Монах Михаил (Хаџиантониу)

 


        Раѓањето на дете е многу одговорна постапка, која треба да биде плод на зрело решение. Човек се подготвува за тој настан со сознанието за своето задолжение кон животот што доаѓа и со тоа да биде во состојба да ги покрие животните потреби на своето дете, а исто така и да му даде можност на неговата личност да се развие. Со појавата на децата во семејството се прифаќа служба – еден вид ѓаконија кон други личности и треба да се има доволно сили за тоа дело. По свој особен начин, старец Пајсиј ја истакнуваше таа одговорност. Едно од неговите духовни чеда, кое се исповедаше кај него, се запознал со девојка и посакал да му ја претстави, за да ги благослови и така со негов благослов да го започнат својот брак. Во манастирот Суроти старецот ги благословил и двајцата и на крај додал нешто кое тие не го очекувале:

- Само гледајте да немате веднаш деца – им кажал.

Момчето кое било воспитано со грко-христијанските идеи за бракот, го погледнал изненадено.

-Но сите ни го кажуваат токму обратното! Да создадеме деца веднаш и тоа колку што се може повеќе.

-Не така благословени. Што ти е виновно детето кое ќе го направиш, па тогаш да ја наследи целата твоја збунетост, нерви и духовен хаос? Пустото дете ќе треба цел живот да се бори со таквото наследство и да се обидува да постигне духовен баланс. Смирете се прво ти и жена ти, смири се малку во бракот и после тоа правете деца, за да го наследат твојот мир, твојата љубов, смирение и духовен баланс.

Нажалост, во црковните средини денес се разпространува погледот, дека бракот постои само за раѓање на деца. Според тие идеи, човек создава семејство единствено за да се раѓаат деца. Тоа е толку еднострано и категорично тврдење, што е повеќе од неугодно и проблематично. Св. Јован Златоуст, кој е еден од светителите чии општествени погледи биле најполни и завршени, го поставува бракот на една различна, духовна основа. А тоа е дека бракот има две цели: првата е да се создаде семејството и неговите деца, а втората е дека во тоа семејство треба да се создаде средина на љубов и единство во која сопружниците да се усовршуваат. Затоа, вели тој, бракот не се поништува ако семејството е без деца.

Од мал свикнав да ги сврзувам големиот број деца со безодговорност и ниска култура. Во моето село семејствата имаа многу деца – пет, шест, седум... Родителите им седеа по кафаните или пак беа асоцијални луѓе. Кога отидов во манастир открив дека има многу религиозни семејства со повеќе деца. Тие имаа многу деца по друга причина, а имено за да ја исполнат волјата Божја која им била откриена од нивниот духовен отец. За нив добриот христијанин се одликуваше пред се со своето многудетно семјство. И се разбира секој вид на заштита од забременување се забрануваше строго и категорично. Основното правило на тие средини е следното:”Колку деца и да се појават, тие се од Бога.” И дека “Божјиот благослов над последните деца се зголемува.” Со таа логика петтото, шестото, седмото дете излегува повеќе надарено од првите. Подоцна, кога отидов на Синај ги слушнав истите теории од фанатизираните муслимани а и од фанатизираните евреи. Божјиот благослов се покажува преку мноштвото деца кои ги правиш ( имајќи ги во предвид машките деца, се разбира). Нивните аргументи за постигнување на муслиманска власт врз малодетните христија?½и ми напомнуваа на теориите за разплод на овците и коњите. Но исто така и на елино-христијанските идеи, кои ги бев слушнал во својата татковина.

Тоа црковно воспитание “раѓајте деца, а Господ знае колку да ви прати”, предполага една единствена работа. А имено, светост на нашиот живот и полно отдавање во рацете на Бога. Само тогаш Бог ни дава тоа што ни е потребно и дури самиот Тој се вмешува и ги уредува така околностите на нашиот живот што дури и често пати ги нарушува физичките закони, т.е. прави чуда. Но кога таа светост недостига, а недостига и полната доверба во Божјата промисла, тогаш сме должни да ги пречекуваме околностите во нашиот живот по вториот начин, т.е. преку својата логика и реалност.

Се разбира, многу од тие кои создаваат многудетни семејства во црковната околина, пројавуваат некое особено херојство и саможртва во еден или друг степен. Тоа херојство би било достојно за почит ако го немаше духовникот за да им го наметне. Би било достојно за почит и пофалба, ако тоа беше нивна собствена желба и решение. Но сега тие мислат дека тоа е дел од нивните христијански задолженија и ако го отфрлат тоа задолжение тогаш и Бог нив ќе ги отфрли. А кога едно нешто е извршено без право на избор, тогаш човек се запрашува колку место за херојство останува?

Дел од книгата “Жената преку погледот и мислата на православниот монах” од монах Михаил Хаџиантониу.

Белешка на преведувачот:

Монах Михаил е еден од најголемите критичари против парацрковната организација “Зои” во Грција и поради тоа и се одликува со таков стил на пишување. Единствената грижа како пастир му е да ги привлече кон Бога загубените души кои долго време биле по влијанието на здружението "Зои". Како квази-православна организација “Зои” нанесла големи штети на Православната Црква не само во Грција но и во останатите Православни Цркви на Балканот. Затоа во продолжение давам кратко објаснување на идеологијата и организацијата на здружението “Зои”.

Движението “Зои” кое се формира во Грција во почетокот на XX век е најсветлиот пример за парацрковна организација во православниот свет.

Православниот облик на организацијата ја прават совршено подобие на Црквата. Макар и замислена со различна цел, недостатокот на здрава духовна традиција не дозволила на основачите и членовите на “Зои” да го надминат искушението на морализамот – активна дејност на проповед и добротворност, комбинирана со непроменлива состојба на духовна незрелост- тоа е главната карактеристика на “Зои” и одвоеното подоцна од нив конзервативно здружение “Сотир”. Издигната во критериум на христијанско поведение, духовната незрелост на инаку чесните во своите стремежи христијани постепено довело до раѓањето на еден погрешен модел за христијански живот.

Движението “Зои” ги води своите корени во едно реформаторско православно движење од IX век, кое било раководено од Апостол Макракис. Основателот на “Зои” архимандрит Евсевиј Матопулос поминал долги години во движењето на Макракис и дури бил негова десна рака. Од Макракис движењето “Зои” наследило две главни црти: тесното зближување на Црква и етнос и отказот од изучување на догматиката. Центар на нивната дејност станало “христијанското благочестие.” Макар и по ништо да не се забележувало, на практика биле поставени основите на едно опасно движење – самата идеја за светска организација, организирана од монашки правила, која постепено ги внела принципите на монашкиот живот меѓу мирјаните, било изкривување на православното разбирање за целите на духовниот живот и ја криело опасноста од вечно заплеткување во мрежите на лажното благочестие. Основачите на Зои не успеале да ги “разпознаат духовите.” Зоистите верувале дека монасите не треба основно да се молат а да го проповедаат Евангелието во светот. Тоа довело до создавањето на монаси – мирјани, кои требало да претставуваат за светскиот човек икон
а на идеален христијанин. Во својата основа братството било “Братство на богослови” зашто само мажи со завршено богословско образование можат да станат членови на “Зои”. Исклучение се прави само ако човекот ќе им биде од корист како на пример печатари или луѓе со слична професија.

Целите на братството биле две: преобразувањето на неговите членови во христијани за пример и евангелизација на грчкиот народ. Се одликуваат со строг конзерватизам кој понекогаш преминувал во фашизам. Некои од неговите попознати членови биле поранешниот грчки архиепископ Христодулос и познатиот богослов Христос Јанарас кој го напуштил движењето и почнал да ги критикува жестоко за нивните погрешни идеи и учења кои навидум биле православни.

 Подрготви: Зоран Мамучевски