ВОЛШЕБНИОТ ПОЈАС

Некој си брат живеел во општожитие во послушание и го сакале петте браќа, само еден не го сакал. Поради тој што не го сакал, братот решил да излезе од тој манастир и да премине во друг. Тука го засакале осумте браќа, а двајца го замразиле. Тој излегол и од овој манастир и влегол во трет, во кој пак седумте браќа го засакале, а петте не го сакале. Братот избегал и од таму. Потоа стигнал до некој друг манастир, и пред да влезе во него, седнал и си размислувал самиот: „Ако јас се повинувам на мојата помисла, нема да остане место на вселената за моите преминувања; поради тоа ќе си дадам ветување да трпам“.
Потоа тој земал хартија и си напишал прашања за самиот себе: „Ти излезе од неколку манастири затоа што не трпеше прекори и ропоти; во овој манастир ќе те мачат повеќе, дури повеќе од првите. Спомни си ги сите причини кои те принудиле да си отидеш од нив; сите тие причини ти ќе ги најдеш и во овој манастир, ќе можеш ли да истрпиш?“
Во одговор на тие прашања, тој напишал:
„Заради името на Исус Христос, Синот Божји, сѐ ќе истрпам“. Записот го свиткал во ролна и го ставил во својот појас и молејки се влегол во манастирот.
По некое време тој слушнал роптање на браќата кон него и се огорчил; тогаш го извадил записот и го прочитал во неа својот завет.
„Заради името на Исус Христос, Синот Божји, сѐ ќе истрпам“.
Притоа тој си зборувал на себеси:
„Ти си дал ветување на Господ, па сега од Него барај помош“.
На овој начин братот си наоѓал утеха.
Невидливиот непријател, кој бил зачуден од трпението на братот, им вметнал на другите монаси радознала помисла: да дознаат што почитува братот, па се смирува. Тие почнале да зборуваат:
„Дојдениот-монах е волшебник: прочитува нешто и се избавува од искушенија и возмутување“.

На крајот, тие отишле кај игуменот и му рекле:
„Ние не можеме да живееме со тој брат: тој е волшебник, носи во појасот нешто волшебно; ако сакаш него да го задржиш во манастирот, тогаш ние ќе си отидеме од тука“.
Игуменот бил духовно искусен. Знаејки го смирението на братот, тој разбрал, дека кажаното му го збореле од завист, вметната од ѓаволот, и поради тоа им одговорил на браќата:
„Одете, помолете се, и јас ќе се помолам, а по три дни ќе ви одговорам“.
Еднаш кога братот спиел, игуменот тивко му го разврзал појасот и ја прочитал белешката, потоа ја вратил на местото и му го врзал појасот.
После три дни монасите дошле кај игуменот и го прашале:
„Кажи ни, како ќе постапиш со волшебникот? Игуменот одговорил:
„Викнете го него тука“.
Кога братот дошол, игуменот му рекол:
„Зошто ти ги соблазнуваш браќата?“ Братот одговорил:
„Згрешив, простете ми и помолете се за мене„.
Игуменот обраќајки се кон браќата прашал:
„Во што и за што вие се жалите од него? Што тој направил?“
Монасите одговориле:
„Тој е волшебник, кај него во појасот има магија“.
Игуменот му рекол на братот:
„Покажи ја твојата магија“. Братот одговорил:
„Јас згрешив, простете ми“.
Игуменот рекол на тоа:
„Земете му ја неговата магија“.
Братот не давал да му го одврзат појасот, но тие успеале и ја извадиле записката. Записката отецот ја дал на ѓаконот и му кажал да ја прочита гласно на сите, зборувајки:
„да се посрами ѓаволот кој ги учи луѓето на магии“.
Кога беше прочитано она што било напишано во записката:
„Заради името на Исус Христос, Синот Божји, сѐ ќе истрпам“, и тогаш браќата се посрамиле. Тие се поклониле на игуменот до земја, зборувајки:
„Ние згрешивме, простете ни“.
Отецот им рекол:
„Зошто мене ми се поклонувате? Поклонете Му се на Бога, и поклонете се пред нозете на братот свој“.
А на братот му рекол:
„Помоли се за нив да им биде простен гревот“
И така, тој Му се помолил на Бога за браќата.

Свети Игнатиј Брјанчанинов

Извадок од:

КОЈ НЀ УКОРУВА, ТОЈ НИ ПОДАРУВА

Извор: Библиотека свети Гаврил Лесновски