Исповед на еден наркоман

(од книгата на јеромонахот Анатолиј (Берестов))

Не се сеќавам точно кога и како за прв пат пробав дрога, зашто – поради долгото користење хероин – голем дел од мојата меморија е избришан. Но, често, особено кога легнувам да спијам и кога ќе ги затворам очите, некакви сегменти од животот испливуваат во сеќавањето: како во мигови на криза одземам ташна на некоја жена во метрото, како кршам стакло на автомобил и го вадам радио-касетофонот, како на некое момче му го соблекувам палтото, како плукам на мајката, на таткото, на блиските, на роднините, како чувствувам дека ме гони некаква сила којашто командува со мене, сила на којашто сум станал роб. Се сеќавам дека прв наркотик што сум го пробал била анаша (марихуана). Беше тоа во 9-ти клас. Речиси целата учебна година се смеев (таков ефект имаше врз мене марихуаната – веселост и смеење), и летото заминав на одмор. Кога се вратив од одмор, дознав дека сите мои другари, со коишто растев и учев, веќе шмркаат хероин. Долго време не се осмелував да пробам хероин и ги убедував другарите дека е подобро човек да пуши цигари со марихуана, а кога мојот најдобар пријател еднаш ми рече: „Веќе не можам да спијам...“, сè ми беше јасно и почувствував силен страв. Па сепак, со наближувањето на зимата чувството на љубопитност го победи стравот во мене и јас пробав прашок со „какао“ боја. Тоа беше нискоквалитетен хероин од „Универзитетот на пријателството на народите“, инаку познат на сите наркомани, и кој сосема соодветно би можел да се нарече „Универзитет на руските наркомани“. По неколку месеци и јас веќе не можев да спијам. Слатките сеанси и парите секнаа, а јас имав сè поголема и поголема потреба од хероин. Почна нов и најстрашен период во мојот живот. Почнавме да изнудуваме пари од слаби но богати лица. Така постепено се организиравме во групи од 8-10 членови - тинејџери. Секоја група оперираше во свој реон. И во мене почна да се јавува желба не само за хероин, зашто сè уште не се фиксав и можев донекаде да се контролирам, туку и кон скапи дискотеки, барови, ресторани, девојки, коли...

Зошто сето тоа ми се случи?  Тоа што го правевме, беше неморално и порочно, подобро кажано – исклучително гревовно. Но, од каде можевме да знаеме за некакви гревови, за морал, за непорочност и за слични, нам непознати и непотребни поими. Јас, како и повеќето од моите другари, растевме без Бога, во бездуховно семејство, во кое главниот бог бил материјалното богатство. Во мојата душа никој не внесувал никаков Бог, никаквов морал, никакво милосрдие, чесност, пристојност. Но, затоа јас порано од другите деца имав видео-рекордер, и можев со саати да гледам криминални филмови, хорор-филмови, со часови ја исполнував душата со насилство, со крв, со убиства, со „тврд“ секс. Почнав да се поистоветувам со хероите од тие филмови, и во мојата душа се развиваа гордоста и славољубието. Да, јас свесно ги развивав тие „квалитети“ во себе, зашто не сакав да бидам како другите, туку сакав да бидам над нив, поголем и посилен од нив. И кога се организираше нашата тинејџерска банда и кога почнавме да оперираме во нашиот микрореон, јас се занимавав со хулиганство и со ситен бандитизам не толку заради материјални средства, па дури не и заради дрога, зашто во тоа време уште не бев толку голем зависник, туку за другите да се плашат од мене, за да ме знаат и да говорат за мене: „Да, тоа момче е силно, тој е член на бандата“.

Во семејството не се интересираа од каде ми се парите и новите ствари. Татко ми и мајка ми, се разбира, не можеа да ми пружат сè што ќе посакав. Тие ми велеа: „Снајди се самиот!“ Кога доаѓав дома во нови алишта и со пари, и кога објаснував: „Го наплатив долгот“, татко ми го прифаќаше тоа како нешто нормално и го одобруваше. Затоа и нема ништо чудно во таквиот развој на мојата душа. Јас не знаев што е тоа ГРЕВ, и бев убеден дека стекнувањето пари на начин на којшто јас тоа го правев, макар што е рискантно, е нормално. Никој не ме обвинуваше за тоа. Тој гревовен начин на живеење конечно ме доведе до тоа да почнам да се „фиксам“ со хероин и до мое пропаѓање – во бездната на адот.

(Поради должината, текстот ќе биде објавен во неколку продолженија)

 Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети: {moshits}