Мудар е човекот кој е очистен

o.Pajsij.Svetogorec.jpg

              Ако човекот својот ум не го остри со Бога, туку го остри со злобата, се предава себеси на демонот. Подобро би било да го изгуби паметот, како би имал на судниот ден некакво оправдување.

              -Старче се разликува ли простотата од лукавството?

             - Да, колку лисицата од шакалот. Ако нешто здогледа и тоа го посака, шакалот без размислување ќе отиде и ќе го земе тоа. А лисицата ќе направи некое лукавство за да го земе тоа што го посакала.

             -Старче, може ли лукавството да се поистовети со мудроста?

             -Да, може, но ако размислиш, ќе сфатиш што е лукавство, а што е мудрост. Имаш и табела за распознавање. Кои се тие дарови на Светиот Дух? Љубов, радост, мир...  Има ли сличност со ова? Ако нема, значи дека тоа е нешто сатанско, дека има демонски особини.

              Мудар е оној човек кој е очистен, ослободенод страстите. Оној кој го осветил својот ум е вистински мудрец. Ако умот не се осветува, мудроста  за ништо не користи. Еве, новинарите, политичарите се паметни, но многу од нив бидејќи немаат во Бога просветен ум, таму каде што говорат мудро, говорат и глупости. Од голема мудрост, зборуваат големи глупости! Ако човекот не го восовршува својот ум, ѓаволот ќе го искористи. Ако човекот не го восовршува својот памет во правецот на доброто, ќе го искористи ѓаволот за зло.

             -Односно, бидејќи тој самиот не го има искористено својот ум, со тоа му дава право на ѓаволот?

             -Ако не го искористи, со самото тоа го губи. Кога човекот не делува духовно, тој не е постојан во доброто и самиот почнува да чини зл; не му е потребен ѓаволот. Некој, на пример, е паметен, но не го вработува својот ум и е мрзлив. А ако не го користи својот ум, што има од тоа што е паметен?

            - Може ли човекот кој е паметен, но е острастен, исправно да расудува?

             -Пред сè треба да пази да не му верува на својот ум, бидејќи ако човек е духовен, а си верува себеси – ќе се опрелести, а ако е со светски дух – ќе полуди. Не треба да им верува на своите помисли. Треба да прашува, да се советува, да го освети својот ум. И воопшто, целиот човек треба да се освети. Осветената мудрост помага во стекнување на расудување. Ако мудриот човек не е осветен, тој не може да расудува духовно. Некој, пак, кој по природа е прост може опрелестениот човек да го смета за свет, а длабоко пресвитканиот да го смета побожен. Но кога паметниот човек ќе се очисти, тој станува многу разборит.

           -Старче, како се чисти умот?

           -За да умот се очисти, човек не треба да ги прима телеграмите на лукавиот, ниту лукаво да размислува, туку секогаш да делува со доброта и едноставност. Така настапува духовна бистрина, боженствено просветлување. Тогаш човекот продира во човечките срца, и веќе не донесува лукави заклучоци.

          -Старче, дали расудувањето е поврзано со знаењето?

       -Расудувањето доаѓа, од боженственото просветлување. Некој може да ги чита светите Отци, точно да знае одредени работи, да се подвизува и да се моли. Но расудувањето доаѓа со просветлување одозгора, што секако е друга работа.

       -Старче, дали некогаш светот бил подобар?

       -Не бил подобар, но некогаш луѓето биле едноставни и имале добри помисли. Денес луѓето на сè лукаво гледаат, бидејќи сè мерат со разумот. Европскиот дух нанесе големо зло. Тоа е тоа што ги онеспособи луѓето. Луѓето денес би биле во многу подобра духовна состојба, бидејќи многу од нив се, помалку – повеќе образовани, и би можеле да се разберат. Но ги учеа на безбожност, на се што е сатанско, ги упропастија, и веќе не можат да се разберат. Некогаш не можеше да се разбереш со некој кој не бил побожен, а не бил ни образован. Се сеќавам, некој калуѓер слушнал еднаш на литургија на предходно осветените дарови како се спомнува „Григорие, папа римски“, помислил дека го спомнува римскиот папа, и се соблазнил, „Не го очекував тоа. Станавте паписти!“, рекол, станал и си заминал од црква. Ете, гледаш што прави незнаењето! Незнаењето е страшно! Најголемо зло нанесуваат оние кои се побожни, но кои имаат и  „штетно“ незнаење. Не разбирајќи ја суштината на работите, создаваат проблеми.

  Продолжува: „Знаењето без боженственото просветлување е пропаст“

 

Подготви: Сузана Стефановска 

Посети: {moshits}