Да се освестиме веќе еднаш. Тој нечистиот, задскриен, ни се смее и тоа ни се смее до солзи со тоа што го правиме.

Забораваме на постот, или постиме како на диета.

Забораваме на молитвата, или се молиме по потреба.

Забораваме на смирението, односно целосно исчезнало.

Забораваме да не расудуваме и да не судиме.

Забораваме да не озборуваме. Забораваме да не се возгордеваме.

Забораваме да не ожалостуваме и да не навредуваме.

Забораваме да не ропотаме напразно.

Забораваме да се трудиме и да работиме.

Забораваме да не потценуваме.

Забораваме на немаштијата и сиромаштијата.

Забораваме на милоста и милосрдието.

Забораваме на човечноста.

Забораваме на православието.

Забораваме на Бога.

А со сето ова, забораваме на нас самите и на нашите околу нас, на ближниот до нас. И тој заборава на нас и така понатаму.

На сѐ ќе се потсетиме, за сѐ ремајндер ќе вклучиме, за сѐ ќе ни текне, ама за верата наша, за храмот наш, за нашиот православен живот, за нашето бивање и пребивање во Бога, ќе заборавиме… А сѐ ова обратно да биде, нема да биде проблем. Со чиста вера, со чисто срце, со силна вера, со права вера, со вистината, со тврдата вера во нас самите, со сознанието и практикувањето на Православието, со целосната воцрковеност, со целосна љубов кон Христа, со целосна Љубов кон Богомајката, со целосна пожртвуваност во верата… Со целосна љубов кон ближните и кон Бога.

Никој нема да ги забележи мартинките на плоштад – ќе ги оддува пролетниот ветрец.

И пак и пак штрковите ќе пристигнат и ќе се вратат, и ќе ги свијат своите гнезда на манастирските и црквените покриви.

Додека вие внатре се молите.

Леки и Благословени пости.

(извадок)

 

Кочовски Ѓорги

Извор: http://pravoslavie.mk.