Св. Тихон Задонски

Се случува да се соберат луѓе да завршат некоја работа, при што некого од нив да го фати мрза и да престане да се труди; тогаш другите му велат: а ти, зошто застана? Така и на почетник, којшто ќе ослабне во духовниот подвиг, може строго да му се каже: другите христијани се трудат во своето дело, а ти, зошто застана? Другите христијани од срце се каат и воздивнуваат поради своите гревови, а ти, зошто застана? Другите се подвизуваат против гревот, против ѓаволот, против светот и против страстите: а ти, зошто застана? Другите трудољубиво работат во лозјето: а ти, зошто застана? Другите внимателно се молат, бараат и чукаат на вратата на Божјото милосрдие: а ти, зошто застана? Другите сеат свое духовно семе: а ти, зошто застана? Другите се дарежливи и даваат милостиња: а ти, зошто застана? Другите им прават добро на своите ближни: а ти, зошто застана? Другите богатството, славата, честа и секоја световна суета ја презираат, и гледаат на вечното блаженство и кон него се стремат: а ти, зошто застана? Другите се смируваат пред Бога и пред луѓето: а ти, зошто застана? Другите итаат кон почести од висините: а ти, што гледаш, зошто застана и не одиш понатаму? Другите зборуваат за вечнниот живот: а ти, зошто застана и не зборуваш? Другите, одрекувајќи се од себеси, го земаат крстот свој и одат по Христос, му се уподобуваат по трпението, љубовта, кроткоста и смирението, и одат по Него во вечен живот, живот во која владее радост, веселба, сладост, чест, слава и вечно блаженство: живот во кој човек и Бог се гледаат лице в лице, живот во кој нема болести, тага и воздишки; живот во кој се слуша глас на радост и веселба, се слуша гласот на оние што празнуваат и се веселат, живот во кој се пее постојано и слатко: алилуја.

Таму каде што владее слатко и блажено пријателство со ангелите, таму одат следбениците Христови, како овците што го следат пастирот: Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене. И Јас ќе им дадам живот вечен, и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги отме од раката Моја, вели Господ (Јован 10:27-28). А ти, зошто застана? Зошто не брзаш во тоа спокојно, мирно и слатко место? Таму тргнале и влегле сите светии; влегле патријарсите, пророците, апостолите, светителите, мачениците, преподобните и сите оние коишто од векови веруваат и Му угодуваат на Бога, и живеат таму и се радуваат и се веселат, и го чекаат општото воскресение и совршенството на блажените, според вистинското Божјо ветување: ти, пак, зошто застана? Зошто не иташ таму? Тие нè чекаат, со голема желба и ние да стасаме таму. Нè чека и небесниот Отец, нè чека Оној Кој Својот Син заради нас не Го поштедил, туку Го предал на смртта; нè чека Оној Кој нè создал според Својот образ и подобие: нè чека да не ублажи со вечно блаженство во Своето царство. Зошто стоиме? Зошто дремеме? Зошто не одиме? Зошто не брзаме? Какво блаженство гледаме во овој свет? Каков спокој, мир и какво добро? Каква веселба и радост? Суета над суетите – сè е суета (Книга Проповедник 1:2). Страдање во градовите, страдање во селата, страдање во пустините, страдање на земјата, страдање на морињата, страдање од јавните, страдање од скриените непријатели, страдање од јазикот, страдање од рацете човечки, страдање од плотта и страдање од страстите што војуваат во душата, страдање од ѓаволот кој обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта (1 Петар 5:8); страдање од лажливци и измамници, страдање од блиските и од лажни браќа, страдање во целито свет. Целиот свет лежи во зло (1 Јован 5:19).



Што во светот не е поврзано со страдање, грижа и неволја? Богатството е поврзано со сиромаштво, славата со бесславие, честа со бесчестие, спокојството со неспокој, мирот не е без смут и метеж, љубовта е лицемерна, пријателството не е без подозрение, сладоста е претворена во горчина. Од секаде страв, од секаде стравување, подозрение, опасност и болка. Нема вистина, нема верност. Се намалија вистините од синовите човечки. Навистина, целиот свет лежи во зло. И што добро очекуваме од овој свет? Суета, сè е суета. Суета му кажува секој на ближниот свој; од дволично срце устите зборуваат лага (Псалм 11:2). Тешко мене! Моето туѓинување продолжува. О Исусе, сладост животна, радост и утехо на оние што Те сакаат! Кон Тебе, Кој живееш на небесата, ги кревам моите очи насолзени од оваа горчлива и плачна земја: земи ме при Тебе!... 
Да потрчаме таму кадешто е живеалиштето на оние што се радуваат.

Ги кревам очите мои кон Тебе, Кој живееш на небесата. Ете, како што се очите на слугите свртени кон рацете на господарите нивни, како очите на слугинката – кон раката на господарката нејзина, така и нашите очи гледаат кон Господа, нашиот Бог, сè додека не се смилува. Смилуј се на нас, Господи, смилуј се, зашто многу сме понизени со презир: зашто се преполни душата наша од навреди на силните и од понижувања на горделивите (Псалм 122:2-4).

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети: {moshits}