Дарко Штаргоски   
 
23.04.2008 17:51  
  
 
 
Пештерите во Зрзе најверојатно биле населени со монаси еден век порано пред појавата на монаштвото на Света Гора.

До овие докази се дојде со најновите археолошки ископувања во овој комплекс кои утврдија дека станува збор за автохтона монашка населба уште во 12-от век.

Сепак, има сериозни индиции дека тука монасите биле населени уште во 9-от век, во времето кога монаштвото се појавува во Охрид, за време на Свети Климент и Наум Охридски.

„Имаме сериозни индиции за тоа, бидејќи во испосниците наоѓаме материјални докази за животот во 9-от век, да кажеме дека зрзевското монаштво е современик со светиклиментовото и светинаумовото на брегот на Охридското Езеро, коешто знаеме дека е постаро еден век од организираното светогорско монаштво“, рече г.Климент, владика на МПЦ.

Станува збор за грандиозен комплекс, единствен од ваков тип на Балканот, со 30-ина мали пештери кои се наоѓаат во карпата над која денес е изграден манастирот Свето Преображение, каде живее владиката Климент со своето братство.

Во карпата, која е поделена на пет нивоа или спратови, во пештерите се наоѓале монашките ќелии каде живееле 40-ина монаси.

Со истражувањата и пронајдените артефакти се дојде до докази дека овие пештери биле и работилници за преработка на метали, предмети од коски и работилници за производство на пигменти и за бои за икони, а во најдолната пештера откриена е и црква од 12-от век.

„Со таквата максимална прецизност природните форми само се надградени. Ретко каде имате комплетно нови решенија на архитектурата. Работилницата за изработка на метали со висока контрола на термичките процеси, верувајте, до ден денес е тешко да се воспостави“, изјави Бранислав Ристески, директор на Институт за старословенска култура.

„Има објекти со различна спратност, има објекти со преградни ѕидови, премачкувани со кал, има ѕидови изработени со кршен камен“, вели Илија Ристески, архитект во Завод и музеј Прилеп.

Голем дел од пештерите се уште не се истражени, бидејќи се непристапни, а во дел од нив може да се влезе само со помош на јаже.

Една од просториите во бигорната карпа во Зрзе имале право да ја користат само постарите монаси, коишто таму поминувале 24 часа на ден во молитва или како што црковно се нарекува - тихување.

Идејата е овие простории повторно да се ревитализираат и заедно со пештерската црква да се стават повторно во употреба.

 

Извор:А1