Писмо на хаџи Георгиј
до
митрополитот на Хиос


 До високопреосветениот митрополит на Хиос,
 Господин Григориј


 Преосветен Владико,
 смирено се поклонувам на Вашата света десница.

 Ве молам, и Ве уверувам дека старците Јеротеј и Макариј, кои тихуваат во ќелиите на Вашите епархии, го возљубија таквиот живот, и се трудат да истраат во еден таков живот. Бидејќи сами се обврзале на тоа, тоа било гордост; меѓутоа, од денес тоа нека биде со Ваш благослов, за трудбениците се вели дека за нив нема закон, тие секогаш се воздржуваат. За да не ги измачува совеста како престапниците, тоа од сега нека биде со благослов на Вашето Преподобие. Монахот треба секогаш да послужи со добар пример пред народот: „Така да се светли вашата светлост пред луѓето“.  Ова нека биде неразрушиво правило, бидејќи кој смирено пости како грешник, дали заради подвигот или љубовта Божја, каноните на Светите Отци не му забрануваат. За тоа имаме полно сведоштва. Мнозина Светии го проживеале целиот свој живот јадејќи трева; други пак зелка  - свети Јован Златоуст; свети Јаков братот Божји постел целиот живот, не вкусувајќи ништо живо, како што чинеле и многу пустиници, а сега и јас бедниот. Нас не има околу триесет браќа во една ќелија, и еве веќе четириесет години како живееме угледувајќи се на нив, па ни на Пасха, ниту на Поклади не мрсиме. Слично прават и други пустиници кои тихуваат по двајца или тројца заедно. И тие го поминуваат својот живот во пост.

 Сега е многу потребно Вие како пастир да се потрудите и спротивставите на гонењето на испосниците, на што многу се сколни денешните христијани. Некогаш со закана, некогаш со совет, учете ги да не ги кршат правилата на Светите Отци и на Соборот на нашата Црква, бидејќи во нив пишува: кој не пости во среда, петок, за Светата Четириесетница и другите одредени постови, нека се одлачи. Поради тоа, колку можеме треба да ги спречуваме луѓето да не го нарушуваат Законот Божји и чинат неприлични дела; и таквите прекршители треба да се прогонат. На браќата пак, кои сакаат да постат имајќи добра цел, не  им пречете гледајќи како се трудат, туку радувајте се што имате такви доблесни луѓе во својата епархија и нека Ви бидат за пофалба. Ако пак, нешто им биде потребно, помогнете им. Верувам дека ќе имате голема награда грижејќи се за такви луѓе.
 Владико мој свети, бидејќи постои смрт, не очекува Судот Божји на кој што Бог ќе суди на секого по делата свои. Опростете ми мене бедниот и ништожниот, бидејќи слушам за Вас прекрасни работи и не сум достоен да ја отворам устата своја и да Ви кажам збор.

Нека Вашите свети молитви секогаш бидат со нас.
Амин.


Хаџи Георгиј, монах
Света Гора, Атос, Керасија
15 април, 1872 година


 Сите ние имаме свештена должност де се сеќаваме на нашите предци и да им благодариме, бидејќи многу им должиме, а дотолку на нашите свети предци кои ни помагаат со својата слобода која што ја имаат пред Христа. Заради тоа би било добро да изнесеме уште нешто за духовниот Отец хаџи Георгиј – јеромонахот Неофит и неговиот духовен Дедо – старец Авксентиј.

 Јеромонахот Неофит Караманлис, додека уште како мало дете бил во Кесарија, слушал за Света Гора и во својата детска простота помислувал дека монасите пустиници јадат кога ќе слушнат ѕвонење на небото. Така решил да ги подражава. Чекал кога и самиот ќе чуе ѕвонење на небото во деветиот час, и кога би ја дочекал, би седнал и би јадел. Овој типик го држел до својата осумнаесетта година, кога дошол на Света Гора и постанал монах кај старец Авксентиј на Капсокаливи, трудејќи се прилежно осумдесет и осум години.

 Високопросветениот Порфириј Успенски, тогаш уште архимандрит, го посетил јеромонахот Неофит и разговарал со него. За тоа го пишува следното:
 Отец Неофит се родил и пораснал на Исток. Одамна овде се труди за своето спасение и за спасението на ближните. Тој е духовник, и кај него се исповедаат монаси од пет манастири и владиците кои престојуваат на Света Гора.  Согласно со она што го вели(отец Неофит), монасите од општожителните манастири се причестуваат често со Светите Тајни, но без строг пост. Со овој дух не се задоволува јеромонахот Неофит. Тој е строг. Бидејќи бев под влијание на она што го прочитав кај светиот Јован Златоуст – дека оние кои се причестуваат со Телото и Крвта Христови, треба да бидат почисти и од сончевиот зрак – го замолив својот соговорник да каже уште нешто душеполезно.
 Тој ме погледа со своите проѕорливи очи, па ми рече:
- Имај страв Божји и биди воздржлив.
- Амин – одговорив и го запрашав за неговиот духовен живот.
- Имам десет послушници – ми одговори. – Никаде не одат. Дење ја обработуваат бавчата и лозјето, а ноќе прават многу метании, секој посебно. Оној кој повеќе од другите ги сака метаниите, го ослободувам од работата... Се задоволуваат со суво јадење. Се причестуваат еднаш во седмицата, после исповедта и разрешните молитви.

Старецот, духоникот Неофит, по мислењето на неговите современици, бил Свет човек пред Бога. За својата смрт бил известен четириесет дена порано, прочитал Евангелие и Псалтир, самиот си го ископал гробот, се причестил со Светите Христови Тајни, дал благослов на своите ученици, се прекрстил и во мир ја предал  душата на Господа.
 Се упокоил во 1860 година, во својата сто честа година, од кои осумдесет поминал на Света Гора.

 За духовниот Дедо на хаџи Георгиј, старец Авксентиј, отец Герман Хаир го изнесува следново:
 Во старо време, во Кутлумушкиот скит, постоело почитување на достојните Старци, како древните Велики Отци, покрај кои што ние, како и целото братство на скитот, проаѓавме со голема почит и уважување. На бденијата стоеле како столбови, од вечер до утре, гледајќи доле во подот на црквата; Црквата била полна со такви Старци. Сите биле молчаливи; празнословието кај нив не постоело; дури и кога требало да кажат нешто потребно, говореле малку и кога било за тоа време, кога требало. Доследно воделе духовен живот. Меѓу нив посебно блескал со својот свет живот старецот Авксентиј, Меѓу сите тие Старци подвижници, тој бил како некоја ѕвезда. Престојувал во ќелијата на Светиот Великомаченик Георгиј. Имал еден земјен сад во кој што ја готвел за себе тревата која ја собирал од пустината и само со неа се хранел. Понекогаш јадел и леб, но ништо повеќе од тоа. Старецот Авксентиј во скитот поминал околу шесеет години.
После неговата смрт го наследил ученикот Неофит „Караманлис“, кој што умрел во 1860 година на старост околу над сто години.
После јеромонахот Неофит „Караманлис“ заблескал во Керасија Атонска неговиот ученик, хаџи Георгиј, голем подвижник и голем испосник кој што оставил „име“! А своето име како презиме за големите испосници: „ Овој е хаџигеоргиец!“


Нивните Свети молитви нека бидат со нас.
Амин.

 

(Продолжува)

Подготви: Даниел Илиевски

Vinjeta.zakniga1.jpg

 

 

 

 

 

Друго:

 СТАРЕЦ ХАЏИ ГЕОРГИЈ СВЕТОГОРЕЦ (1)