Kardiotissa_15e
За Богородица – Св. Силуан Светогорец (1866-1938)

Kardiotissa_15eМајката Божја никогаш не погрешила ниту со една своја мисла и никогаш не ја губела благодатта, но и таа поднела големи маки овде, на земјата. Нејзината болка, додека седела под крстот, била безмерна како океан, а нејзините душевни страдања биле неспоредливо поголеми од оние на Адама после протерувањето од рајот, затоа што и љубовта на Мајката Божја била неспоредливо поголема од Адамовата љубов во рајот. Таа можела да ги издржи сите тие страшни страдања само затоа што ја крепела силата Господова. Господ сакал таа да го види и Неговото воскресение, та по вознесението да остане како утеха и радост на апостолите и штотуку родените христијани.

Ние не можеме да го достигнеме совршенството на љубовта на Мајката Божја и затоа не можеме да ја сфатиме нејзината болка. Љубовта на Мајката Божја била совршена. Таа бескрајно го љубела Својот Син и Бог, а исто така ги сакала и луѓето. Што се’ преживеала, кога луѓето, кои толку многу ги љубела и на кои им сакала се најдобро, Го распнале нејзиниот драг Син? Ние ова не можеме да го разбереме, затоа што малку го љубиме Бога и ближните.

Многу чуда и дела на мислоста сум видел од Господ и Божјата Мајка. Еднаш, како млад послушник, се молев пред иконата на Мајката Божја и Исусовата молитва се всели во моето срце и почна сама од себе да се врши. Еднаш, пак, во црква за време на читањето од светиот пророк Исаија кај зборовите: Измијте се и очистете се (Ис. 1,16) помислив: „Можеби и Мајката Божја некогаш згрешила, макар само и со мисла“. И гледај, во срцето заедно со молитвата почуствував јасен одговор:„Мајката Божја никогаш не згрешила, дури ниту со помисла“. Така, Светиот Дух во моето срце посведочи за нејзината чистота.

Љубовта на Богородица била посилна и попламена од љубовта на серафимите и херувимите, и на неа и’ се восхитуваат сите небески сили, ангели и архангели. О, кога би знаеле колку Пресветата ги љуби оние кои ги исполнуваат заповедите Христови и како жали и тагува за оние кои не се поправаат. Ова лично го имам почувствувано. Таа благоизволи да ме посети и да ме вразуми веќе да не грешам, велејќи: „Тешко ми е кога гледам што правиш“. Поминаа повеќе од 40 години, но не можам да ги заборавам тие зборови и не знам што јас, грешниот, би и дал за таа нејзина љубов спрема мене, нечистиот, и како би се заблагодарил на благата и милостива Мајка Господова.

Мајката Божја живее на небото и непрестајно ја глада славата Божја, но не не заборава ниту нас, бедните, и со своето милосрдие ја штити сета земја и сите народи. Таква Пречиста Мајка Своја ни дарува Господ. Таа е наша радост и потпора. Таа е наша Мајка по дух и блиска ни е како човек по својата природа.

 

Извор: http://maranata0.wordpress.com/2009/09/14/%D0%B7%D0%B0-%D0%B1%D0%BE%D0%B3%D0%BE%D1%80%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D1%86%D0%B0-%D1%81%D0%B2-%D1%81%D0%B8%D0%BB%D1%83%D0%B0%D0%BD-%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%BE%D0%B3%D0%BE%D1%80%D0%B5%D1%86-1866-1938/

 7-април, лето Господово 2013