Отец Јован за веронауката:

 Денес бројни институции кај нас, просветни и други, ги носат имињата на св. Климент, св. Наум, светите браќа Кирил и Методиј, но, за жал, просветната програма е сеуште со атеистичка ориентација, идеолошка, еднострана. Последиците од ваквиот образовен пристап се јасно видливи секојдневно и мислам дека за тоа не треба да зборувам. Дрвото се познава по неговите плодови. Плод на ваквата долгогодишна индоктринација се и реакциите и противењата на одредени луѓе – другари – против воведувањето вероучение во нашиот образовен систем. Аргументите што при тоа ги наведуваат се: дека ќе биле загрозени правата и слободата на децата на  атеистите, дека  ќе бил загрозен ’научниот поглед кон светот’– Дарвиновата теорија за потеклото на човекот од мајмун, која никој сериозен во светот веќе не ја смета за научна... Јас лично сум уверен дека и по воведувањето на веронауката никој не ќе може да ги натера насила да се откажат од верувањето во своето животинско-мајмунско потекло оние што сакаат така да мислат или во тоа да веруваат. Но сум уверен и во тоа дека секое човечко суштество треба да го ужива правото слободно да го избере својот поглед кон светот, бидејќи самото лишување на човекот од  слободата на избор како најголем и единствен дар Божји што човекот го прави суштински различен од сето друго создание, го нарушува достоинството на човекот и го сведува, против негова волја, на неговата биолошка, животинска егзистенција. Да не зборуваме за духовната празнина што ја остава атеистичкото образование во душите на младите поколенија, која, за жал, најчесто се надоместува со мошне опасни пороци: наркоманија, дрога, јога, алкохолизам, сексуален разврат, убиства, празноверие, суеверие (хороскоп, бајаштво, јасновидство), не помислувајќи, притоа, дека всушност на тој начин широко му се отвораат портите на ѓаволот и на неговите слуги.

За пример да го земеме хороскопот (астрологијата). Мнозина противници на веронауката и на Христа, секојдневно на своите трпези го изнесуваат омиленото мени - хороскопот. Бидејќи малкумина знаат дека астрологијата–хороскопот, односно определувањето на судбината на човекот според распоредот на ѕвездите е мајсторија на ѓаволот, наоѓам за потребно овде да ја појаснам оваа сплетка на лукавиот. Ѓаволот сака ние луѓето да веруваме дека виновник за нашата судбина, неволји и маки се ѕвездите, а бидејќи ѕвездите се дело Божјо, значи дека виновник за злото во светот е Бог кој ги создал такви ѕвездите. И нашите средства за информирање се преполни со овие демонски вештини. За овие вештини на ѓаволот зборува уште св. Василиј Велики во четвртиот век во неговата книга Шестоднев - за создавањето на светот. Ова ќе го потврдам и со еден пример. Пред неколку дена, кај мене дојде една ученичка да и помогнам  да се подготви за писмена работа по француски јазик.. Една од темите и беше да напише на француски:“во кој хороскопски знак е родена, што значи тој знак и како може да и се определи судбината според тој знак??. Значи таа ученичка нема право да знае за Бога, но мора да ги консумира и да се измачува со овие лудории на ѓаволот“. Да не зборуваме за размената на подароци од хороскопските знаци... Свети Климент често зборува и пишува против овие, како што тој ги нарекува, "дела на сотоната".

На крајот уште нешто да кажам за духовната празнина што ја остава едностраното атеистичко образование и воспитување. На ум ми доаѓа царот, пророк и псалмист Давид, еден од најголемите познавачи на човековата душа.

И покрај сето богатство овосветско и задоволства што ги имал и со нив неограничено располагал, тој ја чувствувал духовната жед, како што тој вели, во оваа земја пуста и безводна. Затоа во четириест и првиот псалм тој вели: ‘Како што кошутата жеднее по бистри извори на вода, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе’и додава: ’Душата моја жедува по Бога, живиот Бог’. Оваа духовна жед може да ни ја згасне само воплотениот Логос, Синот Божји - Господ Исус Христос, Кој, поучувајќи еден ден во храмот (на Преполовение), извика со силен глас, велејќи: ’Кој е жеден, нека дојде при Мене и нека пие’.

’Кој верува во Мене, од неговата утроба ќе потечат реки од жива вода’,мислејќи на Светиот Дух што требаше да Го примат оние што ќе поверуват во Него (Јован 7, 37-39). И во разговорот со жената Самарјанка на изворот Јаковов, Господ Исус ја повторува оваа тема за живата вода од која никогаш не се жеднее, мислејќи на благодатта на Светиот Дух. Исус и одговори на жената: ’Секој што пие од оваа вода, изворската, пак ќе ожеднее, а кој пие од водата што ќе му ја дадам јас, нема никогаш да ожедни, таа ќе стане во него извор на вода, што тече во живот вечен’.
 
Господ и денес стои по раскрсниците, пред портите на училиштата и пред вратите на секоја духовно жедна душа и вика: Кој е жеден, нека дојде при мене и нека пие!(Тропар на Преполовение).

 

  Посети: {moshits}