НИЕ СМЕ ДЕЦА БОЖЈИ И СЛИЧНИ СМЕ МУ НА ГОСПОДА

Elisaveta.lit.jpgГоспод го создаде човекот од прав, но не љуби како Свои деца, желно чекајќи да дојдеме при Него. Господ толку не возљуби, што заради нас се воплоти и ја пролеа Својата Крв. И напојувајќи не со Неа, ни Го даде Своето Пречисто Тело. И така ние станавме Негови деца, од Неговото Тело и од Неговата Крв. И слични сме му на Господа во тело, како што родените деца личат на својот татко, независно од возраста. И Духот Божји му сведочи на нашиот дух, оти вечно ќе бидеме со Него!
Господ не престанува да не повикува кон Себеси: "Дојдете при Мене, Јас ќе ве успокојам". Он не храни со Своето Пречисто Тело и Крв. Он милостиво не воспитува со Своето Слово и со Светиот Дух. Он ни ги открива тајните. Он живее во нас и во тајните на Црквата. И не води таму каде што ќе ја гледаме Неговата слава. Но, таа слава ќе ја гледаме според нивото на својата љубов. Оној што повеќе љуби, посилно се стреми да биде со Љубениот Господ, за повеќе да Му се доближи. Оној што малку љуби, малку и сака. А оној што не љуби, тој ниту сака, ниту се стреми да Го види Господа, вечно останувајќи во темнина.
До солзи ги сожалувам луѓето што не Го знаат Бога, и Неговата милост. Нам пак, Господ ни се покажа Себеси преку Светиот Дух, и ние живееме во Светлината на Неговите свети заповеди.
Чудни нешта! Благодатта ми даде да познаам, оти сите луѓе што го љубат Бога и што ги пазат Неговите заповеди, се полни со светлина и личат на Господа. Оние што Му се противат пак, се исполнети со темнина, станувајќи му слични на демонот.
И тоа е природно. Господ е Светлина, и Он ги светлозрачи Своите слуги. А оние што му служат на демонот, од него примаат темнина.
Познавав едно момче. Изгледаше како ангел: смирен, совесен, питом. Неговото лице беше бело, со румени образи. Неговите очи беа светлосини, мили и кротки. Но, кога порасна, почна да живее разуздано при што ја загуби благодатта Божја. Кога имаше триесетина години, заличе и на човек и на демон и на ѕвер и на разбојник. Сиот негов изглед беше изобличен и страшен.
Исто така, познавав и една многу убава девојка, со светло и пријатно лице, такашто мнозина и завидуваа на убавината. Но, заради гревовниот живот, таа ја загуби благодатта, така што изгледаше страшно да ја погледнеш.
Сведок сум и на нешто друго. Сум ги видел и луѓето што дојдоа да се замонашат со лица изобличени од сторените гревови и од страстите. Но, преку покајание и преку благочестивиот живот, тие се изменија, станувајќи благообразни.
Ми даде Господ во Стариот Русик, за време на исповед, да видам еден јеромонах - духовник, во обличје Христово. Тој стоеше во исповедалната, неискажливо светол. Иако беше побелен од седост, неговото лице беше прекрасно и младо како кај некое момче.
Исто така, видов еден епископ за време на Литургија. Го видов, и отец Јован Кронштатски, чијашто природа беше навидум секојдневна, обична, но од благодатта Божја, неговото лице изгледаше прекрасно, ангелско, така што сите сакаа да го набљудуваат.
Така, гревот го изобличува човекот, а благодатта го разубавува.
Човекот е создаден од земјата, но Бог толку го возљуби што го украси со Својата благодат, станувајќи Му подобен Нему.
Жалам, што малкумина го знаат тоа. Само заради тоа што сме суетни. Доколку се смириме, Господ ќе ни ја открие таа тајна, оти Он многу не љуби.
Кога Му кажаа на Господа: "Ете, Твојата Мајка и Твоите Браќа дојдоа да Те видат", Он одговори: "Кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е и мајка и сестра и брат" (Матеј 12,47-50).
Има луѓе што велат дека Бог не постои. Тие зборуваат така заради тоа што во нивните срца живее горделивиот дух, којшто им кажува лаги за Вистината и за Црквата Божја. Тие мислат дека се мудри, но во суштина не го сфаќаат фактот дека тие мисли не се нивни, туку дека произлегуваат од демонот. Но, ако некој ги прими во срцето и ако ги засака, тогаш ќе се сроди со лошиот дух. И да не даде Бог кој и да е, да умре во таква состојба.
А во срцето на Светиите живее благодатта на Светиот Дух што ги сродува со Бога, јасно чувствувајќи дека се духовни деца на Небесниот Отец. И затоа велат "Оче наш" (Рим. 8, 15-16; Гал. 4, 6-7).
При овие зборови, душата се радува и се весели. Преку Светиот Дух таа знае дека Господ е нашиот Отец. Иако сме создадени од земја, Светиот Дух живее во нас и не прави слични на Господ Исус Христос, како што децата заличуваат на својот татко.
Човекот е создаден од земја. Што може да има добро во него?
Но ете, милоста Божја го украси човекот со благодатта на Светиот Дух, станувајќи Му подобен на Исус Христос, Синот Божји.
Оваа тајна е голема! Голема е и милоста Божја спрема човекот!
Кога сите народи на земјата би знаеле колку Господ го љуби човекот, тогаш сите би Го возљубиле Христа и Неговото смирение. И во се би сакале да Му се вподобат. Но, за самиот човек ова е невозможно, бидејќи само во Светиот Дух човекот Му станува подобен на Христа. Паднатиот човек се очистува преку покајание, и се обновува со благодатта на Светиот Дух, станувајќи Му во се сличен на Господа.
Светиот Дух не учи на Христовото смирение, за душата секогаш во себеси да ја носи благодатта Божја. Но, во исто време, Господ и дава на душата да тагува заради луѓето и да се моли со солзи, за сите народи да Го познаат Господа, насладувајќи се од Неговата љубов.
Оној што ја позна љубовта Божја преку Светиот Дух, нема спокој ниту еден момент. Иако телото изнемоштува, имајќи потреба да легне во постела, душата со сета сила ненаситно се стреми кон Бога, Својот Отец. Господ не сроди со Себеси. "Како што си Ти, Оче во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно" (Јован 17, 21). Така, Господ преку Светиот Дух не соединува сите во едно семејство со Бога Отецот.

Korica.Siluan.jpg Извор: Билиотека Слово од Водоча

Едиција: СВЕТОГОРЦИ

Книга 4