Матушке...
Матушке .... тешко ми е да пишувам за тебе. Ти  знаеш дека ми е тешко да пишувам за тебе, оти сум крајно недостоен. И знаеш…  некој ќе го протолкува ова како лажно смирение, нека не го толкува, такво е...Смирен е само Нашиот Господ.
Света Старице... твојот подвиг ме поразувa, не наоѓам збор достоен да го опише твоето самопрегорно давање. Ти гореше запалена од божествената благодат... која ја доби од Мајката на нашиот Христос уште како девојка.
Низ многу земји виорот те носел. Штом стапна, земјава  е сведок, на Богородица завет и даде, за ветрот да стивне и да не те однесе некаде, од овде да преминеш.
 Пристигна во невреме, кога земјата офкаше под дождот на смртта.Ти која бараше крепост, тврдина без зло и ја препозна овде во Кичево , во ова пустинско гнездо. Ни поднебесните духови на злобата и светот не ти можеа ништо.
 Молчаливоста, затворништвото и молитвеноста – со устата со умот, со умот во срцето... молитва како непрекинат подвиг на дете Божјо кон Отецот во Христа со благодат на Духот Свет... со благодат која согороува секаква страст и нечиста мисла, а со лицето блескаво како ѕвезда во темнина. Сега блескај во Царството на љубениот Христос...
Тогаш што да кажам јас? Што друго, освен плачот ми остана ?
Света старице ...помогни ни и нас во Макеоднија, помогни ни да го додржеме огнот запален... за тој во нас да изгори се што пречи...
 
Мати Салафаила... моли го Бога за нас, и на Онаа која и вети дека нема да ја напуштиш, помоли ја нас да не не напушта.

Д.Б.

 

 

Матушка Салафаила е родена во 1890 г. во градот Холм — Подкарпатска Русија, во многучлено и богато еврејско семејство. Според кажувањата на леснинската монахиња Матрона (која со уште десетина сестри се преселила од манастирот „Пречиста Кичевска“ во рускиот манастир во Енхарем во Израел), на возраст од само четиринаесет години, оваа богољубива душа доживеала чудесно видение во кое Богородица ѝ го посочила православието како единствена вистинска вера. Сестра Матрона уште раскажува дека после тоа видение, на идната православна монахиња сосема ѝ обелела косата.
По овој необичен настан таа тајно го напуштила домот на своите родители и заминала во ближниот манастир, посветен на чудотворната икона на Мајката Божја од Лесна. На архимандритот во манастирот му раскажала за тоа што ѝ се случило, и му рекла да ја облечат во црно за да не ја познаат роднините кога ќе ја побараат. Во нејзините сеќавања била врежаната сликата како архимандритот ја поучувал во Христовата наука низ фреските и иконите во црквата. Тогашниот епископ Лублинско–Холмски Евлогиј ја приведува во православна вера, а на крштевањето го добила името Нина.
За нејзините први години во монаштвото и периодот на револуцијата, кога целото сестринство било протерано од Русија, досега не ни е познато речиси ништо. За време на престојот на леснинските монахињи во манастирот „Благовештение“, со уште неколку други сестри имала послушание да проси по селата и градовите на Србија. Оттогаш, тешко се разболела во нозете и сe помалку се движела.


Во манастирот „Пречиста“ во Кичево дошла пред Втората светска војна со уште триесеттина сестри и старицата Диодора. За време на војната добила рак, и со оглед на тогашните можности во медицината, не се знаело дали воопшто ќе остане жива. Во таква состојба ѝ се обратила на Богородица, пред чудотворната икона на Пресветата која и денес се наоѓа во манастирот, велејќи: „Богородице, ако ме оставиш жива, никогаш нема да те напуштам!“ Така и се случило, матушка оздравела и засекогаш останала во манастирот. По заминувањето на игуменијата Диодора со сестрите, матушка Салафаила со уште неколку монахињи останала во Кичевскиот манастир. Денес, покрај нејзиниот гроб се наоѓаат и гробовите на останатите Русинки: схимонахиња Варвара, монахињите Рафаила, Таисија, Олимпијада, Варвара и искушеничката Јелена. Схимонахињата Варвара покажувала знаци на јуродивост Христа ради, ги работела најтешките и највалканите физички работи, спиела во шталата помеѓу кравите.
Од 1949 до 1951 г., поради повоените прилики, игуменијата Салафаила престојува во Слепченскиот манастир, кој во тоа време бил метох на манастирот Пречиста. Од 1951 г. конечно ја презема грижата за манастирот Пречиста, никогаш не излегувајќи од кругот на манастирот до крајот на својот живот.
Матушка претежно живеела повлечено во својата келија, криејќи го својот внатрешен живот од очите на посетителите. Затоа луѓето најмногу се сеќаваат на неа по светлината на лицето, молчаливоста, молитвеноста и затворништвото. Излегувала само на црковните богослужби.
Својот животен пат оваа Христова агница го заврши лежејќи неколку години прикована за креветот, со големи отворени рани на нозете, со молитва и трпение очекувајќи го својот Женик. Сегашната старица на манастирот, мајка Агнија, ракажува дека иако со години неподвижна, половина час пред смртта матушка станала и седнала на една столица до прозорецот и гледала кон црквата. Мајка Агнија во тој миг се сетила на кажувањата од народот, како луѓето пред смртта
посакуваат за последен пат со поглед да се разделат од овој свет. При подготовката на телото за погребение, се случило нешто мошне неочекувано: присутните со чудење утврдиле дека отворените рани на нозете целосно зараснале.
Матушка е погребана до останатите руски монахињи на манастирските гробишта во „Пречиста“. Нејзиното благодатно присуство се чувствува и денес.

Текстот е пишуван од Архимандрит Никола

 

Прилогот го подготви:

Дејан Блажески

20 -ти ноември 2017 лето Господово

Друго:

Манастир Света Богородица Пречиста Кичевска