Korica.Pisma.Valaam.jpg 

(Продолжение)

13.
6. декември 1946 г.
За твоите прашања би било добро лично да разговараме, бидејќи во писмо не може се да се опише. Така и треба да биде. Кога човекот се набљудува себеси, тогаш другите му се гледаат добри, бидејќи доброто око на се гледа добро, а искривеното на се — криво. Си ја пронашла книгата од преподобниот Касијан, читај ја! Иако е наменета за монаси, одговара и за мирјани. Од таа книга во Добротољубието се сместени вешто избрани изводи во два тома. Ти сакаш да ги читаш житијата на светиите, читај ги. Тие многу не вдахнуваат нас грешниците. Кај нас се читаат и на трпезата, секојдневно и забележувам дека кај некои предизвикуваат солзи.
Ете и сама забележуваш дека од посетата на другите и разговорот со нив во човекот настанува тага. По можност, избегнувај ги и воопшто не колебај се! Ако бидат и малку незадоволни, ништо, тоа нека не те вознемирува. Ти се плашиш од мракот, јас, исто така, по малку се плашам; ете колку сме ние слаби и маловерни кон Божјата промисла. Кога се враќав пешки откај монахињите, требаше да се оди низ шумата пет врсти по мрак. На едно место ме фати таков страв што низ целото тело ми минаа морници и ушите ми се затресоа, исто како некој да ме следи. Се свртев, се прекрстив и појдов напред. Светото писмо вели: „Стравот не е ништо друго, туку лишување од можноста за расудување".
Во врска со твојата вознемиреност, светите отци рекле: „Се што се прави со вознемиреност, секогаш доаѓа од демонот.“ Приклони се кон крстот и Пресветата Богомајка и ќе биде доволно! Биди спокојна; погледни го кај св. Варсонофиј 430. Прашање и одговорот и уште 433. прашање и одговорот, во нив и самата малку ќе се пронајдеш.
Кога не можеш да го исполниш сето свое молитвено правило, не возбудувај се, не биди роб на правилото. Придржувај се на правилото на митарот (цариникот): „Боже, биди милостив кон мене грешната“ и секогаш имај сеќавање за Бога — тоа ќе ги замени сите правила. Прочитај кај св. Исак на 136. страница и во Невидливата борба, во вториот дел, 20. глава. Кога ќе се појават солзи, пушти ги да течат, се додека не престанат. Солзите се секогаш корисни, не вознемирувај се, знај дека без внимание нема да заплачеш.
Кога си легнуваш, богомисли, мисли за она што го паметиш од Светото Евангелие! Солзите ќе дојдат, нека течат слободно.
На исповедта не треба да се трудиме да потечат солзи. Кажи што имаш на совеста и ништо повеќе. Како што се гледа, X.X. е во тешка состојба; за неа треба да се молиме, а не да се лутиме. Добро е што не обрнуваш внимание и не се мешаш. Господ нека те смири и измудри!


14. 
1946 г.
Го добив твоето писменце од санаториумот и од него се гледа дека твојот дух трпи болка и дека срцето ти е вознемирено, чувствуваш дека си излегла од колосек и не чиниш за ништо и самата себе си се зачудила. Сепак, причината е во тебе; ти ни самата не си забележила дека си робувала на тенка фантазија и си мислела дека веќе леташ на небото, додека вистинско внатрешно смирение не си имала, ниту пак совршено предавање на волјата Божја. Господ, по Своја милост, испратил некои промени во твојот вообичаен живот, а ти си паднала со духот и си се почувствувала како да не вредиш за ништо; а во тоа се состои смирението — да чувствуваш дека не вредиш за ништо.
Чедо, немој да паднеш со духот. Натерај се себе си на молитва и, по Божја милост, твојата внатрешна, нечиста тиња ќе се сталожи и повторно се ќе биде тивко и спокојно. Ти советувам да не брзаш со излегувањето од санаториумот — одмори се добро.
Господ нека ти помогне и нека те сочува.

15.
 1946 г.
Ми пишуваш јас да се нафатам да те научам. Како јас можам да ги учам другите кога самиот одам одвај и се сопнувам, а ако слепиот води слеп, двајцата ќе падната во дупка! По долгите преписки со Х.Х., веројатно ги чуваш неговите писма и ги паметиш неговите совети, а јас неписмениот, како можам да ги раководам другите во толку голема работа што е подрагоцена од целиот свет. Јас немам некои свои духовни искуства, а ако некому му одговорам на прашањето, одоворот не е мој, туку е позајмен од светите отци, и самиот црвенеам кога ги поучувам другите, а како живеам самиот!...
Во денешното време ние сме лишени од доброто да живееме под раководство на старец искусен во духовниот живот. Оној кој раководи, треба да го покажува патот по кој сам одел, а ако раководи управувајќи се само по книгите, тоа е сосема нешто друго. И оној кој така зборува и оној кој го слуша ќе мислат дека двајцата се надградуваат, но дури откако ќе вкусат „колку е добар Господ", тогаш ќе ги увидат своите грешки. Свети Петар Дамаскин за себе вели: „Јас имав многу штета од неискусни советници. Оној кој раководи треба да биде безстрастен и да има дар на расудување; всушност, треба да го познава времето, почетоците, постапките и делата, настроението на човекот, цврстината, знаењето, усрдноста, возраста, силата, слабоста, желбите и барањата, скрушеноста, навиките, незнаењето, силата на срдечната топлина, составот, здравјето и болеста, природата, местото, знаењето, воспитанието, расположението, намерите, однесувањето, разбирањето, природниот ум, грижата, бодроста, бавноста на човекот и по благодатта на Светиот Дух да проникне во Божјиот план за одредениот човек и да ја познае смислата на секоја изрека на божественото Писмо и уште многу други работи. Ете таков треба да биде раководителот во духовниот живот и такво расудување треба да поседува".
Се срамам од тоа што живеам во манастир веќе 48 години и што толку се растроив за тоа време, така што едноставно не знам од каде да почнам и како да ја спасам душата! Ти, пак, немој да мислиш дека ова го зборувам од смирение. Не, не, јас сум навистина таков. Во младоста бев ревносен и носев одредено време влсеница (долга кошула од кострет) и вериги (окови), се трудев да ги барам св. подвижници, но некако не успевав да ги најдам, најверојатно не ги препознавав поради своето неискуство. Првата ревност многу обрнува внимание на словото што го убива духот. Јас не сретнав наставник кој би ја поддржал мојата ревност и кој правилно би ме раководел во духовниот живот. А оној кој живее без раководство е, според Лествичник, „недоверлив човек, бидејќи е разметлив" — така и јас останав без ништо. Но не очајувам, верувам во Божјото милосрдие и се стремам кон Него со сите свои сили. Се сеќавам на евангелското лозје каде дошле наемници дури во 11 час и добиле иста плата како и оние кои работеле од утрото. Многу сум задоволен и радосен што Господ ми определил животот да го поминам меѓу манастирските ѕидови.
Ми пишуваше дека сакаш вкусно јадење, а кој не го сака? Не го сака само оној кој ја вкусил небесната утеха и го скротува стомакот — тој господар на секоја нечистотија.
Јас напишав дека словото го убива духот, но треба да се разбере значењето на зборовите: мртвото слово го убива оној кој останува во него и гледа на него како на добродетел, а не како на потпора за добродетел. Секако, нема плодови без листови, но смоквата без плодови се суши.
Пребивам со љубов во Христа.

 

(Продолжува)

 Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

Друго:

 Писма на валаамскиот старец (1)

Писма на валаамскиот старец (2)

Писма на валаамскиот старец (3)

Писма на валаамскиот старец (4)