Korica.Pisma.Valaam.jpg

52.
10 јануари 1951 г.
Христос помеѓу нас!
Најбогољубива мајчичке! Твоето содржајно писмо го добив навреме. Пишуваш за своите доживувања. По доброто расположение, повторно возбудување и разочарување. Поинаку и не може да биде во оваа долина на плачот. Дури ни светите Божји угодници не биле ослободени од слични промени. Прочитај ја кај преп. Исак Сирин 46.гл.
Уште пишуваш дека твојата познаничка влегла во секта. Многу жалам што нашите православни верници многу малку знаат за својата вера и лесно паѓаат во разни секти. Сите секти, ереси и расколи се основани на гордост и автосугестија. Во православието авторитет се — вселенските собори и учењето на св. отци. Господ рекол: „Блажени се чистите по срце, бидејќи тие ќе го видат Бога." Ете, св. отци со Божја помош го очистиле срцето од страсти. Тие вистински ја познаваат Божјата волја, откриена во Светото писмо, а луѓето коишто не го исчистиле срцето од страстите, не можат правилно да го разберат Писмото; таквите се сопнуваат, се оддалечуваат од вистинитиот пат и застрануваат на разни страни. Тие, може да се каже, дека се симнале од голем брод и се качиле во кршливо кајче, сакаат да го препловат житејското море и погинуваат во брановите на суетните мудрувања. Таквите вадат делови од текстот на Светото писмо за да ги оправдаат своите заблуди.
Имам малку време за да можам да водам преписка со твојата познаничка. Нека ја земе кни¬гата на еп. Теофан (Затворник) Пат кон спасението, во неа ќе најде решение на своите прашања, Господ да ја измудри!

53. 
23 јануари 1951 г.
Пишуваш дека си расеана од светските обврски и немаш доволно ревност да те подигне од земјата. Не тревожи се! Биди задоволна од тоа што го имаш: тежнеење кон она што единствено ни е потребно. Секој има свој начин на живот. Приспособи се на својата положба и настојувај се што работиш да биде за Бога. Кон созерцателен живот не настојувај, потруди се да водиш полн живот со дела. Па нели ти зборував: труди се да ги исполнуваш евангелските заповеди, бидејќи при Второто Господово доаѓање ќе се суди според Евангелието. Се-пак, не сметај Го Бога за строг казнувач. Тој е многу милостив. Слава, Господи, на Твоето милосрдие! Ако се случи да отпаднеш од добродетелта, не плаши се, бидејќи нашата човечка природа е непостојана. Само на ангелите им е својствено постојано да престојуваат во добродетелта, како што вели Апостолот: „Што е зад тебе заборави го, а настојувај кон она што е пред тебе!"
Јас сега малку читам книги, ги читам само забелешките што ги направив во различно време. Не се држам до определеното молитвено правило, настојувам да го исполнувам правилото на цариникот. Повеќе сакам да ги читам Еванѓелието, Апостолските посланија и Псалтирот со толкување. Кога ќе легнам в кревет, се трудам на глас да го кажувам Евангелието, колку што можам по сеќавање, тоа за мене е многу корисно. Немам истомисленици со кои би поразговарал за она што единствено ни е потребно. Ах, колку големи богатства се за нас грешните светоотечките списи! Кога почнувам да читам, се чувствувам како порано да не сум ги читал. Еве, денес го прочитав IV слово кај преп. Исак Сирин — едноставно прекрасно! Мене сега ме освојува мислата за идниот живот. Вечност — нема крај! Од тоа ме полазуваат морници! Тука, на Земјата, колку тешко и да се живее — сите тие силни неволји и тешки болести престануваат со смртта на човекот. Некои во тешките мигови велат: „Што побргу да умрам!" Тоа е некаква утеха — страдањата да завршат. А во идниот живот што да се очекува? Вечноста нема крај. Господи, помилуј не грешните! Утешно е да се чита Светото Еванѓелие. Понекогаш станувам ноќе, ќе прочитам една глава и лежејќи ја повторувам, дури и со солзи се обливам од Божјото милосрдие. Чудесно е Божјото милосрдие за нас грешните! Господ го примил нашето тело и станал вистински човек (во се, освен во гревот). Нема да скријам од тебе, ги пишувам овие редови и плачам. Ти пишувам не од суета, туку едноставно ги делам своите внатрешно доживувања со човек истомисленик.
Оваа седмица јас ќе служам и ќе те споменувам во своите молитви. Господ нека те чува! Потруди се да ги предадеш оние нафори, ни себе не скратувај си — земи две.
Го призивам врз тебе Божјиот благослов, со љубов во Христа.

54.
2 мај 1951 г.
Еве како се покажа немоќна во духот! Те оддалечиле од послушноста и срцето ти се стегнало од болка! Дури и велиш: „Ме избркаа така лошо, како мало девојче." Се ожалостуваш без причина, дури нема ни поради што да бидеш навредена. Треба да бидеш задоволна и благодарна што сега можеш да стоиш во Црквата без никаква возбуда, па нели порано ми пишуваше дека си била незадоводна со таа послушност, а кога те смениле, срцето ти се стегнало. Добро е што си сфатила и си се покајала. Бог ќе ти опрости. Сепак, знај дека без настани што ни служат за смирение, не можеме да се смириме.
Го читаме Светото Евангелие и ги забораваме страдањата на Спасителот. Тој бил совршен Бог и совршен човек (човек по се, само не потрев). Заради нашето спасение трпел посрамотување, карање, плукање, удари по лицето, тепање по главата со трска и срамотна смрт на крстот. Опрости ни, Господи, поради нашата негрижа и непочитта кон Твоите страдања. А како излегува кај нас? Дури ни прекорен збор не ни рекле, а срцето ни се стегнало. Значи, немаме смирение, туку гордост. Без смирение нема спасение и нашите подвизи без смирението ќе бидат — посуета. „Господ ни ги дарува Своите дарови, не за друго нешто, туку за смирение", вака не учат св. отци. Кога сме ожалостени, треба да го читаме Светото Евангелие и делата на св. отци.

 

 

(Продолжува)

 Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

Друго:

 Писма на валаамскиот старец (1)

Писма на валаамскиот старец (2)

Писма на валаамскиот старец (3)

Писма на валаамскиот старец (4)