Korica.Pisma.Valaam.jpg

45. 
22 февруари 1950 г.
Еве, започна постот! Сите наши чесни браќа ќе се причестат в сабота. Службата тече во побожен ред, се пее од две певници. Првите два дена се јаде сува храна (сувојадение) — леб, компир и по една краставица; во среда за ручек имаме: грав и компир, секако, без масло. Првата седмица немаме вечера. Сполај Му на Бога, моето здравје е добро и сите старци се весели, сите долги служби ги истојуваат, сета оваа недела не ги работат вообичаените работи.
Бог со својата милост нека ти помогне да го поминеш овој пост во христијанска благочестивост.

46. 
15 мај 1950 г.
Писмо до жената на иноверецот
Христос Воскресе!
Го добив твоето писмо на 13 мај оваа година. Го читав и плачев од радост. По Божја милост, си се успокоила и Господ те удостоил да се причестиш со светите Христови тајни. Писмово ти го пишував не со разум, туку со чувства, бидејќи го почувствував грижливиот немир на твојата душа. На прашањата од твоето второ писмо, одговарам вака: обиди се да бидеш верна на твојот сопруг, не противречи му и слушај го во се, секако, изземајќи го она што особено ти го наложува твојата православна вера. За религиозни теми не треба да разговарате, а ако самиот започне разговор, одговарај колку што знаеш, но пред тоа, во себе, помоли Му се на Бога. Учиго, не со збор, туку со својот добродетелен (доблесен) христијански живот. Не терај го да оди в Црква. Ако посака самиот, тоа е друга работа. Биди задоволна и благодарна што тебе не те спречува да одиш в Црква. Моли се за него едноставно како дете: „Спаси го, Господи, и помилувај го мојот маж X! Сочувај го и вразуми го". А се останато препушти на Божјото милосрдие и биди спокојна. Господ нека те измудри!
Кон неговата мајка постојано однесувај се убаво и културно. Кога некогаш ќе каже нешто непријатно, претрпи. Не разговарај со неа за религиозни теми, инаку ќе го изгубиш својот внатрешен мир. Во гнев, за ништо не решавај, а кога ќе те опфати, прекрати го секој разговор. Под влијание на гневот, постојано ќе донесуваш неправлни решенија и ќе зборуваш неприкладно, а подоцна ќе ти биде жал. И сега сосема јасно ми излегуваш пред очи, онаква каква што беше во Валаам, како петнаесетгодишна девојка; интересно би било да те видам каква си сега, но, за жал, не можам. Би сакал да видам фотографија од тебе и од твојот сопруг. Ако е можно, испрати ми! Се додека сум жив, со задоволство ќе гледам во неа.
Колку е лесно да се општи денес со писма, толкава далечина, а писмото стигнува брзо. Искрено од душава му благодарам на твојот сопруг за лекот; навистина, се уште не сум го добил, но се надевам дека ќе го добијам. Пренеси му го мојот срдечен поздрав, со желба Бог да му даде здравје и секаква среќа во неговите работи. А на кој јазик вие таму зборувате и знае ли тој руски?
Го повикувам врз тебе Божјиот благослов, мое духовно чедо, со љубов во Христа, споменувајќи те и молејќи се за тебе.
Ќе го споменам и твојот сопруг и свекрвата. Господ нека те варди.

47. 
8 ноември 1950 г.
Ме израдува со своето последно писмо. Пишуваш дека ќе умреш како христијанка и јас сакам и се молам да умреш како христијанка. Моли се за својот сопруг, но не досадувај му и не зборувај му да ја прими православната вера. Со своите совети можеш само да го навредиш и да го оддалечиш од православието. Моли се и потпри се на волјата Божја, а се останато препушти го на Божјото милосрдие. А што стана со неговиот испит? Ти не можеш да се сетиш на моето лице од времето кога беше на Валаам, а јас многу добро се сеќавам на твоето лице, дури и разговорот и прошетките по островот. Верувај дека има Бог и дека постои иден вечен живот што нема крај и дека душата на човекот е бесмртна, а и дека не старее. Еве, јас имам веќе 77 години, а се чувствувам млад. Така ќе рече секој старец и старица. Душата го оживува телото; телото е од земја и во земја ќе појде, а душата е Божја и кај Бога ќе отиде, бидејќи ти живееш во суетата на овој свет, тебе, се разбира, ти е потешко да ги разбереш ваквите мисли. Сепак, труди се да му веруваш на Светото писмо во се!
Што се однесува до пеењето во црква, види самата! Помоли се, па онака како што ќе ти дошепне срцето така и постапи! Уште пишуваш дека кај вас црковните служби се многу свечени, тоа е убаво! Како само тоа го возвишува духот. И кај нас, исто така, службите се свечени. За време на празниците има и по 15 свештенослужители во прекрасни одежди. Финците многу се интересираат за нашите служби.
На фотографијата твојот сопруг излегол убаво, тој има добра душа, бидејќи лицето е огледало на душата, а ти не си излегла баш најубаво! Поради нешто си ги собрала усните, а што е она што ти се накривило на главата не го ни разбрав! Дури и низ лупа гледав и не можев да одредам што е! Лекот за болеста на срцето нема потреба да ми го испраќаш. Не сум болен како што мислиш! Летово одев на работа, а сега служам и секојдневно ги престојувам црковните служби.
Големо руско „благодарам" за лекот против реума! Овде многу старчиња го користат и ти благодарат.
Великодушно опрости ми што го одолговлекував одговорот на твоето писмо. Сега те опкружуваат сосема други луѓе. Што да се прави, стрпи се и прилагодувај се за да завладее мир во твојот живот, онолку колку што тоа од тебе зависи.
Господ нека те варди со Својата милост!

48. 
17 јануари 1950 г.
Во голема недоумица сум како да те советувам во врска со твоето последно писмо! Едно ме радува, што во твоето срце тлее пламенче и љубов кон Бога. Да даде Господ тоа пламенче и таа љубов да не згаснат до гроб, труди се да ги одржуваш.
Кога допатувавте во Њујорк, твојот сопруг бараше православна црква, па и сета воскресна служба ја престоја, а сега многу е изменет, не сака дури ни син ти да го водиш во црква! За наша несреќа, може да се очекува дека нема да сака ни ти да одиш во црква. Иако, како што пишуваш ти, тој е добар човек, под влијание на своите роднини тој веќе се изменил, а пламената љубов без вера во Бога е сосема недоверлива. Те жалам што си се нашла во таква средина. Но, не паѓај со духот и не биди малодушна! Моли се и надевај се во Божјата помош и во помошта на Небесната Царица.
За верата со него не зборувај...
Врз тебе и твојата мајка го повикувам Божјиот благослов.
Кога ќе те потисне жалост, пиши ми.

(Продолжува)

 Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

Друго:

 Писма на валаамскиот старец (1)

Писма на валаамскиот старец (2)

Писма на валаамскиот старец (3)

Писма на валаамскиот старец (4)