Korica.Pisma.Valaam.jpg

62. 
12 декември 1952 г.
Го добив навреме твоето срдечно писмо. Од се срце ти се заблагодарувам за твојата добра желба и расположение кон мојата немоќ.
Се радувам што успешно те оперираа: не ти помогна мојата слаба молитва, туку твојата вера во моите молитви. Тоа се гледа од Светото Евангелие. Спасителот многупати говорел: „Нека ти биде според твојата вера!"
Лежев в болница во градот Јоенсу две недели. Сега, со Божја помош, се чувствувам добро. Многу добро ја разбирам желбата на жената да има деца и нејзината жалост, ако ги нема. Моја желба е Господ да ја исполни желбата на твоето срце: да се потпреме на Божјата волја и да ја чекаме Неговата милост.
Ми ги нудиш своите услуги да ми помогнеш некако. Јас имам се и не треба ништо да ми испраќаш. Но, кога ќе го добиеш ова писмо, напиши ми како се чувствуваш во душата. Трпеливо ќе го чекам твоето писмо.

63. 
27 април 1952 г.
Одговарав на писма на разни луѓе и ете, дојде ред да одговорам и на твоите. Убаво е што сакаш да седиш дома и никого да не викаш кај тебе, а, ако луѓето нешто зборуваат поради тоа, ти држи се до своите убедувања! Исто така е добро да бидеш подалеку од парохисите работи, но ако нешто те допре, треба да зборуваш. Не заборавај најнапред да се помолиш и во искуство ќе видиш полза од тоа. Иако е тешко да се трпи жалоста, сепак е многу корисно. И ние треба да се подготвиме, со Божја помош, да трпиме — посрамотување, прекори, презир и потсмев. Ако така се подготвиме, кога ќе дојдат, полесно ќе ги понесеме. Луѓето се непо¬стојани: денес те воздигнуваат (на небесата), а утре те фрлаат (во бездна)!

64. 
26 јуни 1952 г.
Твојата пратка и писмото ги добив навреме. За пратката не треба да ти се заблагдарам, туку треба да те прекорам. Самата живееш во немаштија, а испраќаш пратки и уште на схимникот кој треба да се прехранува со леб и вода, по примерот на св. отци. Ти зборувам строго за да не го правиш тоа во иднина.
Пишуваш дека си „мрзлива и неодговорна" и молиш да те прекорам. Како можам тебе да те прекорам кога и сам сум остарен и кога боледувам од истата болка како и ти, дури и повеќе од тебе. Сепак, нема да паднеме со духот и да очајуваме! Да се смириме и да почнеме, иако дојдовме во 11. час (Мт. 20, 1-16.). Но, Господ е многу милостив и истата плата им ја дава и на оние кои работеле од утрото. Слава, Господи, на Твоето свето милосрдие!
Господ им дава молитва на оние кои Му се молат. Сепак, знај дека молитвата бара борба до смртниот час. Биди задоволна со својата молитва. Кон умиление и солзи не тежнеј, а кога тие ќе дојдат, задржи се на нив додека самите не поминат. Молитвата или сеќавањето на Бога се едно исто. Може да се оди или нешто да се работи и при тоа да се мисли на Бога — тоа, исто така, е молитва.
Труди се никого да не осудуваш и да не чувствуваш непријателство кон никого, инаку мо¬литвата нема да ти биде од полза. Господ нека те измудри!

 

 

(Продолжува)

 Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

Друго:

 Писма на валаамскиот старец (1)

Писма на валаамскиот старец (2)

Писма на валаамскиот старец (3)

Писма на валаамскиот старец (4)