Korica.Pisma.Valaam.jpg

КАКО ПОМИСЛАТА ЈА ОБЗЕМА ДУШАТА?

Прво, во човековиот ум се појавува предлог: неќоја претстава или помисла што се појавила во умот, независно од волјата на човекот и која му предлага нешто или го наговара на нешто. Христијанинот не би требало да обраќа внимание на таквата помисла; во најголем број случаи неа ќе ја снема, привремено или постојано, ама ќе ја замени некоја друга. Светите Отци тоа го нарекуваат „отфрлање на помислата" и тоа е најлесниот пат да се сочувува чистотата на умот. Да се отфрли помисла, значи да не се прифати, да не и се обрне внимание, да не се стапи во „разговор" со неа. Ако, пак, му дозволиме на умот да застане пред придојдената, т.е. предложената помисла или претстава (а светите Отци тоа го нарекуваат „стапување во разговор со помислата" или „разгледување на помислата"), да почне да и обраќа внимание, тогаш доаѓа до соединување на нашиот ум со помислата, т.е. до прифаќање на помислата, што веќе претставува грев.
Се случува човекот, по разгледувањето на помислата, да ја препознае како ѓаволска и да ја подреди како грев, па потоа да ја отфрли, употребувајќи за тоа напрегање на волјата, но тоа е веќе потешко отколку веднаш, на почетокот, да ја отфрли од себе. Меѓутоа, човекот може и да ја прифати помислата што му се јавила - да се согласи со неа, што веќе претставува мислен грев.
Ние грешиме со мисла токму во онаа фаза кога сме уште во состојба да ја отфрлиме помислата, ама сепак ја прифаќаме. Некој од светите Отци рекол: „Ти не можеш да го попречуваш летот на птицата, но можеш да и попречиш да свие гнездо овде или онде..."
Да претпоставиме дека птицата, од невнимание, од незнаење и од раслабеност на човековиот ум, направила гнездо, т.е. човекот ја прифатил помислата и го избрал гревот. Што понатаму? Потоа, помислата завладува со нашето срце, ги покорува неговите желби и барања, и тоа се вика: стадиум на владеење на помислата со душата. Во таа фаза, човековиот ум, измамен и обземен со лукави помисли, е гонет како бротче во бура и во бранови, и повеќе не може да се вразуми и да дојде на себеси, ниту да воспостави власт над самиот себе.
Помислата што ќе завладее со нашата душа и што ќе пушти корен во неа, постанувајќи некој вид нејзина навика или, како што велат светите Отци „друга природа", се нарекува страст. Страста потоа се разгорува и се зацврстува во душата со нови и со нови помисли што ги пот¬шепнува ѓаволот и се потхранува со нашата наклонетост кон гревот.
Таквиот живот на поробеност со страстите и пороците што произлегуваат од нив, води кон пропаст на душата. Можно е да се спасиме од таа состојба само по пат на длабоко и искрено покајание...

 ОД КАДЕ ДОАЃААТ ПОМИСЛИТЕ И КАКО ДА СЕ БОРИМЕ СО НИВ

Светите Отци одговараат: „Некои помисли потекнуваат од ѓаволот, некои од нашата природа и некои од светот што не опкружува".
Достоевски, големиот познавач на човековата душа, честопати прикажува луѓе кои се страсно обземени со помислите.
На пример, во романот „Момче" постои една занимлива епизода. Еден од јунаците, Версилов, го набљудува внатрешниот расцеп на својата личност: како покрај вас да стои вашиот двојник - им раскажува тој на своите ближни. - Вие самите сте паметни и разумни, а тој покрај вас упорно настојува да направи некоја бесмислица... и одеднаш забележувате дека и вие самите сакате да го направите тоа... сакате, некако, против својата волја. Понатаму, тој признава дека во тој момент му се наметнала помислата дека, ако ја земе во раце старата семејна икона и ако „со неа ја удри печката, токму во тој агол, таа ќе се распадне на два дела". Версилов го продолжува својот монолог, ја искажува својата намера да тргне на патување - и одеднаш скокнаува, ја грабнува иконата и ја разбива од аголот на печката! „Неговото бледо лице поцрвенува, добива скоро боја на крв, и секоја најмала црта на неговото лице почнува да трепери и да се изобличува..."
Јасно е дека во дадениот случај помислата е сугерирана од страна на лош дух - таа е толку бесмислена, апсурдна и необјаснива со ништо, освен со ѓаволската омрааа кон светоста на иконата.
Древните пустиници кои го зауздувале своето тело со повеќегодишни постови и биле лишени од општење со надворешниот свет, најчесто воделе страшни духовни борби токму против демонските помисли.
Постојат помисли што доаѓаат и од паднатата човечка природа. На пример, оној што е навикнат на угодување на своето тело, честопати е победен од помислите што го наведуваат да ужива во вкусни јадења и пиења.
И накрај, световните луѓе најчесто се подложни на нападите на помислите што доаѓаат од страна на светот што ги опкружува.
За разлика од древните испосници, кои живееле далеку од светот, ние кои живееме среде современиот свет, постојано добиваме безбројни впечатоци однадвор: нешто гледаме, слушаме, чувствуваме... И за да се појави помислата што не наговара на некој грев, не треба многу, таа доаѓа сосема неочекувано, останува или си заминува, сменувајќи се една по друга и така без крај. Ползувајќи го споредувањето на светите Отци, тоа можеме да го прикажеме преку следната слика.
Низ отворените прозорци на собата влетуваат и излетуваат птици, така што во воздухот непрестајно се слуша шум и мавтање со крилјата. Многу птици остануваат во собата и таму свиваат гнезда, така што останува малку слободно место. Во гнездата пиштат пилиња, се е извалкано, темно е, шумно, страшно...
Ако собата е слика на нашата душа, тогаш низ кои прозорци влетуваат впечатоците од околниот свет во неа?
Човечките сетила: видот, слухот, мирисот, допирот, вкусот, светите Отци ги нарекуваат: „прозорци на душата" за нејзино општење со надворешниот свет. „Преку нив - речено е во книгата „Невидлива борба" - душата „излегува" надвор и преку сетивата ги забележува и ги испробува работите, се насладува на тие забелешки и впечатоци..." Така, преку „прозорецот на сетивата и на чувствата", во човечката душа влегува и непристојна слика, и недолична песна или збор, или било кој грешен впечаток. Затоа и се вика „влијание", т.е. она што влијае врз душата и во неа остава трага: се што гледаме, слушаме, чувствуваме - се во душата остава свој печат.
Такви впечатоци се собираат во помнењето, ја разгоруваат и ја трујат фантазијата, давајќи и „отровна храна" на мечта, претворајќи го човечкото срце во нечист сад за различни отпадоци.
И токму заради тоа што „прозорците на нашите души" после духовното невнимание или негрижа се отворени кон околниот свет и што не умееме да се воздржуваме од радозналоста и да господариме со своите мисли, зборови и дела, нашиот ум скоро секогаш е обземен со помисли.
Веќе рековме дека е потребен напор на волјата човекот да се ослободи од помислата што веќе влегла во душата и што проба да ја зароби. Каков е тој напор?
Како да не се размислува за нешто, ако ти се мисли, ако мислите се веќе тука, во умот? Како да не се присетува и да не се фантазира, ако ти се фантазира, да не се замислува и да не се мечтае? Дали тоа може на себеси да се забрани?
Мислата може да се изгони, само ако таа се замени со друга. Пожелно е, природно, лошата помисла да ја изгониме со добра и со богоугодна мисла. Ако постои навика на побожно размислување, тогаш ни замислувањето не претставува пречка, туку може да биде употребено на добро. Така, да речеме, свети Игнатиј Брјанчанинов во изгледот на оголеното зимско дрво гледа утеха со што Бог го утешува човекот со „надеж на обновување на душата..."
Има и обични мисли со што не е грев да се вработи умот во слободното време. Така, светите Отци заповедале да се размислува за конкретни работи: за тоа како да се изгради куќа, да се запали печка, да се сошие облека, да се подготви храна итн.
Проверен начин на борба со помислите е нивното почесто откривање, т.е. исповедување на тие тајни помисли на искусен духовник. Светите Отци многу пишувале за ползата од откривањето на помислите зашто на тој начин ја губат својата погубна сила над умот и над човековата душа. Во манастирите (на пример, во Оптинскиот манастир) бил прифатен обичајот секојдневно да се откриваат помислите пред старецот-духовник.
Световните луѓе, кои живеат внимателно духовно, водејќи сметка за својата внатрешна состојба, треба што почесто да ги откриваат своите помисли на свештеникот-духовник, на исповедта. Се смета дека не треба да се исповедаат сите помисли што ни доаѓаат на ум што, впрочем, и не е можно (бидејќи тие безбројно долетуваат и одлетуваат); потребно е да се откриваат само оние помисли што посебно нападливо не прогонуваат, а особено ако по оваа или онаа причина ги прифатиме (за што стана збор во претходното поглавје)...

(Продолжува)

Korica.Detetovosvetotnatv.jpg

Прот. Александар Дубњин - ДЕТЕТО ВО СВЕТОТО НА ТЕЛЕВИЗИЈАТА И НА КОМПЈУТЕРИТЕ

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство
Господин Тимотеј
Православен Митрополит Дебарско - Кичевски и Плаошко – Струшки

Издавач: Издавачка установа „Канео“- Охрид, 2004

Друго: