Животопис на оптинскиот старец јеромонах Макариј

 Optinski.starci.jpg

Глава 2

Отец Макариј во Оптинската пустина.
Подвижништво под раководството на старецот Леонид (1834 - 1841 г.)

На 5 февруари 1834 г. Отец Макариј пристигнал во скитот на Оптинското св. братство, на 46-годишна возраст. Тука тој го поминал останатиот дел од својот живот - вкупно 26 години, 17 месеци и 2 дена.
Како што самиот признава, тој се преселил во скитот на Оптина, макар и по своја волја, но без усилено настојување, а предавајќи се на Божјата Промисла. Раководна мисла му била да биде поблизу до старецот Леонид, за да добие полза за својата душа од тоа општење.


И покрај тоа, што мнозина го избрале за свој наставник, а од 1826 г. тој бил исповедник и духовник на монасите од Севскиот манастир, отец Макариј самиот претпочитал да биде послушник на старецот Леонид. Тој се сметал за мошне мал да биде раководител на другите. Затоа бегал од човечката слава и сметал за голема чест да седи како последен послушник до нозете на својот наставник.


Во почетокот му било наложено да помага во неговата опширна кореспонденција, потоа го назначиле за духовник на братството, а од 1 декември 1839 г. тој станал и началник на скитот при Оптинската пустина. Исполнет со вера и љубов кон својот старец, тој не вршел ништо без да се допраша до него, и целиот успех на своите иницијативи го оддавал на молитвите, благословот и советите на старецот. Умилително било негово-то смирение пред отец Леонид. Во тој однос, забележителен е следниот случај.


Еднаш, игуменот отец Мојсеј го повикал отец Макариј и го замолил како духовник на братството да ги земе под свое раководство браќата, кои се подготвувале за постриг. Отец Макариј ова го сметал за наредба и одговорил со смирен поклон во знак на согласност. По ова, отишол при старецот Леонид и му соопштил за слученото. Отец Леонид, како секогаш, бил опкружен од множество посетители, секој дојден со своите прашања, потреби и недоумици. Опитниот старец, следејќи ги советите на св. Јован Лествичник - да се опоменуваат за смирување помладите монаси, се ползувал од случајот, да го достави на отец Макариј драгоцениот венец на трпението, а присутните - да ги поучи со примерот на неговата смиреност. Преправајќи се како срдит и строг, тој го запрашал дојдениот:
- Е, што? Се согласи ли ти?
- Да, речиси се согласив или, пбточно речено, не смеев да откажам - одговорил отец Макариј.
- Да, тоа е својствено за твојата гордост! - рекол старецот со повишен тон и земајќи изглед на разгневен, долго го укорувал отец Макариј. А тој стоел со наведната глава, смирено се поклонувал и повторувал од време на време:
- Виновен сум! Заради Бога простете ми, баќушка!
Сите присутни, навикнати да го уважуваат отец Макариј, секако, со старецот, гледале на таа сцена - едни со недоумица, а други - со побожен восхит. Откако старецот замолчел, отец Макариј му се поклонил до нозете и кротко запрашал:
- Простете, баќушка! Ќе благословите ли да откажам?
- Како да откажеш? Сам си се натрапил - а сега ќе се откажуваш! Не, сега веќе не можеш да се откажеш! Свршено е веќе! - му одвратил отец Леонид, кој, не сакал сосема да бидат лишени од духовна полза оние, кои поверувале на духовното раководство на опитниот наставник.


Целта на карањето била сосема друга - да се испита смирението на напреднатиот во млад старец и духовник и преку ова да им се достави полза на другите. И таа цел била наполно постигната. Воопшто, старецот Леонид не пропуштал случаи да го збогатува отец Макариј со венци на трпението, откако често го карал и му правел забелешки и тоа пред други луѓе. Отец Макариј го примал тоа со трпение и смирение, укорувајќи се самиот, дека не наоѓал начин да му угоди на својот сакан старец. Тој секогаш ги пренебрегнувал своите дарби и заслуги и така, незабележливо за себеси растел во смирението.
Меѓутоа, старецот Леонид не само што длабоко го сакал, но и срдечно го почитувал отец Макариј како свој духовен собрат и соборец. И кога наоѓал за полезно, тоа го искажувал и пред другите свои чувства на високо признание и преклонение пред благодатната духовност на отец Макариј - и тоа во такви суперлативи, што ги избезумувал присутните. Самиот, пак, отец Макариј, сметајќи се себеси за недостоен, сето ова го припишувал на смиреномудрието на старецот. И така, ученикот и учителот се натпреварувале во смирението и за сите било јасно, дека тие двајцата се достојни еден за друг.


Седум години поминал отец Макариј со старецот Леонид. За него, тоа било благодатно време на духовно напредување и созревање. Кога во 1841 г. старецот починал, отец Макариј плачел за загубата не помалку, отколку за смртта на својот прв духовен наставник схимонах Атанасиј, бидејќи првиот го посадил, а вториот го укрепил во него благодатното знаење.

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (1)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (2)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (3)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (4)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (5)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (6)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (7)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (8)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (9)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (10)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (11)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (12)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (13)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (14)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (15)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (16)


 Optinski.starci.jpg

Издавач: ЃаконијА  2004

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел