Монахиња Валентина Друмева

(игуманија на Калоферскиот манастир „Воведение“ во Пловдивската митрополија)

monahinjja.Valentina.jpg

СУЕВЕРЕН СТРАВ

Умот е создаден за логичко размислување. Јулија се чудеше зошто луѓето понекогаш размислуваат за неверојатно глупави нешта и без критика ги прифаќаат истите. Таа со тоа мислеше на верата во суеверија, коишто станаа секојдневен сопатник на човекот и ја уништуваат неговата личност. Таа запраша:

-          Мамо, паметни и високообразовани луѓе се ужаснуваат кога, на пример, мачка ќе им го попречи патот, а особено доколку таа е црна.

-          Тоа е лесно објасниво – рече мајка ѝ – и се послужи со обичен пример, ангажирајќи го нејзиното внимание.

-          Јулија, замисли, што ќе се случи со еден сад, полн со житни зрна, доколку нив ги истуриме?

-          Садот ќе се испразни – одговори таа.

-          Не е точно! Тој ќе се испразни од пченичните зрна, но ќе се исполни со воздух. Природада не трпи празен простор. Истото се случува и со мислите на човекот. Кога ќе исчезне верата во разумните нешта, тогаш умот се исполнува со измислици. Во тој случај, умот му отстапува место на суеверието. Суеверие значи празноверие, затоа што садот на умот е испразнет од чистата духовност, а наполнет е со демонска темнина.

Јулија и мајка ѝ беа просветлени христијанки и ги сожалуваа луѓето, коишто во својот начин на живот внесуваат суеверија. Коренот на суеверијата е во паганизмот, кога луѓето им се поклонувале на идолите демони. Но и откако Христовата светлина го озари светот, демоните продолжуваат да погубуваат човечки души. Тие преку суеверијата ги тераат луѓето да им се поклонуваат.

А во нашево конфузно време со ниска духовност, суеверијата си наоѓаат поволна почва во душите на луѓето. Така се доаѓа до нов паганизам. Современите суеверија се безбројни.

Многумина стравуваат од бројот тринаесет. Се плашат да изнајмат хотелска соба со број тринаесет, за да не им се случи нешто лошо. Други, пак, ги сметаат одредени денови како судбоносни, а всушност времето е Божјо. Многу луѓе се плашат од лоши средби.

Стравот доаѓа од гревот. Ако човек е духовно чист, тогаш ништо не може да му изврши лошо влијание. Вината не лежи во луѓето што ги среќаваме или во предметите, туку во самите нас.

Суеверијата имаат магично дејство само врз оној човек кој истите ги прифаќа и им верува. Кај просветлените христијани, со очистено срце, се добива обратен резултат. Тогаш е како кога некој пука во човек, но куршумот се враќа назад и го погодува стрелецот.

За христијанинот со чисто срце, суеверниот страв претставува празна работа. Тој има страв само од гревот. Само тој страв е спасителен, а не суевернииот страв.

Извор: Скопска епархија