Зависта – е страшно зло, полно со лицемерие. Таа ја исполнува вселената со многубројни несреќи. Од оваа болест судовите се полни со обвинети. Од неа произлегува страста за слава и стекнување на моќ; од неа е властољубието и гордоста. Од тука започнуваат патиштата на разбојниците и грабачите. Од тука се убиствата по целата вселена; од тука е разделувањето на нашиот род. Какво зло и да видиш, знај дека тоа произлегува од зависта. Таа ја има нападнато и Црквата. Таа од секогаш е причината за многубројните зла. Таа е мајка на среброљубието. Оваа болест ја извртува и вистината, и правдата. Гозбите и подароците ги заслепуваат очите на мудрите; како узда во устата – ги сопираат изобличувањата (Сир. 20, 29). Таа и слободните ги прави потчинети. За неа ние секој ден беседиме, но немаме никаква полза. Нема веќе милосрдни по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да пролеваат крв; секој му става на брата си стапица (Мих. 7, 2).

И така, дали сега ние треба да плачеме, или е подобро, секој ден да ги кажуваме овие зборови. Но ако подобро размислиме, ќе увидиме дека ние ништо нема да постигнеме со молби, зборови и предупредувања; затоа ни останува само едно – да плачеме, бидејќи и Христос така постапувал: кога ерусалимјаните, после многубројните Негови опомени, воопшто не се поправиле, Он плачел за нивната ослепеност.

Така постапувале и пророците; така треба и ние сега да постапуваме. Сега е време за плач, солзи и оплакување. Побарајте и повикајте да дојдат тажачки; испратете да дојдат вешти жени за таа работа (Јерем 9, 17). Можеби, преку ова ние ќе бидеме во состојба да ги исцелиме од болеста, оние кои со итрина и лага, градат убави домови и се здобиваат со имот.

Благовремено да плачеме; но и вие, ограбени и навредени, земете учество во мојот плач; присоединете се кон мојот плач и моите солзи. Но нема да плачеме за самите себе, туку за нив: не ве навредија тие вас, туку себеси се погубија. Вие за тоа ќе го добиете Царството Небесно, а тие за неправилното збогатување, адот. Затоа подобро е да бидеш навреден, отколку некого да навредиш. Да плачеме за нив, но не со човечки плач, туку со плачот на Светото Писмо, со кој плачеле и пророците. Да заплачеме горко со Исаија и да речеме: Тешко ви вам, што притурате куќа кон куќа, што присоединувате нива кон нива, така што за другите да не останува место, како да сте само вие населени на земјата! Во ушите мои – Господ Саваот рече: – тие многубројни домови ќе бидат пусти, тие големи и убави куќи ќе бидат без жители (Иса. 5, 8-9). Да заплачеме заедно со Наума и да речеме со него: Тешко на оној што високо ја издига својата куќа! Или подобро да плачеме за нив така, како што Христос во тоа време говореше: Тешко вам, богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха! (Лука 6, 24).

Затоа ве замолувам, и ние да станеме и непрестајно да плачеме; а ако тоа е непристојно, да почнеме да се удираме во градите пред очите на негрижата на браќата. Но да не плачеме за тој, кој веќе умрел, туку да плачеме за предавникот, алчниот, среброљубецот и ненаситниот. Зошто да плачеме за починатите, кои нема да имаат никаква полза од нашиот плач? Да плачеме за оние, кои сеуште имаат можност да се поправат.

Но во исто време, кога ние ќе заплачеме, тие можеби ќе ни се смеат? И тоа е достојно за солзи, бидејќи тие се смеат над она, за кое би требало да плачат. Ако тие барем малку би се трогнале, од нашиот плач, тогаш би требало да престанеме да плачеме, со надеж за нивно исправување. Но бидејќи тие остануваат бесчувствителни, тогаш ние ќе продолжене да плачеме, не само за богатите, туку и за среброљубците, измамниците, предавниците и лакомците. Богатството не е зло: него можеме полезно да го употребуваме, ако на пример, ние него го трошиме за помош на бедните. Но злото – е лакoмство; тоа подготвува бескрајни казни.

И така, да почнеме да плачеме. Можеби тоа ќе повлијае да се поправиме. Ако оние кои паднале во овој грев, не се ослободат од него, можеби другите, кои не подлегнале на ова зло, ќе се запазат. Да даде Бог, и тие да се ослободат од оваа болест, и никој од нас да не потпадне под нејзиниот јарем, за сите да се удостоиме за ветените блага, по благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава му оддаваме во сите векови. Амин!

20-ти март 2018 лето Господово



Извор: http://vsemolitva.ru

Преземено од: http://www.pppe.mk/2018/kako-da-se-borime-so-zavista/