Hristos.prekrasno65

Patrijarh.PavleПатријарх српски Павле

Беседа искажана на Светата Литургија, во четврток од 33-та недела по Педесетница во Патријаршиската капела на „Свети Симеон Мироточив“

„Ете Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби. Пазете се од луѓето, зашто ќе ве предадат на судовите и по синагогите нивни ќе ве бијат. И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабожците. Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете; бидејќи не сте вие што ќе говорите, а Духот на вашиот Отец ќе говори во вас. И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко – чедото свое; и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат.“

(Мат. 10,16-22; зачало 36)

 

          Да бидеш вистински човек во овој свет, е исто како да бидеш овца помеѓу волците, бидејќи „сиот свет лежи во зло“ (Јован 5,19). Зборував и пак ќе повторам, а тоа треба да го запомните добро: овцата помеѓу волците се наоѓа во опасност од две страни. Првата е да биде потполно онеспособена и распарчена од волците. Но, за тоа Синот Божји вас не ве испраќа. Другата опасност е самата овца, откако ќе види и заклучи дека помеѓу волците не може да опстане на друг начин, освен да стане волк, при тоа да научи да вие, своите копита да ги претвори во канџи и од овца да стане волк. Христос нас не нè испраќа ниту за тоа, но за тоа ние со својата вера и живот по таа вера, да ги преобратиме (или засакаме) волците да станат Христови овци доколку тие го сакаат тоа.

Самиот Христос ни дава решение, како да се ослободиме од обете опасности преку неговите зборови: „Бидете мудри како змии и незлобни како гулаби“. Така, мудроста вас ќе ве сочува да не бидете онеспособени и распарчени од волците, а незлобноста и добрината ќе ве запазат да не станете и вие волци. Од друга страна, тоа значи дека ние своите умни и разумни способности можеме да ги развиваме сè повеќе и повеќе бесконечно, но само под услов паралелно со тоа во себе да ја развиваме добрината, бидејќи тогаш таа ќе дава рамнотежа. Преку својот ум ние го гледаме она што во овој свет го гледаат со нас и мувите и пчелите со своите илјада очи, но преку него го гледаме и она што не можат да го видат, а тоа се оние внатрешни духовни вистини и вечноста.

             Но умот е студен и поминува некогаш низ срцето и покрај срцето. Добрината е пак топла, но слепа. Нашиот народ вели: Добриот и лудиот се браќа. Односно, ако некој е само добар, а не размислува многу, тој ќе биде искористуван и исмеван од секого и ќе му бидат подметнувани сопки. Затоа, за нашиот ум да не го прифати злото, а добрината да не стане глупост, треба да ги соединиме умот и добрината. Тоа е вистинскиот евангелски човек, вистинската православна христијанска личност. И умот и добрината.

Се наоѓаме во опасност од човековото развивање на умот, а заборавањето на добрината, при што таа, според него, е за пониските и понижени луѓе, при што со тоа самиот човек си го упропастува својот живот и животот на своите ближни. Затоа, сите тие големи злосторници и измамници имаат развиен ум и големи способности, кои често пати дури и школски ги имаат разработено.

Ова е решението за христијанинот. Да се развива дадениот ни од Бога ум, преку кого ние се разликуваме од останатите живи битија, кои имаат само инстинкти. И ние имаме инстинкти, но имаме и ум даруван од Бога, преку кој Он нас нè воздигна. Имаме и срце и слободна волја и слобода.

Нека Господ нè поучи и ни помогне секогаш да ги имаме и да ги развиваме умот и добрината, Нему на слава, на нашето семејство, на нашиот народ и на сето човештво за корист, а нам и ним за спасение. Бог нека ве благослови.

 Hristos.prekrasno2

16 јануари 1997 година.

Превод од српски јазик:

Дејан Апостоловски, апсолвент на Теологија

Православна светлина бр. 24

 

https://crkvaveles.wordpress.com/2013/01/22/nezlobivost-i-mudrost/