Глава 5

ОДНОСИТЕ ПОМЕЃУ СТАРЕЦОТ ОТЕЦ ЛЕОНИД И НЕГОВИОТ ИДЕН НАСЛЕДНИК - ОТЕЦ МАКАРИЈ

Ќе се вратиме малку назад, за да видиме како Божјата Промисла го сретнала и зближила отец Леонид со идниот негов наследник по старештво - јеросхимонахот отец Макариј, чијшто живот ќе се потрудиме понатаму да го опишеме одделно.
На 6 октомври 1810 г. во Плоштанското братство стапил како послушник 22-годишниот добро образован дворјанин Михаил Николаевич Иванов. Тоа бил идниот истакнат оптински старец Макариј. Тој го напуштил светот, бидејќи чувствувал несовладлива жед да го посвети својот живот на Бога и да стане монах. Нашол тивко засолниште во Плоштанската пустина и почнал таму да се подвизува во послушание и смирение, откако бил пострижен за монах во 1815 г. Но, срцето му шепотело дека само надворешните подвизи не се доволни за духовното усовршување на монахот. Тој јасно чувствувал дека без искусен раководител не е можно да се постигне духовното знаење и вистинската благодатна добродетелност. Затоа барал наставник и Му се молел на Бога да му испрати таков. Божјата Промисла го зближила и со еден од учениците на старецот Пајсиј Величковски - схимонахот Атанасиј, кој во 1815 г. дошол да се подвизува во Плоштанскиот манастир. Од 1815 г. до 1825 г. отец Макариј се наоѓал под негово раководство. Но, само што вкусил од сладоста на благодатниот духовен живот, наскоро требало да се лиши од скапоцениот старец. Схимонах Атанасиј се преселил во вечноста во 1825 г. Меѓутоа, пламенот на духовното општење со Бога веќе бил запален во срцето на отец Макариј. Тој искуствено разбрал што значи за еден млад монах да има старец и веќе не можел да живее без раководство. Затоа Го молел Бога да му испрати нов благодатен наставник. Бог ја слушнал неговата молба. Во 1828 г. тој се запознал со отец Леонид, кој пристигнал во Плоштанското братство и веднаш станал негов послушник, иако веќе бил ракоположен за јеромонах. Меѓутоа, тој не се занесувал од високите почести, а жеднеел да живее скромен монашки живот. Откако повторно се почувствувал како послушник, тој не сакал да ја замени таа привилегија со никакво друго звање. Зашто, во лицето на отец Леонид го беше нашол она, за што толку време жеднеел; имено - духовен маж, надарен со благодатниот дар на расудливоста, постигната не толку преку надворешни монашки подвизи, колку преку смирението.


Откако веднаш се зближил со отец Леонид за време на неговиот шестмесечен престој во Плоштанската пустина, отец Макариј продолжил духовно да општи со него и по 1829 г., кога отец Леонид конечно се преместил во Оптина. Општењето се состоело во редовно пишување писма и добивање одговори, разјаснувајќи многу духовни прашања. А, во 1834 г. отец Макариј дошол во Оптинскиот скит, каде што го поминал останатиот дел од својот живот - цели 26 години и 7 месеци, до својата смрт(1860г.).


Во духовен однос, сожителството со старецот Леонид на отец Макариј се одразило многу благотворно. Уште од самото доаѓање во Оптина отец Макариј му помагал на старецот во неговата опширна преписка со оние лица кои жеднееле за негов совет и поука. Тој Му помагал на старецот и во духовното советување на помладите браќа и на посетителите, особено од 1836 г. па натаму, кога бил назначен за духовник на братството.


Многу поучни и духовно плодотворни биле односите меѓу старците Леонид и Макариј. При сето тоа, што многумина од мирјаните го имале за свој наставник, отец Макариј се смирувал, сметајќи се себеси за ништо и бегал од човечката слава. За него било чест и награда тоа - да седи до нозете на својот духовен старец. Исполнет со вера и љубов кон него, отец Макариј, и покрај тоа што бил главен манастирски духовник и скитоначалник, ништо не правел без да го праша отец Леонид. Од смирение, тој сите свои успеси ги припишувал на молитвите и на благословот на својот старец. А, себе се сметал за оној што помага некому и дека може да биде ученик на таков исклучителен учител.
Слично смирение пројавувал и отец Леонид кон отец Макариј. Со тоа тој ја потврдувал карактеристиката што некогаш му ја придал неговиот старец схимонахот Теодор, шеговито нарекувајќи го „смирен лав."
Самиот старец Леонид поминал 20-годишен пат на послушание под раководството на старецот Теодор и толку му било добро на душата во се да се покорува на својот наставник, па навикнал да не врши ништо самоволно од себеси. Додека старецот Теодор уште бил жив, отец Леонид го потпишувал и него во своите писма до разни лица. А по неговата смрт, поради своето длабоко смирение, кон своето име го додал и името на својот духовен син Антиох, иако последниот никако не учествувал во составувањата на писмата. Кога, пак, Антиох го немало, старецот се потпишувал вака: јеросхимонах Леонид и браќата со него. Подоцна пак, тој го терал да се потпишува со него и отец Макариј. Со ова, старецот сакал да каже дека тој може да дава совети само со помошта и по молитвите на браќата и отците кои сожителствуваа со него, а не самиот од себеси.


Откако добро го запознал отец Макариј, старецот бил многу среќен што се зближил со еден толку даровит и искусен монах и на него гледал не како на ученик, туку како на свој сотрудник и духовен брат. Во тоа, тој, спасително го поддржувал својот смирен старец отец Теодор, кој, иако бил наставник и раководител на отец Леонид, од смирение го сметал и за свој духовен отец и често се советувал со него како со свој рамен другар и собрат.


Отец Макариј, исто така имал големо чувство за смирението. Тој го замолил отец Леонид да се однесува со него не како со рамен, туку како со свој духовен син и ученик. Ползувајќи се од тоа и следејќи го советот на св. Јован Лествичник, отец Леонид не пропуштал ниту еден случај, на својот опитен нов ученик да му додава венци преку испитување на неговото смирение и трпение. За таа цел, тој му забележувал, го опоменувал, го скарувал и тоа пред други, за да го понижи и длабоко да го смири, останувајќи, всушност, сосема бестрасен и бескрајно полн со љубов кон отец Макариј. Едни од присутните, навикнати да го почитуваат отец Макариј подеднакво со старецот Леонид, биле во недоумица од таа „несоодветност" во однос на кроткиот и од сите сакан отец Макариј. Други цак, биле во побожен восхит, штом виделе како невиниот отец Макариј најсмирено бара прошка од божем разгневениот старец, а трети се поучувале од примерот на отец Макариј, гледајќи ја неговата незлобивост и трпение. Тие си заминувале по домовите со голема, сликовито предадена лекција. Самиот пак, отец Макариј, оросен од дождот на укорите и опомените, како грижливо полевано цвеќе, се повеќе духовно се разубавувал под влијание на укорите кон него и зрачел со небесно пријатен мирис кој пленел со својата смиреност и незлобиво трпение.


Старецот Леонид се радувал на духовното напредување на својот иден наследник, се повеќе го засакувал и високо го ценел како редок по своето смирение подвижник. Понекогаш тој си дозволувал гласно да го искаже својот восхит од отец Макариј, така што ги зачудувал своите соговорници.


Еднаш го запрашале што мисли за игуменот архимандрит Мојсеј, за неговиот роден брат отец Антониј и за отец Макариј. Старецот одговорил накратко: „Отец Мојсеј и отец Антониј се големи луѓе, а Макариј е свет!"
Старецот Леонид, длабоко убеден во тоа, најмногу се зближил со отец Макариј, го направил свој рамноценет помошник и му ја наложил тешката и одговорна задача - духовно да ги раководи браќата и посетителите. Кон крајот на својот живот тој се почесто ги испраќал своите духовни чеда кај отец Макариј за да му ги откриваат своите помисли како што ги откривале пред него. Од своја страна пак, за важните духовни прашања отец Макариј секогаш го прашувал отец Леонид и некои поклоници во тешки недоумици ги упатувал да се обраќаат до старецот.


- А вие му го објаснивте ли на старецот тоа, што ми го кажувате? -
често прашувал отец Макариј. Ако се покажало дека тие тоа не го сториле, тој ги испраќал при отец Леонид. На таков начин, душите на оние кои доаѓале за совет, подеднакво се откривале пред двајцата старци. И двајцата ги знаеле сите околности на своите духовни чеда. Ако некој, по
извршената исповед при отец Макариј, доаѓал да земе благослов и од отец
Леонид, старецот кој имал благодатна дарба да ги открива и напомнува заборавените гревови, прашувал:
- А, му ги кажавте ли на отец Макариј уште тие и тие гревови?
 Некои одговарале: „- Не" и објаснувале, дека заборавиле да ги кажат. Други пак, истакнувале некаква друга причина. Тогаш старецот им наредувал:
- Одете веднаш кај него да му раскажете се!
Понекогаш пред отец Макариј биле изложувани случаи тешки за разрешување, за кои тој не можел сам да реши. Тогаш тој без двоумење изјавувал дека без старецот Леонид ништо не може да каже. Така и старецот не ги решавал тешките прашања без отец Макариј и велел:
- Да почекаме малку! Ќе дојде отец Макариј и заедно ќе разгледаме.
Умилно било да се гледа тоа еднодушие, таа заемна љубов меѓу двајцата старци. Една нивна духовна ќерка раскажува:
„Се случуваше да говорам со отец Леонид. А ете, доаѓа отец Макариј. Отец Леонид се обраќа кон него: - Баќушка, поразговарај со неа! Таа сака да ти објасни нешто."
„Или, двајцата седат како Божји ангели еден до друг. А ние клечиме на колена пред нив и ги откриваме своите души пред двајцата како пред еден духовник. Ние, никогаш не ги делевме и не правевме разлика меѓу нив. Во нив, навистина, имаше едно срце и една душа. Затоа, кога отец Леонид почина, ние жалевме многу, но нашата тага беше умерена, затоа што се лишивме од едната половина, но втората половина остана со нас."
Така старците, воодушевувани од смирението, поврзани преку благодатните врски на заемната љубов и поддржувајќи ја еднодушноста помеѓу себе, ги поучувале своите чеда на тие најглавни христијански добродетели. Поуките им биле убедливи, бидејќи биле поткрепени со нивниот личен пример. Тие никогаш не дозволувале да се појави неслога помеѓу нив. Затоа и меѓу нивните ученици немало поделби. Еднодушноста на духовните отци се пренесувала и врз чедата. И восхитувачко било тоа, дека со присутноста на двајца старци во еден манастир не се нарушувало единството на старечкото раководство!
Смирението ја привлекувало Божјата благодат и создавало рајско еднодушие во душите на учениците, различни по карактер и темперамент.

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (1)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (2)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (3)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (4)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (5)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (6)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (7)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (8)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (9)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (10)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (11)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (12)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (13)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (14)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (15)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (16)

 Optinski.starci.jpg

Издавач: ЃаконијА

2004

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел