МАНАСТИРИ


 man.Zograf.jpg

ЗОГРАФ

Еден од најстарите светогорски манастири. Основан е кон крајот на X в. од тројца браќа охриѓани: Мојсеј, Арон и Јоан. Има автори, кои се на мислење дека станува збор за браќата Комитопули, при што третото име е погрешено; би требало да биде Давид или Самоил. Манастирот се наоѓа во северозападниот дел од Полуостровот, на неколку километри оддалеченост од морскиот брег.

Тројцата браќа првин се населиле во одделни ќелии, но потоа изградиле општ храм, наречен Св. Горги Зограф, бидејќи светецот сам се нацртал врз штицата, приготвена за негова икона.

Во својата многувековна историја манастирот повеќепати бил разурнуван и одново граден - особено за време на крстоносните војни и турското ропство. Во 1500 год. Зограф е разурнат од родоските рицари, но одново е изграден со средства на молдавскиот владетел Стефан III Велики (1457-1504). Син му Богдан III (1504-1517) во 1517 год. ја завршил изградбата на кулата во зографската арсана, којашто е зачувана до денес. Сегашниве две манастирски цркви се градени во ново време: „Успение Богородично" во 1764 год., а „Св. Горги" во 1801 год. Со исклучок на источното крило, коешто е постаро, од почетокот на XIX в. се и манастирските конаци. Манастирските храмови се добро зачувани и претставуваат вистински трезори на уметнички предмети: иконостаси, стари икони, владички круни, стари црковни одежди и сл. Покрај соборната црква „Св. Горги" и црквата „Успение Богородично", во Зографскиот манастир има уште девет параклиси во самиот манастирски комплекс, како и десетина помали црквички во неговата непосредна околина. Кон манастирот припаѓале и два скита, коишто се наоѓаат во негова близина - Черни Вир и „Св. 12 апостоли", коишто во XIX в, функционирале како монашки ќелии. Од 1849 год. манастирот е општежителен, а богослужбата се изведува на црковнословенски јазик.

man.Zograf1.jpg

 

Во Зографскиот манастир биле монаси некои истакнати црковни великодостојници како трновските патријарси Теодосиј II и Ефтимиј, кој бил последен бугарски патријарх пред паѓањето на Бугарија под турско ропство. Тука биле монаси и двајца истакнати аскети, кои подоцна биле канонизирани за светци: Козма Зографски (XIV в.) и Пимен Зографски (XVI -XVII в.)

За манастирот Зограф големиот познавач на Света Гора Владимир Мошин во едно свое предавање ќе каже: „Зограф 6ьіл по традиции македонским. Вероятно лишь в XIII веке, в Асеновской империи стал болгарским в более узком смьісле". Ваквата констатација на проф. Мошин може да се потврди со многу примери од историјата на Зографскиот манастир. Во овој манастир биле монаси некои истакнати црковни личности од македонско потекло како владиците Партениј Зографски од Галичник, Пол-јанински епископ и Нишавски митрополит; Натанаил Зографски од скопското село Кучевиште, Охридски и Пловдиски митрополит; Мелетиј Зографски по потекло од Струмица, софиски митрополит, Тимочкиот епископ Доситеј од прилепското село Дабница; Самоковскиот митрополит Фиотеј, по потекло од градот Разлог во Пиринска Македонија; Евстатиј Зографски, избран во 1872 год. за Пелагониски митрополит, Велешкиот епископ Јосиф, кој во 1670 год. е ктитор за градбата на манастирот „Св. Јован крстител" 91. Тука биле монаси архимандритите Лазар Зографски од Прилеп, Калистрат Зографски од Струга, Анатолиј Зографски од Лазарополе, Павле Божигробски од селото Кониково и др.

Мошне индикативен во таа насока е и фактот што уште во XV-XVI в. во зографскиот метох во Велес било основано ќелијно училиште 92 и тоа дека во Зографскиот манастир се повлекува последниот Охридски архиепископ Арсениј во 1767 год. по укинувањето на Охридската архиепископија од страна на Цариградската патријаршија. Освен тоа во XVIII и XIX в. скоро во секој македонски град Зографскиот манастир има свои претставници, кои собирале помош за манастирот и организирале поклонички патувања на македонски верници во него.

Некои од овие македонски монаси се истакнале и како црковни композитори, автори и литературни преведувачи. Партениј Зографски, на пример, го превел Теофилактовото опширно житие на св. Климент на мијачки говор, додека Калистрат Зографски ги превел од грчки на црковнословенски јазик житието и службата на св. Наум Охридски и Службата на 15те тивериополски маченици.

Во Зографскиот манастир има богата збирка со словенски ракописи, меѓу коишто има и значајни книжевни споменици од македонско потекло. Некои од овие ракописи се уште се наоѓаат во Зограф, меѓутоа, има и такви што во минатото се земени од манастирот и сега се наоѓаат во странски библиотеки, архиви или музеи. Од овој манастир потекнува познатото глаголско Зографско евангелие, потоа некои стари ракописи од македонска редакција како Зографскиот апостол, Радомировиот псалтир, Добријановиот минеј, Драгановиот минеј и др. Во библиотеката на Зограф се чуваат две евангелија, пишувани од протопот Јован Кратовски, еден панегирик, пишуван од кратовскиот книжевник Гуро, октоих пишуван од Цветан Црноризец во 1617 год. по заповед на Охридскиот архиепископ Георгиј, едно евангелие пишувано во манастирот „Св. Јован Крстител" над селото Стрежево, Битолско и др.

Посебно важно е што во некои зографски ракописи се зачувани преписи од литературни дела на средновековни писатели. Во еден пролог од XV в., пишуван од поп Јоан Милошев и брат му Никола во дебарското село Пископие (сега Пишкопеја во Албанија), е зачуван единствениот препис од најстарото житие на св. Наум Охридски, како и словенски препис од краткото Климентово житие, чијшто автор е охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан. Во еден зографски пергаментен минеј од XIII в. е зачуван препис од единственото поетско дело на св. Наум Охридски - Канонот за св. апостол Андреј, во Зографскиот зборник од XIV в. е зачуван препис од словото за архангелите Михаил и Гаврил од св. Климент Охридски итн.

 

Evang.na.-JovanKratovski.jpg

 

 

91 Иванов,  Български старини, 81-82.
92 Минко  Гечсв,  Килийните  училища  в България,  стр. 68.

(Продолжува)

 Извор:

sveta.gora.atanasov.jpg

Посети:{moshits}