Korica.Pisma.Valaam.jpg

 (Продолжение)

6. 
14. септември 1943 г.
Христос помеѓу нас!
Мала корист имаме ако само читаме и прашуваме како да се спасиме, но треба да почнеме да се трудиме, да работиме, да го чистиме своето срце од страстите. И вие сега знаете во што се состои духовниот живот. Вистински е часот да почнете! Господ нека ве измудри! И не заборавајте ме во своите свети молитви.
Јазикот на св. Исак е навистина тежок, но за нас уште потешка е неговата содржина, бидејќи бунарот е длабок, а нашето јаже кратко, па не можеме да ја дофатиме неговата длабока, чудесна, спасоносна вода.
Епископот Теофан ја составил молитвата на св. Исак за да ни помогне да го разбереме неговото спасоносно учење. Воопшто светите отци пишувале од своето искуство и чувства и нив ги разбираат само оние луѓе кои работат над своето срце.
Ви испраќам Божји благослов.

7. 
14. август 1945 г.
Христос помеѓу нас!
Го добив твоето уважено писмо и го прочитав со љубов.
Добро е што се стремиш кон духовен живот, но настојувај духот да не го гаснеш. Иако за вас во светот е потешко да го развивате духовниот живот, но на оние кои се стремат кон тоа, Господ ќе им помогне.
Св. Јован Лествичник се чуди на нашата духовна состојба: „Кога за помошници во добродетелта ги имаме Бога и ангелите и светите угодници, а во гревот само лукавиот, зошто попрво се приклонуваме кон страстите и пороците, отколку кон добродетелта!" Прашањето останува отворено. Светителот не сакал да ни објасни. Сепак може да се извлече заклучок, дека нашата природа, расипана со прародителската непослушност и светот со своите соблазни, му помагаат на ѓаволот, а Господ не ја попречува нашата самовласност.
Ние треба да тежнееме кон добродетелите толку колку што имаме сили, но истрајноста во добродетелите не е во наша власт, туку во власта на Господа. Господ не чува не поради нашите напори, но поради смирението. „Каде што се случил пад, таму претходела гордоста!", вели Лествичник.
Но Господ, според Своето милосрдие, ни дал покајание на нас немоќните, бидејќи нашата расипана природа е многу наклонета кон гревот. Запознавајќи ја до крајност со својот опит, светите отци не тешат. Тие во своите дела детално го изложиле начинот на борбата со гревот. Сега ти ја имаш книшката Невидлива борба, загледувај во неа почесто!
Што се однесува до твоето молитвено правило, сама одлучувај, само молитвата да не оди во ветар, не да се врши, туку да се изврши. Труди се со внимание. Зарем не е подобро да се скрати правилото отколку да се исполнува со мачење и да се биде роб на правилото. Тоа не е моја мисла туку на св. Исак Сирин. И во Невидливата борба пишува за тоа, само не се сеќавам во која глава.
Твој недостоен сомолитвеник.

8. 
11. февруари 1946 г.
Најчесна во Господа!
По Божја милост јас сум здрав; по ручекот околу 3 часот одам да сечам дрва. Не се плашам што при молитвата во тебе нема побожен трепет!
Добро и спасоносно е што се присилуваш на молитва! Види, Лествица сл. 28, гл.29.
Не замислувај го Бога како многу строг. Тој, напротив, е многу милостив, Тој знае за нашата човечка немоќ. Светите Отци мораме да ги почитуваме со побожен трепет, бидејќи тие се посебни Божји избраници. Но, за да не се вознемириме што не можеме да ги имитираме, види во Лествица, во сл. 26, гл.125. Јас, исто така, сакам Господ да те удостои животот да го продолжиш во манастир. Ке се молиме и ќе се надеваме дека Тој ќе ја оствари нашата желба. Сега додека живееш со Н.Н., служи и според 5. заповед. За манастирот наоружај се со трпение и тоа не само со една кола трпение, туку со цел караван!
Неписмените мои писма не ми се допаѓаат. Јас веќе ти пишав да ги уништиш, а ако од смирение сакаш да ги сочуваш, нека останат кај тебе. Пиши ми, не стеснувај се, секогаш ќе ти одговорам онолку колку што Господ ќе ме измудри. Понекогаш ме вознемирува мислата: „Зошто необразованите се допишуваат со образованите?" Да се надеваме дека, ако даде Бог, јас и ти ќе се видиме. Тогаш ќе поразговараме. Светоотечките списи се наменати за трите степени од духовното совршенство: за децата, за средните и за совршените, а бидејќи јас и ти сме деца, на нас ни е потребна и корисна мека храна, па, ете, оттаму и црпи духовна поука според својата возраст.
Господ нека те измудри! Осознај се и не сакалдисувај се!


9.
19. април 1946 г.
 
Еве, стапивме во св. Четириесетница. Светата Црква воскликнува: „Постиме пост пријатен, благоугоден на Господа: вистинскиот пост е оддалечување од зло, воздржување на јазикот, отфрлување на лутината, отсекување на похотта, престанување на озборувањето, лагата и кршење на заклетвата — оскудување од сето тоа, вистинскиот пост е благопријатен".
На Прочка по вечерата имаме одмор од половина час. Во 7 часот се собраа сите монаси во црквата, го отпеаа Пасхалниот канон, ги прочитаа молитвите пред спиење и им пријдоа на иконте. Игуменот побара прошка од сите и направи поклон и сите браќа исто така му се поклонија доземи, потоа сите приоѓаа еден кон друг по ред, барајќи прошка, бакнувајќи се во рамо еден со друг. Можеше само да се чуе: „Бог да опрости! Опрости ми мене грешниот!" Потоа молчешкум отидоа во келиите.
Убав обичај, некако убаво делува на душата, па сите се смирија. Целата таа седмица братството не работи, а се причестува во саботата. Ви ја честитам св. Четириесетница. Бог нека ви помогне да ја минете во христијанско благочестие (побожност) и да го дочекате Светлото Христово Воскресение.

(Продолжува)

 Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

Друго:

 Писма на валаамскиот старец (1)

Писма на валаамскиот старец (2)