dete.blagoslov.jpg

УНИШТУВАЊЕ НА МОРАЛОТ

Отец Анатолиј, како медицински работник, сведочи за случаи на инфаркт и апоплексија пред „синиот екран": постари луѓе чувствуваат посебна силна емоционална напнатост додека ги следат случувањата на екранот - вистински доживувајќи го туѓиот живот: а детето, како што веќе рековме, со тешкотија ја повлекува границата помеѓу телевизиската вештачка реалност и реалната вистина. Нему му е уште полесно, отколку на возрасниот, да се нурне во светот на илузиите. А бидејќи тој свет е многу поинтересен и побогат, во смисла на разни случувања, отколку неговиот сопствен, секојдневен, тоа започнува и повеќе да го сака тој живот. Покрај екранот, детето го губи чувството за реалност и се нурнува во чудна, месечарска состојба што потсетува на опиеност. Според народната поговорка, „Пијаниот и сонливиот не мислат свои мисли, туку туѓи".
Но чии мисли тогаш детето ги мисли?...
Телевизискиот живот, во којшто детето доживеало толку интензивни чувства, му се чини пореален од реалниот живот. Против своја волја, враќајќи се од илузорниот свет на телевизиските фантазии, тоа сфаќа дека неговото постоење е сиво и досадно, а дека неговите ближни се - безначајни и бедни.
Адолесцентот самиот не сфаќа зошто толку го привлекува телевизорот, зошто му се допаѓа да гледа филмови со насилие и со разврат. Во животот се е незанимливо, а таму е се занимливо и необично. Што е најбитно - кога гледаш, се пренесуваш таму каде што, се она што е лошо, што е скриено во душата, каде што сите воздржувани и скриени страсти добиваат своја храна и свој простор.
Завладувајќи со таквите страсти, телевизијата придонесува за расипништво на детето. Покажувајќи му насилие, дури и по пат на „цртан филм", нудејќи му сцени на разврат, на суровост или на „супер живот", телевизијата во душата на детето буди страсти на гнев, на блуд, на завист, на среброљубие. Акционите филмови го учат да го презира слабиот, му наметнуваат, не само посебен начин на живот, туку дури и посебен стил на комуникација со луѓето, дрзок и разгален, неспоив со наивната скромност и, со тоа, и со христијанско смирение и со кроткоста.
Јунаците од ТВ-екраните толку убаво пушат и пијат, толку вешто го мамат противникот, толку бестрашно се борат, ги прегрнуваат убавите жени, така брзо возат кола! И таа „шифра" на живот наивната детска душа ја прифатила. Детето сега „знае" што сака. Тоа во вистинскиот живот ќе бара задоволување на таквите новооткриени страсти. И каде тогаш ќе стаса, тргнувајќи по тој и по таквиот порочен пат?

ТЕЛЕВИЗОРОТ-ДОМАШЕН ИДОЛ

Тажно е тоа што луѓето стигнале до психолошка зависност од телевизорот. Ќе го вклучиш телевизорот - и поминува се, би се рекло: и тагата, и потиштеноста и незадоволството. Затоа, ако телевизорот случајно се расипе, настанува катастрофа: се појавува невообичаена, застрашувачка тишина, се востановува дека сите членови на семејството одеднаш се разединети... Ама, за таквата прилика, скоро во секое семејство има по два-три телевизора; ако едниот се расипе, ќе го вклучиме другиот.
Има семејства каде што телевизорот се вклучува наутро и на неговата „програма" тече целокупниот живот: серијата ја заменуваат најновите вести, потоа: емисии за актуелните проблеми, „авторски" програми, потоа пак вести, некоја друга серија, некое шоу, акционен филм, цртани филмови, па емисија за домаќинките, па пренос на натпревар и, ете, поминал денот.
Детето присуствува на сето тоа, со својата осетлива душа впивајќи ја сета таа недуховна храна што му ја наметнува телевизорот - домашниот идол.
Земајќи ја таа храна без размилување, телевизиските гледачи постепено ја губат индивидуалноста, се нивелираат, постануваат безлични. Како што се изразил еден психолог, благодарејќи и на телевизијата, се формира нов антрополошки тип со ниско ниво на интелект и на морал.
Децата, обично, длабоко се окупирани со телевизорот во оние семејства каде што со него се окупирани и возрасните. Овде „телевизорската кутија" постанува вистински сопственик во куќата, најголем авторитет, најомилен член на семејството - „негово височество телевизорот". Тој современ идол зазема почесно место во новиот и лажовен „молитвен агол" и, кога сите членови на семејството ќе се соберат околу него како на вечерна молитва, создава илузија на спокој, на љубов и на слога во семејството.
Последните години „неговото височество телевизорот" доби конкурент во поглед на освојувањето на детските души со „неговото височество компјутерот".

 (Продолжува)

Korica.Detetovosvetotnatv.jpg

Прот. Александар Дубњин - ДЕТЕТО ВО СВЕТОТО НА ТЕЛЕВИЗИЈАТА И НА КОМПЈУТЕРИТЕ

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство
Господин Тимотеј
Православен Митрополит Дебарско - Кичевски и Плаошко – Струшки

Друго: