пролог
Кажувањето кое ни претстоеше за даровите што Бог во почетокот им ги поклонил на луѓето по сопствена желба, укажувајќи им на примерот на отстапувањето од верата го
изложивме на навистина достоен начин. А сега, по љубовта Божја кон сите свети, дојдовме до изворот на преданието што достојно го задобиваме во Црквата,
со цел добро подготвените луѓе да го зачуваат преданието запазено за нас до нашево време, па, знаејќи го, и ќе живеат во најголема скромност. Тие што не знаат, грешат или паѓаат во заблуда. Но, на тие што цврсто веруваат Духот Свети им дава совршена
благодат, со цел тие што стојат на чело на Црквата да знаат како треба да се предава и да се чува сè.
2. за епископите
За епископ да се поставува тој што е избран од целиот народ, па кога ќе биде именуван и одобрен од сите, нека се собере заедно со презвитерите и присутните епископи во
Господовиот ден. Епископите, според согласноста на сите, да положат раце на него, а презвитерите нека стојат молчејќи. Сите нека молчат и нека се молат во срцето за слегување на Духот. После прозбата на сите, еден од присутните епископи нека се моли со овие зборови, положувајќи ја раката на тој што се посветува во епископ:
3. молитвата за посветување во епископ
Боже и Оче на нашиот Господ Исус Христос, Оче на милосрдието и Боже на секоја утеха, Кој престојуваш во висините и погледнуваш на смирените и сите ги знаеш уште
пред да добијат битие; преку словото на својата благодат Ти си дал устави во Црквата, од почетокот предодредувајќи го родот на праведните од Авраама, назначувајќи ги кнезовите и свештениците и не оставајќи го своето светилиште без служители. Ти што од почетокот на вековите си благоволил да се јавиш во тие што си ги избрал, излеј сега од Твојата сила, од првопочетниот Дух, предаден од Тебе на Твојот возљубен Син
Исус Христос, Кого Тој им го даде на светите апостоли што ја основаа Црквата што Те слави Тебе со бесконечна слава и го велича името Твое во секое место. Оче, познавачу на срцата, дај му на овој Твој слуга, избран од Тебе за епископство, да го
пасе Твоето свето стадо и беспрекорно да го пази пред Тебе првенството на свештенството служејќи Ти ден и ноќ, ден и ноќ непрестајно да го смилостивува Твоето лице и да принесува дарови од Твојата света Црква и преку благодатта на Духот,
Кој го удостоил за првенство во свештенството, да има власт да отпушта гревови според Твојата заповед, и да ги застапува избраните, согласно со Твојата повелба, како и да разрешува од секаква врзаност, со власта што си им ја дал на апостолите,
и да Ти угодува во кротост и чистота на срцето, принесувајќи Ти благомирисни молитви, со помошта на Твојот Син Исус Христос, преку Кого кон Тебе слава и сила и чест, на Отецот и Синот со Светиот Дух, сега и во вековите на вековите. Амин.
4. за евхаристијата
На произведениот во епископите сите да му пристапуваат со бакнеж на мирот, поздравувајќи го зашто се удостоил за тоа. Ѓаконите да ја принесуваат жртвата до него, а тој, положувајќи ја на неа раката заедно со сите презвитери, да говори вознесувајќи благодарност:
„Господ со вас”.
И сите да одговараат:
„И со твојот дух”.
„Горе да ги имаме срцата”.
„Да ги имаме кон Господа”.
„Да му благодариме на Господа”.
„Достојно е и праведно”.
И тој веднаш да продолжува вака:
„Ти благодариме, Боже, преку Твојот возљубен Син Исус Христос, Кого си ни Го пратил во последните времиња како Спасител, Искупител и Гласник на Твојата волја, Кој е
Слово неодделиво од Тебе, преку Кого сè е створено според Твојата желба, Кого си Го испратил од небесата во утробата на девојката и Кој, бидејќи беше зачнат во утроба, се воплоти и се покажа дека е Твој Син, роден од Духот Свети и од девојката.
Исполнувајќи ја Твојата волја и создавајќи Ти свет народ, ги простре рацете за тие што веруваат во Тебе да гиослободи од страдањата.
Тој, доброволно предавајќи се на страдање за да ја сотре смртта и да ги скине оковите на ѓаволот, да го испразни адот и да ја покаже светлината на празниците, да ја закова
пресудата и да го објави воскресението, откако зеде леб и Ти заблагодари рече: ‘Земете, јадете, ова е Моето тело, кое се
прекршува за вас’. Исто така и чашата, велејќи: ‘Ова е Мојата
крв, која се пролева за вас. Кога ќе го правите ова, правете го
во Мој спомен.’
И така, спомнувајќи си за Неговата смрт и воскресението,
Ти принесуваме леб и чаша, благодарејќи Ти за тоа што
си нè удостоил да застанеме пред Тебе и да Ти служиме.
И молиме да го испратиш Духот Твој свет над приносот
од светата Црква. Во едно собирајќи ги, дај им на сите што се
причестуваат со светињата да се исполнат со Дух Свет за утврдување
на верата во вистина, па да Те фалиме и прославуваме
преку Твојот Син Исус Христос, преку Кого кон Тебе слава и
чест, на Отецот и Синот со Светиот Дух во Твојата света Црква,
сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.”
5. за принесувањето масло
Ако некој принесува масло, по примерот на принесувањето леб и вино, не се обраќа со збор, но со исто такво достоинство вознесува пофалба, велејќи:
„Боже, осветувајќи го маслово, дај им здравје на тие што имаат потреба и го примаат. Како што си ги помазувал царевите, свештениците и пророците, така маслово на сите што вкусуваат да им даде поткрепа, како и здравје на тие што имаат
потреба од него.”
6. за принесувањето сирење и маслинки
Исто така, ако некој принесе сирење и маслинки, нека говори вака: „Освети го ова млеко што се засирило и освети нè нас, сврзувајќи нè со Својата љубов. Направи овој маслинов плод, кој се јавува како образец на Твоето изобилство што штедро го источуваш од дрвото за живот на тие што се надеваат на Тебе, да не се оддалечи од Твојата сладост”.
При секое благословување, пак, треба да се кажува:
„На Тебе слава, на Отецот и Синот со Светиот Дух во светата
Црква, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.”
7. за презвитерите
Кога некого посветуваат во презвитерите епископот да полага раце на неговата глава, до која се допираат исто така и презвитерите, и да говори во согласност со понапред
кажаното кога зборувавме за епископот, молејќи се и велејќи:
„Боже и Оче на нашиот Господ Исус Христос, погледни на овој Твој слуга и дај му дух на благост и презвитерски (старечки) совет за да го помага и управува Твојот народ со чисто срце, слично на тоа како што Ти си се грижел за својот избран народ заповедајќи му на Мојсеја да избере старешини што си ги преполнил со Духот Твој, Кој си му го дал на Твојот служител.
Господи, и сега пројави го духот на Твојата милост, непорочно запазувајќи го во нас, и направи нè достојни со вера да Ти служиме во простота на срцето, прославувајќи Те преку Твојот Син Исус Христос, преку Кого кон Тебе слава и сила на Отецот и Синот со Светиот Дух во светата Црква, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.”
8. за ѓаконите
Кога посветуваат ѓакон, тој да се избира на ист начин како што беше кажано погоре – само еден епископ да полага рака, како што напишавме понапред. При посветувањето на ѓакон да полага рака само еден епископ, бидејќи не се посветува за свештенство, туку за служење на епископот, да го исполнува тоа што овој му заповеда.
Навистина, тој не учествува во советот на клирот, туку се грижи и му соопштува на епископот што треба да се прави: тој не го добива духот што е заеднички за презвитерите кои се учесници во него, туку го добива оној дух што му се доверува под власта на епископот. Ете зошто епископот сам посветува ѓакон. А на презвитерот полагаат раце и презвитерите заради заедничкиот дух што му одговара на клирот.
Меѓутоа, презвитерот има право само да го добива тој дух, а да го дава нема право. Затоа клирот не посветува; а посветувањето на презвитерот се запечатува кога посветуваепископот. При посветување на ѓакон да се говори:
„Боже, Кој преку Словото си створил и подредил сè, Оче на нашиот Господ Исус Христос, Кого си Го испратил да ја исполни Твојата волја и да ни ја објави Твојата намера, подари го Светиот Дух на благодатта, ревноста и усрдноста на Твојот слуга што си го избрал да и’ служи на Твојата Црква и да го принесува тоа што достои да се принесува во светоста на Твојот олтар, според наследството на Великиот првосвеш-
теник, и служејќи непорочно, беспрекорно и чисто, а исто така со светол ум, да биде достоен според Твојата волја за овој голем и висок чин, за да Те фали и прославува преку Твојот Син Исус Христос, нашиот Господ, преку Кого кон Тебе слава
и сила и пофалба со Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.”
9. за исповедниците
А на исповедникот, ако бил окован за името Господово, да не се положува рака ни за ѓаконство ни за презвитерство. Зашто тој веќе ја има честа од презвитерството по силата на своето исповедништво. А ако тој се посветува во епископ, тогаш
на него нека се положува рака. А ако исповедникот не бил приведен од власта и не бил
окован, ниту бил фрлен в затвор, ни казнет со друга казна, туку само случајно бил казнет за името на нашиот Господ и бил ставен само во домашен притвор, а ја исповедил верата, ако е достоен за некаква служба, на него да се положува рака.
И епископот да вознесува благодарност во согласност со тоа што го напишавме. Воопшто не е потребно да ги повторува истите зборови што ги кажавме погоре и да ги
учи напамет, вознесувајќи Му благодарност на Бога, туку секој нека се моли според своите можности. Добро е ако е некој способен да се помоли со долга и возвишена молитва. Но ако некој, молејќи се, вознесува умерена молитва во согласност со утврдениот образец, да не се противите. Доволно е неговата молитва да биде здрава и правилна во учењето.
10. за вдовиците
Вдовицата при нејзиното назначување не се посветува, туку се избира по име. Ако нејзиниот маж умрел одамна, нека биде назначена. А ако мажот и’ умрел неодамна, тогаш тоа не треба да и’ се доверува. Но, ако е стара, да се стави на испит
за некое време. Зашто често пати страстите се вкоренуваат во оној што им остава место во себе. Вдовицата да се назначува само со збор и да се присоединува кон останатите. На неа не се полага рака, бидејќи таа не принесува жртва и нема литургиска служба. Посветувањето се извршува над клирици заради литургиско служење, а вдовицата се назначува заради молитва, а тоа е работа на сите.
11. за чтецот
Чтец се назначува кога епископот му врачува книга, а рака на него не се полага.
12. за девственицата
На девственица не се полага рака, зашто само нејзината изјава ја прави неа таква.
13. за ипоѓаконот
На ипоѓакон не се полага рака, туку тој се наименува, затоа што му помага на ѓаконот.
14. за исцелителните дарови
Ако некој вели: „Јас во откровението се здобив со дар на исцелување”, на таквиот да не се полага рака. Зашто во пракса ќе се покаже дали кажал вистина.

 (продолжува)

apostolsko.predanie.jpg

Предговор и превод од руски: Презвитер Игор Калпаковски

Издавач:
списание ПРАВОСЛАВЕН ПАТ
За издавачот:
Методиј
Митрополит Американско-канадски

o.igor.krst3.jpgАПОСТОЛСКО ПРЕДАНИЕ од Свети Иполит Римски