Св. Јован Дамаскин 

 Поглавја 1 – 6

markov.freskopis7.jpg
 

Господа мои, бидете снисходливи спрема оној што моли, и примете го од мене, непотребниот и најмалиот слуга на Црквата Божја, словото за она што е сосема вистинито. Бог ми е сведок дека кон словото не пристапив заради слава или за да покажам дека нешто вредам – туку од ревност за вистината. Зашто, единствено неа [ревноста] ја има како надеж за спасение, и се надевам и посакувам со неа да се сретнам со Господ Христос, нудејќи Му ја како умилостување за срамните гревови што сум ги направил. Зашто, еден, примајќи од Господа пет таланти, ги вратил со други пет што ги спечалил; и оној што примил два, ги вратил со уште два такви таланта; оној, пак, што примил еден талант и го закопал во земја, го направил неплоден, и затоа е наречен непотребен и мрзелив слуга и е осуден на крајна темнина (Матеј 25:14-30).
 
Плашејќи се и самиот да не минам така, се покорувам на заповедта Божја и вам, благоразумни купувачи, ви го предлагам талантот за словото, што ми е даден од Него, така што мојот Господ, кога ќе дојде, да го најде неколкукратно умножен и плодоносен - да дава духовна полза, и откако ќе најде дека сум Му верен слуга, да ме воведе во посакуваната и најслатката Своја радост. Послушајте ме внимателно и наместете ги масите на вашите срца за да го примите моето слово и на вистински начин испитувајте ја силата на кажаното. Ова второ слово за светите икони го составив поттикнат од апелите на некои од чедата на Црквата, зашто првото слово на многумина им беше неразбирливо. И така, исполнувајќи го својот долг на послушание, ве молам да покажете благонаклонетост и спрема ова [слово]. 
 
Возљубени! Завидливата змија (мислам на ѓаволот), причинител на сите зла, има обичај на разни начини да војува против човекот, создаден според Божјиот образ, и да му нанесува смрт со лукави стапици. Зашто, истиот оној миг, кога во почетокот му ја всадил надежта и желбата да стане Бог, ѓаволот го турнал човека во смрт на бесловесните.
 
Многупати го имамил со срамни и недолични задоволства. А колку е голема разликата меѓу божествената состојба [којашто ѓаволот му ја ветил на човекот] и неразумната похотливост? И час го наведувал на безбожие, како што вели богоотецот Давид: Рече безумниот во срцето свое: нема Бог (Псалм 13:1); а час го вовлекувал во многубожие; час го наговарал да не му се поклонува на Оној Кој по Својата природа навистина е Бог, а веднаш потоа го наведувал да им се поклонува на демоните; уште го беше научил да им се поклонува и на небото и на Земјата и на Сонцето и на Месечината и на ѕвездите и на останатото создание, сè до поклонување на животни и на лазачи. Зашто, подеднакво е лошо: да не Му се укажува должна чест на Оној Кој е достоен за почитување, или, пак, почитувањето да им се укажува на оние коишто се недостојни за честа. Некои, пак, ги научил дека злото е совечно со Бога. Некои други ги измамил и ги наговорил со своја уста да исповедаат дека Бог е причинител на злото. Едни ги довел во заблуда, така што почнале неразумно да тврдат и да проповедаат едно лице и една природа на Божеството; други, пак, ги измамил така што почнале незаконито да веруваат и да проповедаат три лица и три природи; на некои им наложил да прославуваат едно лице и една природа на нашиот Господ Исус Христос, Кој е еден од Света Троица; на некои, пак - две природи и две лица Негови. 
 
Вистината, пак, одејќи по среден пат, сите тие грди нешта ги отфрла и нè учи да исповедаме еден Бог и една природа во три Личности: во Отецот, во Синот и во Светиот Дух; злото, вели вистината, нема свое постоење, не е сушто, туку е нешто случајно: некоја мисла или збор или дејство спротивно на Божјиот закон; суштината на злото е во тоа што се мисли, што се говори или што се прави, и истиот миг кога тоа престанува, исчезнува и самото зло.
 
Вистината уште ни благовести дека Христос е еден од Света Троица, дека има две природи и дека е – едно Лице.
 
Меѓутоа, демонот, вистинскиот непријател, кој со злоба се однесува спрема луѓето и спрема нивното спасение, многупати ги измамил не само паганите, туку и синивоте Израилеви, наведувајќи ги да направат ликови на пропадливи луѓе и птици и ѕверови и лазачи (Римјаните 1:23; Језекиил 8.10) и да им се поклонуваат како на богови; сега со истата измама настојува да ја збуни Црквата Христова - којашто сè до сега живеела во спокој и во мир - преку безбожни усти и лукав јазик, коишто божествените зборови ги измешаа со порок, сакајќи да ги прикрие [тие зборови] со неговиот одвратен и мрачен изглед и да ги одвои лакомите срца од вистинскиот обичај, [што ни е] предаден од страна на отците. Имено, некои се побунија и рекоа дека за созерцување и славење, за восхитување и за натреварување не доликува да се сликаат и прикажуваат ликови и сцени од спасоносните Христови чуда или од подвизите на светиите извојувани против ѓаволот. И кој од оние што владеат со божествено знаење и со духовна проникливост не забележува дека се работи за ѓаволска заповед? Зашто, [ѓаволот] не сака да се обелоденат неговиот пораз и посрамотувањето, но не сака ниту да биде насликана славата Божја и славата на Неговите светии.
 
Во случај да го сликаме ликот на невидливиот Бог, навистина би згрешиле, зашто е невозможно со слика да се претстави бестелесното и невидливото и она што не може да се опише и што е без облик. И повторно: кога би ги сликале луѓето и би ги сметале за богови, служејќи им како на богови, навистина би постапиле нечестиво. Меѓутоа, ние не правиме ништо од сето тоа. Зашто, откако Бог, заради Својата неискажлива добрина, примил тело и се јавил на земјата и живеел меѓу луѓето (Варух 3:38), и ги примил природата и големината и обликот и бојата на телото, ние, претставувајќи го Неговиот лик, не грешиме, зашто силно сакаме да го видиме Неговиот образ; затоа што, како што вели божествениот апостол, сега гледаме нејасно како во огледало (1 Коринтјаните 13:12). Сликањето, всушност, е гледање во огледало и насетување, сообразно со возвишеноста на нашето тело. Умот и по напорните напрегања не е во состојба да се издигне над границите на телесното.
 
О, омразата доаѓа од тебе, завидлив ѓаволу, зашто ни завидуваш што го гледаме ликот на нашиот Господ и преку него се осветуваме, за преку тоа осветување да ги спознаеме и разбереме Неговите спасителни страдања и да се восхитуваме на Неговата снисходливост, да ги спознаеме Неговите чуда и да ја прославиме силата на Неговото Божество. Ти им завидуваш и на светиите заради честа, којашто ја примиле од Бога. Ти не сакаш да ја гледаме насликана нивната слава и да станеме подражувачи на нивната смелост и на нивната вера. Нема да ти се повинуваме тебе, завидлив демону и човекомразецу! Слушнете, народи, племињам, пагани, мажи, жени и деца, стари и млади и младенци, свет народу христијански! Ако некој ви проповеда спротивно на она што вселенската Црква го примила од светите апостоли, отци, Собори и сè до денес го сочувала, не слушајте го и не прифаќајте го советот на змијата, како што тоа го направила Ева и пожнеала смрт (Галатјаните 1:8, 9; Битие 3:1). И ако Ангел или цар ви благовести и проповеда поинаку од она што веќе сте го примиле, затнете си ги ушите. Зашто јас, очекувајќи подобрување, се плашам да го кажам она што го кажал апостолот: нека биде анатема! (Галатјаните 1:8) 

 

 

 Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети:{moshits}