plava.slika.jpg


Св. Игнатиј Брјанчањинов, Аскетски огледи


Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие (Битие 1:26)  таинствено се посоветувал во Самиот Себе и со Самиот Себе Бог Троица пред создавањето на човекот.

Човекот е образ и подобие Божјо. Бог, непристапен во Својата величина и поголем од секој образ, го покажал Својот образ во човекот, го покажал Својот образ јасно и во слава. Така сонцето го покажува својот лик во смирена капка вода. Човековата суштина, неговата најголема сила, со која се разликува од сите живи суштества на земјата, суштина според која е еднаков на ангелите, значи  неговиот дух, е образ Божји. Човековиот непорочен дух е подобие Божјо, а Бог, цртајќи го со семоќната десница Своето подобие врз човекот, останува надвор од секое подобие и надвор од секое споредување.

Колку е прекрасно и полно со разновидно достоинство и разновидна убавина тоа битие наречено човек?!
Заради него Создателот ја создал сета видлива природа; сета таа природа е предодредена да му служи нему, сета таа природа е негова чудесна околина.
Кога Создателот ги извлекувал сите останати созданија од непостоење во битие, Му било доволно тоа што ја изговарал Својата семоќна заповед. А кога посакал да го доврши делото на светот со создавањето на најубавиот, најсовршениот дел, Тој пред тоа создавање се советувал.
Неизмерната материја, несогледлива и неизбројливо многулика, создадена пред човекот, била  ќе кажеме конкретно и со право  привремено создавање.

Така земниот цар го уредува и го украсува прекрасното жиевалиште за во него да го внесе својот лик.
Царот над царевите и Бог над боговите ја подготвува сета видлива природа, сè што оди со неа, сета видлива чудесна убавина. Потоа во тоа живеалиште го става, како крајна причина на сè, Својот образ.

Кога го доврши светот, а пред создавањето на човекот, Бог го погледна она што го беше создал, и виде дека е добро: И виде Бог дека е добро (Битие 1:25).

По создавањето на човекот, Бог повторно го погледна сето она што го беше создал, и виде дека Неговото создание е прекрасноо, целосно, совршено. И видеБог дека е многу добро сè она што го беше создал (Битие 1:31).

Човеку, покажи го своето достоинство!

Погледни ги ливадите и нивите, големите реки, бескрајните мориња, раскошното цвеќе, сите ѕверови и животни на земјата, сите ѕверови и риби во водата, погледни ги ѕвездите, месечината, сонцето, небото: сето тоа е заради тебе, сето тоа е предодредено тебе да ти слуи.

Освен светот што го гледаме, постои и свет невидлив за телесните очи, неспоредливо подобар и поубав од видливиот. И невидливиот свет е заради човекот.

Колкаво почитување искажал Господ спрема Својот образ! Колкава возвишена цел му  предодредил! Видливиот свет е само подготвително предворје коешто води во живеалиштето Божјо, неспоредливо поубаво и поголемо. Тука, како во предворје, образот Божји треба да се украси  со завршни црти и бои за во најгоема мера да стане сличен на својот пресвет, надсовршен Изворник, за да може со убавината и достоинството на таа сличност да влезе во онаа одаја во која Иворникот присуствува непојмливо, како да ја ограничува својата ограниченост за да се покаже себеси на Своите сакани разумни битија.

Ликот на Бог Троица е човек троица.
Три лица во човекот се трите сили на неговиот дух, три пројавувања на неговото постоење. Нашите мисли и духовните чувства го покажуваат постоењето на умот, но тој, така очигледен во сите форми на своето искажување, воедно останува и сосема невидлив и недофатлив.

Светото Писмо и делата на светите отци понекогаш душата ја нарекуваат и дух, а понекогаш духот го нарекуваат посебна сила на душата. Таа сила на душата отците ја нарекуваат словесност или сила на словесноста. Ја делат на три поединечни сили: ум, мисла или слово, и дух. Ум тие го нарекуваат самиот извор, самиот почеток на мислите и на духовните чувства. Дух, во тоа посебно значење, ја нарекуваат способноста за духовно чувствување. Во отечките дела словесната сила, или духот, често се нарекува и ум; често со умови се нарекуваат и создадените духови. Целината го добива името врз основа на главниот дел.

Самата суштина на нашата душа е образ Божји. И по падот во грев, душата останува образ Божји! И грешна душа, фрлена во пламенот на пеколот, во самиот пламен на пеколот, останува образ Божји! Така учат светите отци.      

Нашиот ум е образ на Отецот; нашиот збор, нашето слово (неискажаниот збор обично го нарекуваме мисла) е образ на Синот; духот е образ на Светиот Дух.

Како што во Троица трите лица неслеано и неразделно сочинуваат едно Божјо битие, така и во човекот-троица трите лица сочинуваат едно битие, не мешајќи се меѓусебно, не слевајќи се во едно битие, и не разделувајќи се на три битија.

Нашиот ум раѓал и не престанува да рага мисла; родената мисла не престанува повторно да се раѓа, и воедно останува родена, скриена во умот.
Умот не може да пости без мисла, а ниту мисла без умот. Почетокот на умот неизбежно е и почеток на мислата, постоењето на умот неизбежно е и постоење на мислата.
Исто така и нашиот дух исходи од умот и ја потпомага мислата. Токму затоа секоја мисла има свој дух, секој начин на мислење има свој особен дух, секоја книга има свој сопствен дух.
Нема мисла без дух; постоењето на мислата неизбежно е проследено со постоење на духот. Во постоењето на едното и другото се гледа постоењето на умот.
Што е човековиот дух? Вкупност на чувствата на срцето коишто ì припаѓаат на словесната и бесмртна душа, туѓи на душите на животните и на ѕверовите.

Човековото срце се разликува од срцата на животните според својот дух. Срцата на животните имаат свои чувства коишто зависат од крвта и од нервите, но немаат духовни чувства  онаа црта на Божјиот образ којашто единствено ја има човекот.
Човековата морална сила е неговиот дух.

Нашиот ум, зборот и духот, според едновременоста на својот почеток и според своите взаемни односи, се само образ на Отецот и Синот и Светиот Дух, совечни, собеспочетни, еднакви според честа, истородни според природата.
Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот  објавил Синот: Јас сум во Отецот, и Отецот е во Мене (Јован 14:9,10). Истото може да се каже и за човековиот ум и за неговата мисла: умот, невидлив сам по себе, се открива во мислите; ако си ја запознал мислата, си го запознал умот кој ја произвел таа мисла.

Господ го нарекол Светиот Дух Сила од висините (Лука 24:49), Дух на Вистината (Јован 14:17); Вистината е Синот. Својство на сила има и човековиот дух; тој е и дух на човековите мисли, без оглед дали се вистинити или лажни. Тој се појавува во тајните движења на срцето, и во мислењето, и во сè што човек прави. Преку човековиот дух се откриваат и неговиот ум и мислењето; духот на секоја постапка ја открива мислата со која човекот се раководи во таа своја постапка.

Својот образ милостивиот Господ го украсил и со Свое подобие. Образот Божји е самата суштина на душата; подобијата се својства на душата
Новосоздадениот образ Божји  човекот  слично на Бога, бил бесконечен, премудар, добар, чист, непропадлив, свет, далечен за секој гревовна страст, секоја грешна помисла и чувство.

Вешт уметник прво ја слика формата, цртите на оној образ (лик) чиј портрет го прави. А кога точно ќе ги прикаже цртите, тој на ликот му ги дава бојата и колоритот на оригиналот, и со тоа ја усовршува сличноста. Кога Бог го создавал Својот образ (лик), Тој го украсил со Свое подобие; на Божјиот образ му е својствено да ги има сите сличности со Бога. Во спротивно, образот би бил фаличен, недостоен на Бога, не би ја исполнувал својата предодреденост, не би соодветствувал на својата определеност.

Оф! Оф! Плачете небеса! Плачи сонце, плачете сите ѕвезди; плачи земјо, плачете сите суштества небесни и земни! Плачи сета природо! Плачете свети ангели! Ридајте горко, неутешно! Облечете се, како во облека, во длабока жалост. Се случи несреќа, несреќа, се случи нешто на коешто сосема му прилега да се нарече несреќа: образот Божји падна!

Образот Божји уживал почитување од неограничената Божја власт како отворен, жив цвет на Божјото подобие, но тогаш го соблазнил веќе паднат ангел, и тој, мрачен, се препуштил на мислата и на духот на отецот на лагата и на секое зло. Се препуштил така што се одвоил од волјата Божја. Со тоа го изгонил од себе Духот Божји, го изопачил подобието Божјо, самиот образ го направил непотребен.
Несреќата на падот живо и точно ја прикажал проповедникот: Кривото не може да се исправи, и она што го нема, не може да се брои (Проповедник 1:15).

Растројството на образот и на подобието секој може лесно да го забележи во самиот себе. Убавината на подобието, којашто ја сочинуваат сите добродетели заедно, се осквернети од мрачните и смрдливи страсти. Цртите на образот ја изгубиле својата правилност, својата меѓусебна хармоничност: мислата и духот се борат меѓусебно, не сакаат да го слушаат умот, се креваат против него. Самиот тој е во постојано недоумение, во страшна помраченост којашто Го заклонува Бога и светиот, непогрешлив пат кон Бога.

Ужасното измачување го следи растројувањето на образот и подобието Божјо. Ако човекот внимателно, во осаменост, долго и постојано гледа во себе, ќе се увери дека тоа измачување не престанува, дека се пронаоѓа или се затскрива, зависно од тоа дали расејаноста го ублажува малку или многу.

Човеку! Твојата расејаност и твоите веселења само ја покажуваат маката присутна во тебе. Бараш да ја задушиш со трошка бучна забава и со постојана расејаност. Несреќнику! Штом ќе настапи миг на трезвеност, ти се осведочуваш дека маката, којашто си настојувал да ја уништиш со помош на расејаноста, живее во тебе. Расејаноста е нејзина храна, средство за јакнење: здивнувајќи во сенката на расејаноста, маката се буди со нови сили. Таа во самиот човек е живо сведоштво коешто му сведочи дека паднал.  

(Продолжува)

 Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети: {moshits}