Korica.Pisma.Valaam.jpg

65. 
17 септември 1952 г.
...Се израдував на тоа што си почнала да читаш духовни книги. Сама преку опит си ја почувствувала духовната корист од нивното читање. Вистински час е, продолжи да се учиш на духовен живот.
На неа кажи и да се моли за родителите на својот сопруг и да даде прилог на Црквата за покој на нивните души. Ако срцето тоа не и го сака, нека го принуди, инаку Бог нема да и ги прими молитвите за спасение на нејзината душа. Господ ни заповедал да ги сакаме дури и нашите непријатели (Мт. 5, 44; Лк. 6, 27-35.). Дури и Самиот Господ се молеше за оние кои Го распнаа: „Оче, опрости им, бидејќи не знаат што оправат" (Лк. 23, 24.). Св. архиѓакон Стефан, кога го каменувале, вака се молел: „Господи, не примај им го ова за грев". И кажувајќи го ова, умрел.
Господ во Светото Евангелие за простувањето на навредите зборува многупати, а ти, по својата слабост, а можеби и заради гордост, не сакаш да ги споменеш оние кои те навредуваат. Знај, на Второто Господово доаѓање ќе се суди според Евангелието, бидејќи небото и земјата ќе минат, но ниедна јота и ниедна црта од законот нема да поминат (Мт. 5, 18.). Страшно е да не се исполнуваат евангелските заповеди! Моли се Господ да го омекне твоето срце, да не памети навреди, па и ти да можеш да се молиш за родителите на својот сопруг. Можеби, овие мои редови ќе ти изгледаат строги, но јас поинаку не можам да пишувам.
Преподобен Варсонуфиј рекол: „Мајка Сара рекла: ако сакам да им угодам на сите луѓе, ќе морам да се каам пред нивните врати".
Поради мојата болест, не треба да се ожалостуваш! Ако се жалостиш, ќе погрешиш! Дали ќе трае долго мојот живот во оваа долина на плачот — е неизвесно. Иако ми стана многу напорно (се причестувам во олтарот), сепак одам на службите, во трпезаријата и на прошетка.
Од немоќта не треба да се плашиме, бидејќи Господ слезе од небесата заради немоќните. Ако човек ја познае својата слабост и се покае, Господ, по Својата добрина, нема да ги спомене неговите слабости и гревови. Најмногу од се треба да се плашиме од ѓаволска гордост, суета, омраза и осудување, а слабостите ја смируваат нашата замислена побожност (благочестивост). Не чуди се што и добрите луѓе, кои се блиски на Црквата и длабоко веруваат, заради и најмал прекор, ги прекоруваат сите. Тие луѓе се надворешни, немаат претстава за она што ни е единствено потребно, затоа нивното надворешно благочестие не им носи никаква корист. А за X. треба да се молиме и да сочувствуваме со нејзиното „тешко" кумче.
Овие денови, некој монах ми рече: „Ми досади животот, да можам да умрам! Сакам да се претворам во небитие!" Јас, пак, премолчив. Знам дека тој нема да ги прими моите совети. Па, сите монаси се начитани и кој, како го разбира богословието и светоотечкото учење, правилно или неправилно, така и се држи до своите убедувања. Таквите луѓе не примаат совети отстрана — тие со задоволство ги поучуваат другите. Ах! Колку убаво се изразил преп. ава Доротеј: „Секој кој е таков, самиот живее небрежно и не држи ниедна заповед, а од ближниот бара да ги исполнува заповедите". Колку сличи примери можеме да видиме во текот на денот! Секако, јас не обрнувам внимание на нив, бидејќи тоа е вообичаена појава. Ако добро погледнеме самите, во своето срце ќе видиме вистински хаос и сличните појави нема да не допираат.

66.

Господовите судови се непоимливи за нас грешните и никаков ум не може да ги сфати, и ние нема да испитуваме Господ кому каков крст дава. Ако твојата познаничка не кара и не понижува, нема да се вознемируваме и да ја осудуваме, туку ќе се молиме Господ да и помогне и да ја избави од несреќата и жалоста.
Знај, дека карањата и понижувањата, иако е непријатно да се поднесуваат, сепак, многу се корисни и спасоносни за нас. Ако построго се ослушнеш себе си, ќе го дознаеш тоа преку искуство. Треба да се плашиме од пофалбите, бидејќи тие во душата всадуваат суета и вообразеност. Лошо е ако пофалбата е поголема од заслугата.
Сиротиот X., повторно почнал да пие. Пренеси му го мојот поздрав, нека не паѓа со духот. Господ ќе му помогне да се поправи.
Го провикувам врз сите вас Божјиот благослов.

Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

Друго:

 Писма на валаамскиот старец (1)

Писма на валаамскиот старец (2)

Писма на валаамскиот старец (3)

Писма на валаамскиот старец (4)