Монах Мојсеј

Кон крајот на осумнаесеттиот век, Св. Козма Етолски предвиде дека ќе дојде време кога човек ќе треба да патува со денови за да се сретне со друг човек кого ќе може да го прегрне како брат. Живееме во доба кога ова веќе се случува. Современиот човек, во својата осаменост, доживува патолошка вознемиреност, напатеност и страдање. Тој е измачуван и за возврат, ги измачува другите.

Зошто? Овој есеј ќе се обиде да даде одговор така што ќе го приближи мирисот на заедништвото на пустината до осаменоста и очајот на градовите.

Современата Осаменост

Осаменоста претставува отсуство на комуникација и однос—неспособност да се развие и одржи блискост со другите. Современата култура и општествените структури, масовните медиуми кои ги отсликуваат широко прифатените идеологии, дури и детските игри, водат кон општествена алиенација, политичко оттуѓување и лична изолација. Поединецот започнува, уште од многу рано, да се чувствува обземен од некакво поразително чувство на несоодветност, да ги губи значењето и целта на животот, да егзистира без принципи и дисциплона, да биде постојано сомничав и недоверлив.

Сам и несигурен, вознемирен и збркан, модерниот човек, а особено современиот млад човек се обидува да гради мостови, да издига знамиња, да извикува слогани. Но, без раководител или пак со лоши водичи тој доброволно се разочарува и станува тврд и агресивен, играчка за политичари експлоататори и анархисти жедни за моќ. Желбата за ослободување станува горчливата смрт на неговата слобода.

Младите, кои отпорано имаат изјавено дека нема да прифаќаат компромиси од никого, сега и самите се компромитирани. Тие наоѓаат засолниште во демонстрации и мирни протести, станувајќи бунтовни за да си ја олеснат на себеси тежината на нивната осаменост, не сфаќајќи дека се фрлаат себеси во едно уште понеподносливо ропство.

Особено е жално што сево ова се случува онаму кадешто е најмалку очекувано—дури и кај млади луѓе кои се добро образувани, со извонредна интелигенција, енергија и талент. Незадоволни од материјалниот напредок и со разбиени илузии од лицемерието на постарите, овие млади луѓе се борат за поедноставен живот, за квалитетно живеење, за подобар начин на егзистирање, но за жал не успеваат да го направат вистинскиот прв чекор.

Модерната уметност е добар пример за духовната алиенација што ја гледаме. Наместо да фрла нова светлина и да отвора прозорци кон другите и кон Небесата, таа се труди да не затвори и нурне, дури подлабоко, во помрачување и темница.

Набргу потоа изолираниот човек започнува да зборува сам со себеси, со неразумни животни, со сенките што го опкружуваат и со мртвите. Тој е веќе сериозно болен. Меланхолијата, фобиите, сомнежот и недовербата го имаат направено психопат. Една прониклива забелешка ја карактеризира денешницава како “време на психопатот”. Според Светската Здравствена Организација, уште во 1985 г. имало повеќе од 400 милиони луѓе на планетава кои страдале од длабока депресија, од коишто 400.000 извршуваат самоубиства секоја година. И овие бројки се однесуваат само на развиените земји!

Во својата изолираност човекот немилосрдно е измачуван од себичност и гордост кои се природните родители на неговата осаменост.

Смирението—Противотров за Осаменоста

Ако себичноста и гордоста ја потхрануваат ваквата осаменост, тогаш вистинското смирение—иако терминот е злоупотребен меѓу оние кои само за него и зборуваат—произведува клима во која на човековата осаменост не и е дозволено да цвета. Погледнете како пустината, таа добра мајка, извонредна мислителка и богословија зборува за светото смирение, тишината и мирот.

Смирениот човек, според Авва Пимен, е задоволен и во мир, каде и да се најде.

Авва Исаак ни вели дека оној кој се смалува во се ќе биде воздигнат над сите. И неговиот прониклив глас продолжува:

“Мразете ги почестите и навистина ќе бидете почестени. Оној кој трча по почести причинува почестите да бидат изгонети од него. Но ако само лицемерно се презирате себеси за да изгледате смирен, Господ ќе ве открие”.

Во Старечникот, кој содржи мноштво на духовни ракописи од Отците, постојано се појаснува дека:

“Смиреноумниот и понижен во срцето не е оној кој си ја снижува цената и зборува за смирението, туку оној кој радосно ги издржува бесчестијата кои му доаѓаат од неговиот ближен”.

На друго место Старечникот вели дека:

“Човекот кој прима повеќе почести отколку што заслужува всушност си штети самиот себеси, додека оној кој воопшто не е почестен од неговите собраќа ќе биде почестен од Бога на Небесата”.

Авва Пимен ни го дава овој совет: “Секоја возможна тага која ти надоаѓа може да биде надмината со тишина”.

Авва Исаија се согласува со него: “Додека твоето срце не е смирено преку молитва, не труди се да му објасниш ништо на братот твој”.

При проучувањето на ракописите на светите пустински отци, човек лесно може да забележи едно општо размислување, општ благороден дух, човечност, разбирање, мудрост. Ова се капките роса на Светиот Дух, кои паѓаат во неплодната пустина после долги напрегања и кои прават мирисни цвеќа да раснат меѓу заедниците на верните посветени целосно на Бога и кои ги прават миризливи и душите на оние кои вистински жеднеат по Бога.

Авва Исаија, големиот умственик, забележува со особена милост и префинетост:

“Оној кој се снижува себеси пред Бога е способен да издржи секаква навреда. Смирениот човек не се грижи за она што другите го зборат за него. Оној кој го издржува грубиот збор на суровите и збудалени луѓе заради Бога е вреден да се здобие со смирение”.

Авва Марко, на оваа важна тема—нашиот однос кон самите себеси и кон другите, преку кој се сопнуваме секојдневно—го бележи следново:

“Кога ќе станеш свесен за некаква мисла во твојот ум која ти диктира човечка слава, треба да знаеш дека таквата помисла те подготвува за срам. И ако забележиш некој да те велича лицемерно, очекувај истиот да те обвинува набргу”.

И со бескомпромисна прецизност на хирург на душата, светиот Авва продолжува:

“Кога ќе забележите некого како плаче заради многуте навреди што ги примил, треба да знаете дека, бидејќи бил совладан од вообразеност, сега, без да знае, ја жнее злобата од неговото срце. Оној кој љуби задоволства е растажен од обвиненија и навреди. Од друга страна, оној кој Го љуби Бога е растажен од пофалби и други непотребни забелешки”.

Авва Зосима оди дури подалеку:

“Спомнете си на оној кој ве исмејуваше, жалеше, кој ви погреши, кој ви наштети, како на свој лекар и исцелител. Христос го испрати за да ве излекува; не спомнувајте си го во гнев”.

Евагриј ги сметаше за доброчинители оние кои за него зборуваа лошо:

Божествената мудрост на овие пустински лекари има извонредно значење за нашата тема. Кажано е дека овие забелешки се изјавени од монасите и наменети за монасите, но ова е многу површно гледиште. Епидемијата на осаменост и депресија која ја разгледуваме резултира од горди умови кои немаат скромност, од неуспешни врски, од незадоволени егоистички аспирации, од самовозвишување, потрага по пофалби и самољубие. Оваа осаменост е доволно силна да го ослабее човека и да го разболи. Но љубовта е посилна, способна да го исцели и препороди целиот свет.

Човекот има нескротлива желба да комуницира, но општењето мора да биде правилно развиено. Првин, мора да започнеме разговор; искрен, чесен и храбар разговор со нашето непознато јас. Мора повторно да ја откриеме во најголемите понори на нашата душа скриената невиност на нашите детски години. Потоа мора да научиме да одржуваме еден разоткриен разговор лице в лице со единствениот, вистинскиот жив пријател, нашиот Небесен Отец и Бог. Дури тогаш ќе бидеме способни успешно да комуницираме со другите, кои и да се—најлошите, најдобрите, ближните, далечните, нашите браќа и сестри во Христа. На овој начин мрежите на осаменоста се отстранети, непристапните и неосончени зандани на срцето се осветлени, школката на нашето его е скршена. Откако сме ја отфрлиле осаменоста на мизерниот, себичен егоизам, може да почнеме да се радуваме, да сме слободни, да дишиме, да живееме.

(Продолжува)

Подготви: Б.Ѓ.

Посети:{moshits}