не биле постојани принципите на доброто, без кои нема благодат која го штити секого од нас? Токму  заради тоа оние кои би се нафатиле за службата на духовно просветлување, би требало добро да се замислат над тоа дали во секој момент доволно се грижат нивното учење да добие небесна помош во непрекидната борба против силите на мракот? Дали доволно им влегуваат во душата на оние на кои што им даваат совети? Дали нивните поуки навистина се спроведуваат во секојдневниот живот? Со ваквите мисли треба да се прибегне кон Бога и да се истрајува на тоа да ја зајакнеме во себеси ревноста кон сето она што е добро и душекорисно. Тоа, секако, би Му било поправилно, покорисно, и помило на Господа отколку да работиме на тоа несреќната смрт да ја прикриеме со свечен и раскошен погреб.

Не може да се побие вистината дека и во текот на денот можат да се видат ѕвездите, но тоа е можно од длабочината која мора да е тесна и стрмна, недостапна за сончевата светлост. Истото се случува и со секој од нас оти што е човек подлабоко во своето смирение, тое му е полесно да го види Небото.

На секој оној кој се труди заради своето спасение, би можело и би требало да му се каже: Нема потреба да ги дознаеш наднебеските тајни, не трагај по тоа да дознаеш што е сокриено, или она што се однесува на иднината. За спасение е неопходно да веруваш, да ги исполнуваш заповедите и постојано да си го чистиш срцето, а не да бидеш љубопитен. Опасно е да се сака да се дознае она што е сокриено, а уште поопасно да се настојува тие тајни да се откријат. По Божјата промисла нам ни се открива она што ни е потребно и секогаш во онаа мера во која можеме тоа да го сфатиме.

Нека е слава на Христа, Кој ни се јави во смирението на нашата природа, за да ни го покаже примерот на смирението. Он се роди во пештера, за да не тежнееме кон убавината на својата соба или ќелија, лежеше во јаслите за ние да не бараме мека постела, бил повиен во пелени за ние да сакаме проста облека, дојде како дете кое уште не умеело да зборува за ние да бидеме едноставни како деца, незлобиви и да не го покренуваме нашиот јазик кон празнословие. Нека ве прекрстат овие вистини, а нека ме прекрстат и мене, за што ги молам и вашите молитви.

Она што е горко не може да се заслади со горко, туку само со она што е слатко. Така и горките коментари не можат да се засладат со горки зборови. Кроткоста, трпението и љубовта не можат само да го засладат она што извира од горкиот источник, туку и самиот горчлив извор можат да го променат во сладок.

Ако нашата душа е подвргната на некакво лишување, Бог бара трпение и надеж за душата да се искуша и исчисти.


Извадок од “Поуки за духовниот живот“

Подготвил: Б.Ѓ.

Посети:{moshits}