1. Увид

Ivica.markov.jpg

Еден од поважните плодови од духовниот раст на личноста во Светиот Дух, во рамките на православната христијанска духовност, е можноста да се стекне објективен (искрен) увид како во личната духовна состојба, така и во духовната состојба на општеството во кое живееме. Во тој увид ние осознаваме дека многу нешта со кои се соочуваме во нашето сопство (јаство, личен идентитет, ипостас), но и во секојдневниот живот, не се соприродни со нашата духовно - душевно - телесна природа, туку се неприродни, или, поточно може да се каже дека се противприродни. Светиот апостолот Павле за истото во своето послание до Црквата во Рим го пишува следното:
“Не го разбирам тоа што го правам; бидејќи не го правам она што сакам, туку она што го мразам, тоа го правам. Ако, пак, го правам она што не го сакам, тогаш се согласувам со Законот дека е добар. Значи, тоа веќе не го правам јас, туку гревот, што живее во мене. Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; навистина, желба за добро во мене има, но не наоѓам сила да го правам. Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам. А штом го вршам она што не го сакам, не го вршам веќе јас, туку гревот кој живее во мене. И така, во себе наоѓам ваков закон: кога сакам да го правам доброто, злото ми е близу. Бидејќи, според својот внатрешен човек,  наоѓам наслада во законот Божји, но во своите телесни делови гледам друг  закон, кој војува против законот на мојот ум и ме држи заробен во гревовниот закон, кој е во моите органи. (Рим.7, 15 - 23) “         
Самиот апостол Павле, исто како и светителите на Црквата и сите искрени, и во спасоносниот духовен живот втемелени ученици Христови,  гледаат, стекнуваат увид, дека во нивната природа, во нивната личност, има нешто што не е соприродно со нивниот од Творецот промислен, создаден и благословен идентитет. Тоа што не е соприродно со нашата природа е гревот,  а гревот, како болна духовна состојба во која ние ја промашуваме целта, смислата и начинот на нашето постоење, својата основа за егзистенција ја има во злото. Таму каде што личната и општествената егзистенција се гледа и гради низ призмата на гревот, кој се темели врз агресијата која е насочена кон се што е добро (разбрано како совршена состојба на егзистенција промислена, создадена и благословена од Бога), таму се губи мирот (хармонијата, рамнотежата) и настанува немир (негација /агресија врз мирот) или хаос.

2. Очистување

Сите кои сакаат да се спасат од промашувањето (гревот) и од патолошката агресија (злото) вековното предание на православната католична Црква ги повикува на очистување (к¢љарсиј - пурифицатион). Под очистување се подразбира свесно и слободно личносно учество и содејство (сунерг‹а) во:
 1. силата и плодот на искупителната жртва на Месијата преку Светите тајни  на Црквата кои ни овозможуваат да ја осознаеме во себе вистината за нашиот вистински од Творецот промислен, создаден и благословен идентитет  и духовна состојба;
2. и во божествените несоздадени сили и енергии на Светиот Дух кои ни овозможуваат откриената вистинска духовна состојба и идентитет  да ја сочуваме и умножиме преку духовниот (подвижнички - аскетски) живот на личноста во Црквата, а сето она, што како последица од заразата со гревот и злото го имаме во нас, да го отстраниме од тоа што навистина сме.
Преку горенаведениот процес на очистување и личносно созревање и усовршување се осознава и доживува оној мир за кој Христос вели: 
“ Мир ви оставам; Мирот свој ви го давам. Јас ви го давам не како што го дава светот . Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува. (Јован. 14, 27)”.
И навистина е така, мирот што се здобива преку животот во Христос со многу нешта се разликува од оној мир за кој говори и се стреми светот ; тхе њорлд; њорлд ордер, отпаднатиот од Бога овосветски поредок). Во светот под мир најчесто се подразбира компромис, нужност,  купување на време пред следниот немир, присила на посилниот врз послабиот, но во Христа - мирот е помирување, простување, разбирање, полнота на различности во единството на Царството Божјо, бескрајна љубовно - творечка хармонија, природна состојба на нашата личност и природа. Во духот на горенаведеното свети апостол Павле и свети Григориј Палама ќе напишат:
“Царството Божјо не е во јадењето или пиењето, туку во праведноста и мирот и радоста во Светиот Дух. (Рим. 14, 17)”    
 “Ако умот ги пренебрегнува божествените заповеди, тогаш води борба со ближните, постапува свирепо против другите, непријателува против оние кои не се согласуваат со неговите безумни желби и, за жал, човекот станува човекоубиец, уподобувајќи се  не само на бесловесните стрвници, но и на влекачите и на отровните животни: на скорпијата, змијата... и се ова постанува  оној чие предназначување е да стане пријател Божји!?”
 Како заклучок се наметнува сознанието дека без започнат, или, уште подобро, остварен процес на духовен мир во нашиот внатрешен човек, е многу тешко, ако не и скоро невозможно да се говори и сведочи за мирот во неговата вистинска смисла. Професорот Алексеј Осипов во својот текст “Меч и мир” вели: 
 “Нехристијанската мисла, без обзир на константниот неуспех во текот на целата историја на човештвото да го реши ова прашање, сеуше препорачува некаков одговор, и тоа, најчесто се препорачува како најпозитивен. Таа предложува различни модели за постигнување на сеопшт мир, од кои денес највпечатлив модел е изградбата на единствена планетарна држава. Во неа, според овој начин на мислење, нема да има кој со кого да војува, а разните несакани конфликти ќе се одстрануваат со сила од мал број професинални полициски формации.”
 Според ова размислување, но и според многу нешта што денес ни се нудат од светот како мир, миротворство, одржлив мир, во многу нешта се во спротивност со она што христијанството го подразбира под мир. И затоа помеѓу овие две концепции за разбирање на мирот имало, има, и ќе има несогласување. 

3. Единство во различноста или за соживотот со сожителот

 Да се живее заедно, па, ако сакате, и да се живее сам со себе, во овој свет, за кој ние христијаните велиме дека е отпаднат, загаден, инфициран со злото, гревот и смртта, е навистина тешка и напорна работа. Свети Максим Исповедник во своето познато дело “400 глави за љубовта” го пошува следното:
 “Ако сакаш да живееш заедно со своите ближни, своите желби и својата воља остави ја пред вратите на нивните срца. На ниту еден друг начин ти (во овој свет) не можеш да бидеш во мир со своите сожители, а и со Бога.” 
Најголемите трагедии на планот на соживотот настануваат кога едната страна (без разлика дали се работи за личносна, меѓуетничка, меѓурелигиозна и меѓуцивилизациска релација), врз основа на некоја своја внатрешна мотивација и логика, на другата страна насилно и ја наложува својата воља, желба, потреба, идеологија, вера. . . .
 Факт е дека во овој свет, сите што живееме во него, сме различни по многу нешта. Самата различност, според  христијанското верување, е дел од Божјата промисла за сите ние да можеме да научиме да живееме во логосноста на љубовта и во есхатолошката вистина на Царството Божјо - во кое не' очекува вечно љубовно постоење во личносна различност. Различноста беше една од главните причини зашто во еден од најсовршените ангели се најде беззаконие. (Језекил. 28, 14-15) Под безаконие се подразбире нељубовното споредување на себеси со нешто надвор од себе, што за прв пат го направи гореспомнатиот ангел, кој во ангелската хиерархија беше - херувим. Нељубовното спредување, со текот на времето, го нарековме - завидливост. Завидливоста, како болна духовна состојба, ја нарушува личносната хармонија, внатрешниот мир, на од Бога создадените созданија. Нарушениот внатрешен  духовен мир води кон внатрешно пореметено (патолошко) доживување на личноста кое предизвикува нереален (неискрен) увид кој е причина за појавата на гордоста - егоизмот - суетата - лагата - насилието - смртта - злото. И Творецот, по сета трагедија што настана во духовниот и материјалниот свет, не ја укина различноста. Истата, по отпаѓањето на нашите прародители од блаженството на Царството, стана уште поразнолика. И затоа нашиот Спасител Исус Христос непрестано ја потенцира љубовта.
 “А јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец Кој е на небесата. . . (Матеј. 5, 44 - 45)”
 Надвор од поврзувачката сила на љубовта различноста предизвикува нетрпеливост, завидливост, а завидливоста предизвикува помрачување на лицето, а тогаш гревот е пред вратата на срцето и започнува да влече кон себе и ако не го победиме - предизвикува смрт на нашиот сожител. (1. Мој. 4, 6 - 9). Горенаведеното е формула, уште од времето на Каин и Авел, како започнуваат сите насилија, сите трагедии, етнички чистења, геноциди. Но горенаведеното, исто така, може да се искористи и како формула за сожителство. Не е возможно во овој наш свет да не дојде моментот кога “ќе ни се помрачи лицето”, кога гревот ќе започне да го влече нашето срце кон темнина смртна, кога мислите ќе ни се замрзнат со жестока домоноподобна омраза - и тогаш, ако имаме вера во Изворот на мирот, ќе започнеме да го осознаваме оној друг пат, или друг начин, од тоа да станеме робови на немирот, насилието и смртта. Другиот пат, или, другиот начин е во:
1. осознавање во духот на љубовта на она во што другиот / другите се разликуваат од мене / нас и прифаќање на различноста како надополнување на мистичната, од Творецот промислена целост или полнота на дарови во човештвото,
2. осознавање во духот на љубовта на тоа дека  различноста кај другиот / другите не е мој / наш недостаток, туку следна фаза во личниот и општествениот развој во која другиот / другите се наш пример, наше ново искуство, а не соперници и непријатели.
Можеби звучи иделистички, но ако погледнеме искрено и објективно, ако провериме на кој начин се одвивал процесот на личниот, општествениот и цивилизацискиот развој низ историјата ќе забележиме дека горните насоки се во основата на нештата. Доколку се случело различноста кај другиот / другите да не се осознава и прифаќа во горните насоки - настанувале војни, крвопролевања, безброј невини жртви, осиромашување на секаков план. 
 Но, за да се каже - НЕ на гревот кој не' влече кон темнина смртна во овој огревовен свет е надприроден напор. За тој напор да биде ефективен истиот треба да се тренира со вештини на ненасилниот светоглед кои сета човечка природа ќе ја обликуваат, осилуваат и навикнуваат да не подлегнува на влечењето на гревот. Во исто време личноста која го обликува својот пристап со ненасилните вештини треба сериозно да работи на стекнувањето на внатрешниот духовен мир. Можеби некој ќе запраша за тоа кој тоа треба да го спроведува во рамките на општесвото. Одговорот е едноставен - пред се и над се - Црквата, но не разбрана само како институција, туку како заедница на Народот Божји кој секојдневно исповеда дека: 
 “Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!” (Матеј. 5, 9)  

Мир на сите! 


презвитер м-р Ивица Тодоров;
раководител на одделот за просвета и мисионерство на Скопската Епархија на МПЦ

 

Посети: {moshits}