Датум: 26.08.2013, 18:22

ЕKСKЛУЗИВНО: Во манастирот каде што се Чува Черепот на светецот


Распарчениот св. Kлимент ги обединува Македонците, Грците и Бугарите




Черепот на овој светител веќе 700 години е во олтарскиот дел на манастирот „Свети Јован Kрстител“ на планината во близина на градот Верија во Грција каде што е донесен од Охрид
„Ве молам, дојдовме тука за да се помолиме пред моштите, пред главата на свети Kлимент, што се чува во вашиот манастир. Можете ли да ја изнесете пред нас, можеме ли да ја видиме, допреме“, го прашавме монахот, кој во манастирската работилница на влезот вредно ги пакуваше иконите и темјанот наменети за верниците.


Не погледна со разбирање, рече кусо да го почекаме две минути и набргу се упативме по него. Босоног, брзо одеше и ни ја отклучи главната врата на храмот посветен на свети Јован Kрстител, која, инаку, пред и по нас не беше отворена за посетителите и кои можеа да го видат само предворието.

Навлеговме во внатрешноста, која дишеше со векови, пред олтарот, чиј иконостас веднаш н` потсети на бигорскиот слушајќи го пеењето на монахот, кое е задолжително кога ги носи моштите на некој светител.



Во рацете држеше сребрена кутија на која беа изгравирани ликови на Богородица и други мотиви од христијанството. Ја постави пред нас и откако ја отвори, на капачето веднаш го видовме познатиот лик на светителот. А внатре, во позлатен оков, се гледаше дел од неговиот череп, кој тука се чува веќе седум века.

Се прекрстуваме, се молиме обидувајќи се да се присетиме на имињата на сите на кои им е потребна некаква помош за да може зборовите и мислите да допрат до светителот кој оставил најголема трага во животот на христијаните на овие и на пошироките простори. Недостигаат зборови и мисли за да го опфатиме сето она што сакаме, што претходно сме го планирале, исполнети со неизвесноста дали воопшто ќе ни биде дозволено да ја видиме главата на светителот.

Мир во сребрената кутија

Монахот мирно ја набљудува нашата возбуда, ни дозволува и да го бакнеме черепот, да го допреме со памукчето за да го пренесеме благодатот и на многу други, да направиме и фотографии. Потоа, со иста смиреност и понизност, со песна полна благодарност, ја затвори и ја однесе сребрената кутија за да ја врати зад олтарот каде што се чуваат моштите и на други светители.



Седиме пред манастирот обидувајќи се да ја добиеме целосната слика за ова светилиште, кое меѓу верниците во нашата земја е познато како манастир во кој „се чува главата на свети Kлимент Охридски“. Таму е веќе седум века откако, според сознанијата, двајца монаси ја зеле во моментите кога целосните мошти биле префрлувани од охридскиот храм „Свети Пантелејмон“, кој турските освојувачи го претвориле во џамија, првин во црквичката „Мал свети Kлимент“, а потоа во „Света Богородица Перивлепта“. Тие, потоа, главата веднаш ја однеле во овој манастир, кој е сместен на височините на планината Пиерија, во близина на градот Бер, односно, Верија, според сегашното грчко име. Всушност, овој манастир сместен во централна Македонија е мошне важен во животот на еден од најголемите ученици на сесловенските просветители, светите Kирил и Методиј, бидејќи св. Kлимент тука и станал монах. Потоа, историјата го забележала сето она што го направил во своите мисии, со создавањето на кирилицата, со дејноста во Охридско, во создавањето на првиот универзитет како прв словенски епископ, основоположник на МПЦ-ОА...

Дознаваме дека главата на свети Kлимент ретко била изнесувана некаде надвор од манастирот - последен пат била прикажана само во Софија, Бугарија, како дел од големата изложба и потоа била вратена.

Желби на лист хартија

Храмот му е посветен на свети Јован Kрстител и во Грција има додавка „продромос“, што значи дека неговото братство е следбеник на овој светител. Во него постојано живеат неколкумина монаси, кои беа незабележителни за верниците, оставајќи практично тие во него да си го најдат она што го бараат. Но, забележителна е грижата што ~ ја покажуваат за светилиштето, кое постои уште од деветтиот век со првата монашка пештера во карпите до сегашната црква и во која живеел основачот свети Дионисиос.



Инаку, потоа во него дејствувал и еден од најголемите христијански теолози Григориј Палама, чија пештера во која престојувал с` уште е зачувана во една вдлабнатина во планината. Во овој храм дејствувал и свети Атанасиос, кој подоцна го основал манастирот „Метаморфозис“ на Метеори и други. Најголемото уништување му се случило во 1822 година кога бил опожарен од Турците за потоа да биде обновен осум години подоцна и се уште се надвиснува над реката Алијакмонос во прекрасниот пејзаж, кој најмногу н` потсетуваше на кањонот на Треска во близината на Матка крај Скопје и ви го наметнува прашањето колку требала да биде голема љубовта кон Бога за тука во планината да се подигне светилиштето оддалечено неколку километри од Верија. Во него, освен моштите на свети Kлимент, се чуваат и моштите на повеќе други познати христијански светители, што уште повеќе му дава значење на овој храм.



- Доаѓаме тука често, ова е значаен манастир, преубав е - ни кажува една посетителка, која беше дојдена со своето семејство.

Обичај тука е пред влезот во храмот на подготвени бели ливчиња секој верник да ги напише имињата на оние луѓе кои сака да бидат спомнати во молитвите. Ливчињата се оставаат на исто место каде што и се пишуваат. Восочните свеќи може слободно да се земат, а ако некој сака, може да остави прилог. Монашкото братство, пак, изработува посебен сапун од маслинки, кој верниците може да го купат. Во нивната продавница во која се продаваат иконите и други верски реликвии нема никаква контрола. Секој верник слободно влегува и без надзор на некој од монасите може да ги разгледува предметите што се нудат на продажба.

Трагите на времето оставиле последици на храмот, кој е сраснат со планинскиот срт, а стабилноста му ја даваат десетина високи столбови изѕидани со камен и кои сериозно ги нагризува забот на времето. Иако се вршат поправки на ѕидините, се гледа дека некаде камењата се ронат, но, сепак, видливо е дека манастирот на чиј влез верниците ги пречекува фреската на свети Јован и други светители, заедно со грчкото и со византиското знаме, оди на подобро бидејќи се поправаат конаци и други придружни објекти. Меѓу многуте ликови на светителите, на ѕидовите сепак не го забележавме и ликот на свети Kлимент. Во еден ќош од манастирот забележавме и повеќе стари предмети – разбои, рала, ќупови, свеќници... што во минатото ги користеле луѓето од овој крај и веројатно наменети за пригодна етнопоставка. Предметите ни беа многу, многу слични со предметите и со алатките што се користеа и во нашите краишта тука.



Мошти во повеќе земји


Познато е дека моштите на св. Kлимент се чуваат на манастирот „Свети Пантелејмон“ на охридски Плаошник, а освен во Грција, мал дел има и во Бугарија. Во Софија се чува парче со големина на нокот, а МПЦ-ОА пред пет години отстапи една мала честичка на Пловдивската митрополија, во која се изгради храмот посветен на овој голем светител.

Освен ова, едно мало делче од моштите се наоѓа и во Рим, Италија, откако во 70-тите години од минатиот век боле доделени на еден словачки интернат.

- Во манастирот на Плаошник ние ги чуваме најголемиот дел од моштите на нашиот основоположник - рацете, нозете... Различна е праксата во православните цркви како се остапуваат моштите на светителите. Најчесто за тоа решаваат Синодите - ни изјави владиката Тимотеј.

Бранко Ѓорѓевски