Старица Гаврилија

Лерос, 10 февруари 1992г.

…Кога ќе го читаш ова писмо, јас ќе имам веќе заминато од овој свет, а ти пак, ќе бидеш цела девојка. Сега веќе не си мало дете и токму затоа веројатно ќе те интересираат овие неколку мисли околу многу важната тема на љубовта – љубовта која еден ден ќе те поврзе со некое младо момче.

Ќе дојде момент кога ќе го почувствуваш своето срце како бие, како што велиме, малку посилно за тоа момче. Во времето во кое живееш, работите се малку или многу променети. Сега младите се во брзање што повеќе да го живеат животот, да стекнат колку е можно повеќе искуства, колку е можно побрзо… Но секоја работа треба да биде во свое време. Во своето благословено време.

Внимавај, моја С., многу момчиња ќе ти пристапат во името на љубовта. Тоа е нормално зашто љубовта е првата убава работа во нашиот живот. Таа е како цвет што се отвора на сонце едно пролетно утро и не знае уште добро што му се случува и се збунува… Знаеш, еден ден кога ќе ни кажат дека нè љубат тоа ни годи. Но, тоа не е секогаш љубов. Денес веројатно нè сакаат, но тоа што го сакаат денес, утре може да го остават зашто виделе нешто друго што им се допаднало и што го сакаат за да ја задоволат својата желба. И кога утре–задутре ќе отидеме кон Светата Тајна Божја, Бракот, и ќе облечеме убави облеки однадвор и ќе се накитиме, а однатре носиме едно тело истуткано, нечисто, тогаш Бог не го благословува тој Брак.

Кога едно момче ќе те засака вистински, тогаш ја сака твојата душа и ти неговата. И тогаш немате потреба од ништо друго, зашто чувствувате светост во тоа пријателство и познанство и секој ден едниот открива ризници во душата на другиот.

Еден Брак, едно такво соединување, не само што се благословува, туку нема ниту развод, ниту абортуси, ниту нешто спротивно на Божјата Заповед. Еден таков Брак донесува на свет благословени деца како што си ти. Зашто и твоите родители го запазиле свет својот Брак.

Знаеш моја С., Бракот далеку од Бога и од Божествената Причест е далеку и од добродетелта. Има прељуби, неверства, многу опасности и грда атмосфера. Од еден таков Брак децата одат по лоши патишта – во насилство, во наркотици, во лоши друштва и пријателства.

Додека не дојде оној момент кога ќе бидеш сигурна за љубовта што ќе ја чувствуваш и ти и избраникот на твоето срце, внимавај. Не брзај! Зашто постојат многу што бараат само едно парче месо, бидејќи веројатно и самите немаат ништо повеќе да ти дадат.

Радувај се моја С.. Да бидеш секогаш на патот Божји, каде и како што Он сака да бидеш. Секогаш со љубов за родителите што те донесоа во живот, но и за сите и за сè. Да бидеш секогаш нивното благословено дете.

 (Од книгата „Аскетизмот на љубовта“ )

Извор: Ортодоксија ортопраксија