(Продолжение)

3.
27. април 1940 г.
Го добив твоето писмо. По Божја милост останав жив, иако спијам на легло од штици, спокоен сум во духот, дури и не мислам на Валаам, исто како и да не сум живеел таму.
Го разбрав твоето писмо, бидејќи тоа е пишувано со чувства и јас ја почувствував силата на зборовите. Валаам мирно го напуштив и неговото бомбардирање спокојно го поднесов. За време на тревогата не бегав да се скријам во скривница, иако ја имавме во црквата, туку седев во својата келија и го читав светото Евангелие. Од експлозијата на бомбите се тресеше зградата, стаклата на прозорците се разлетаа во парчиња и вратите се отвораа, а јас имав некое внатрешно убедување дека ќе останам жив. Од Валаам моравме да си заминеме брзо, иако многу малку понесов со себе, сепак не жалам, но многу ми е жал што твојата икона и оној родителски благослов останаа да висат на ѕидот. Зедов неколку светоотечки книги и тоа е доволно.
Дури, иако си се ослободила од страстите, сепак имај смирение и не верувај во себе се додека не легнеш во гроб. Нашиот труд треба да биде во секоја добродетел, а успехот зависи од Божјата благодат. Благодатта, пак, Бог не ја дава за трудот, туку за смирението; колку човекот ќе се смири, толку и благодатта го посетува. Те советувам да ги прочиташ Петте беседи за чистотата на срцето од св. Макариј Велики, кои се печатени таму кај вас.


4.
27. јуни 1940 г.
Блажена е твојата состојба, ако се чувствуваш бедна и како дете меѓу духовно образованите луѓе, не завидувај им на таквите и не стреми се кон духовни восхитувања. Мистиците тежнеат кон такви лажни чувства и наместо да достигнат вистинско созерцание, паѓаат во ѓаволска прелест. Благодатно чувство му дава Господ на човекот, ако неговото срце е очистено од страсти. Такви биле светите отци, а ние грешните треба да се молиме со покајнички чувства и да бараме од Бога помош во борбата со страстите. Во Отечникот е кажано: „Ученикот му рекол на старецот: тој и тој гледа ангели. Старецот одговорил: 'Не е чудно што тој гледа ангели, јас би се зачудил на тоа тој да ги види своите гревови".
Иако оваа поука на старецот е кратка, сепак во духовна смисла е многу длабока, бидејќи најтешко од се е да се спознаеш самиот себе. Ми пишуваш: „Зборовите на молитвата и Господ се соединија и како неразделно со мене е Самиот Господ". Тука нема грешка. Така треба и да биде.
Да, „задоволството, богатството, родителската љубов и пофалбите од околината" се голема пречка во духовниот живот. Светите Отци од овие поводи за грев многу се плашеле и ги одбегнувале со сите сили, не поради тоа ли одеа во манастири и пустини? Но ти не треба никаде да бегаш, туку труди се да бидеш мудра како змија и незлоблива како гулаб, се останато е — минливо, празно како лажното злато. Треба да паметиме, дури и да се убедиме самите себе дека, ако не денес, тогаш утре ќе умреме, таму е вечниот живот и време повеќе нема. Господи, помилуј!
Продолжи да се молиш како што се молиш сега. Ако ги имате житијата на светиите, ти советувам да ги читаш, тие многу вдахновуваат и на многу нешта подучуваат.
Со љубов во Христа.

5.

Му благодарам на Бога што ти дал да вкусиш, барем малку, „колку е добар Господ". Да, својата внатрешна состојба не треба да се покажува дури ни на духовникот, ако самиот тој не проживеал ист таков внатрешен живот. Преподобен Антониј Велики пишува: „Ако му зборуваш за духовното на оној кој не е продуховен, нему тоа ќе му биде смешно". Во претходните писма ти пишував за смирението и ти повторувам: смирувај се, чедо, ѓаволот е многу лукав, а ние сме многу слаби. Преподобен Макариј Велики пишува: „Познавав луѓе кои беа во такво духовно совршенство, така што на небото ја гледаа славата на светиите и во таква состојба се наоѓаа шест години, а тогаш, страшно е и да се каже - погинаа!" Тој уште наведува и примери на некои маченици кои паднале после тешки мачења. А за опростување на гревовите Светиот Дух говори преку пророкот Езекил: „Ако грешникот се покае и почне да живее правилно, тогаш Господ ќе му ги опрости гревовите; исто така, ако праведниот се одврати од богоугоден живот, Господ нема да се опомене на неговата праведност".
Научи се, чедо, биди мудра како змија и незлоблива како гулаб.
Јас имам голема корист од тоа што живеам во заедничка зграда и спијам на легло од штици. Бог е еден, а патиштата кон Него се различни — тоа го гледаме во примерот на светите отци: едни го минувале животот во внатрешна умна работа и така напредувале во духовниот живот, а други многу читале псалми, канони, тропари и исто така напредувале во духовниот живот.
Уште ќе забележам: светите отци пишуваат дека природните недостатоци отстрануваат и кај светиите — заради нивно смирување.
Да се биде на Тавор со Спасителот многу е утешно, но кога мора да се биде и на Голгота, тогаш трпи! Имај слух да слушаш и да чуеш! Биди внимателна! Господ нека те измудри!

 (Продолжува)

 Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

Друго:

 Писма на валаамскиот старец (1)