Ние бевме мачени од лута болест, од силна треска, и лежевме не на постела, туку среде злото, потопени во безверие како во ѓубре, прекриени со рани, смрдливи, грозни, истоштени; повеќе (личевме на) статуи, отколку на луѓе; зли демони нè опкружуваа, кнезот на овој свет нè исмеваше и нè напаѓаше. Ни дојде Единородниот Син Божји, ги распростри зраците на Своето присуство – и веднаш ја изгони темнината; ни дојде Царот, вечно важниот на престолот на Отецот, слезе од престолот на Отецот (а кога велам: слезе, не помислувај на промена на место, зашто Тој небото и земјата ги исполнува – ова го велам само во однос на домостројот, промислата Божја); му дојде на непријателот, кој Го мрази, бега од Него, не може да Го види, секојдневно хули на Него.

Виде дека непријателот лежи во ѓубре, разјаден од црви, окован од грозница и глад, потчинет на секакви болести. И грозница го мачеше – тоа е похотата зла; и од воспаление страдаше – тоа е гордоста; и таканаречената кучешка глад го тиштеше – тоа е страста за стекнување; и гнилежни рани го покираа – тоа е блудот; и слепило на очите – тоа е идолопоклонството; и глувост и лудило – тоа е обоготворувањето на камења и дрва, и зборувањето со нив; и голема грозотија – тоа е безверието, т.е. нешто многу одвратно, најтешка болест. Виде дека ние зборуваме полудо од оние што се бесни, и дека дрвјата и камењата ги нарекуваме богови; нè виде во такво безверие, – и не се згади од нас, ниту се огорчи, ниту се одврати, не нè намрази. Оти Тој е Создател, затоа и не го намрази Своето создание.

Туку, што да прави? Како најдобар лекар, Тој приготвува скапоцени лекарства и прв Самиот Тој ги пробува: Тој прв ја исполни добродетелта, и на тој начин и нам ни предаде. И за прво лекарство, како некој противотров, ни го даде Крштението, со кое се ослободивме од секое зло – и наеднаш сè помина: воспалението заврши, треската прекина, трулежните рани се исушија. Сè што се раѓа од желбата за стекнување, и од гневот, и од секое друго зло е истребено од Духот; очите се отворија, слухот се отвори, јазикот почна да зборува добро, душата доби сила, телото прими убавина и таква боја, каква што и Му приличи на Синот Божји, роден од благодатта на Духот – таква слава, каква што и приличи на царевиот син, роден и израснат во порфира.

О, какво благородништво ни е дарено нам, а ние остануваме неблагодарни кон својот Возљубител! Ние (повторно) сме родени, воспитани, обдарени – зошто повторно се оддалечуваме од Добротворот? Оној Кој го направи сето ова, секако, дава и моќ; инаку ние, потчинети на болеста, не би можеле да ја поднесеме, кога Тој не би ни дал и моќ. Тој ни даруваше и простување на гревовите, а ние го отфрливме тој дар; Тој ни даруваше и богатство, а ние го потрошивме, сè раскрчмивме; ни даруваше и сила, а ние ја истоштивме; ни даруваше благодат, а ние ја згаснавме. На кој начин? Ја расеавме на сенешто непотребно, ја употребивме за сосем некорисни нешта. Токму тоа и нè упропасти, а најмногу од сè тоа што, наоѓајќи се во туѓа земја, и хранејќи се со корења не велиме: „да отидеме при татка си и да му речеме: »Оче, згрешивме против небото и пред Тебе«“ (Лк. 15,18), иако имаме Отец Кој толку нежно нè љуби, и силно го посакува нашето враќање.

Само кога би престанале со безверието, само кога би Му се вратиле Нему – Тој не би нè прекорувал за минатите гревови. Да се вратиме само; враќањето е веќе доволно за да бидеме оправдани. Но, што велам јас: не би нè прекорувал? Не само што нема да нè прекори, туку ако и други нè прекорат, Тој би им ја затворил устата, па макар и нивната намера да била и добронамерна. Да се вратиме, значи. До кога ќе стоиме далеку од Него? Да го осетиме своето безверие, да ја осетиме својата бедност: безверието прави свињи од нас, безверието ја гони душата со глад. Да влеземе во себе повторно. Да се вразумиме, и да се вратиме кон претходното благородништво.

 31-ви јануари, лето Господово 2014

 

  Извор: Кумановско- осоговска епархија