ЧУДО!!!

Според речникот на православната теологија, чудото е натприроден знак на Божјото откровение, „појава или настан извршени со божја сила“.
 Во секојдневието, да речеме, чудо е кога долго време се молите да се случи нешто што посакувате да се случи, а не се случува. И кога наеднаш ќе се случи, личи на чудо, а долготрајното посакување заминува во историја. Раната на колениците којашто сведочи за истрајната молитва се преселува во пулсирачката промена - внатре...
 Чудо е кога гледате вести од која било тв-куќа и притоа око не ви трепнува. Нема шок-ефекти заради бомбите, убиствата, превратите. Сè е вообичаено. Тргнувајќи од сите војни што последниве години се водеа во рамките на изморената човечка раса којашто одамна ја премина границата на апсурдот во својата битка за превласт над енергетските ресурси... Тоа дека земјата продолжува да се врти и покрај сите случувања на нејзината површина, и дека оската на светот и понатаму е на своето место не е којзнае што – напротив, станува збор за обичен закон за гравитација, слично на цената на нафтата чиешто  непрестајно покачување веќе не предизвикува особено внимание  во јавноста, туку станува поттик повеќе за науката да се фрли на работа, во потрага по нови видови на погонска енергија. Трансформацијата на капиталот (колку убаво звучи) веќе никој не ја смета за чудо, и тоа дека во банките се депонира помалку или повеќе од потребното злато (колку е потребно?) отколку што можат да поднесат сите печатници за пари (заедно) пред и по Гутенберг, е можеби само причина плус да се запре со печатењето на хартии од вредност, а да се врати на сцена стариот и добар ковачки занает кој умееше да постави недвојбена граница помеѓу она што е петка и она што е глава.
Кога се случува чудо, на необјаснив начин се надминуваат природните закони на вселената – на пример, планините се поместуваат, морињата се разделуваат, реките не течат низводно и сè на сè, сценографијата на нашава планета наеднаш ја губи својата статика и потпора во она што се вика физички закон и во визирот на човековата перцепција материјата започнува да се топи, а физиката без пардон, т.е. со невидена леснотија и ослободена од земјината тежа се искачува еден спрат погоре... На јазикот на метафизиката „ѕидот којшто плаче“ е сосема соодветно име за нашето покајание, кое се проектира во вид на солза што извира од ѕидот...
Разумот е тој којшто бара објаснување, термини и мерки. Да можеше чудото да се објасни, немаше да биде чудо. На крајот на краиштата, нерешливоста на загатките е тоа што ги прави интересни. Да речеме, таткото ненадејно умира, и на трите сина им остава седумнаесет нафтни полиња, но заедно со полињата во тестаментот им ја остава и заповедта за љубовта, како услов за добивање на наследството – како еден вид опомена и потсетување дека - ако не се сакате меѓу себе, ќе направите идол од нафтата -  и војната ќе стане модел на вашиот престој на земјата, проклетство наместо благослов...
Чудата се оној неверојатно лесен, елегантен и полн со љубов потег на Божјата волја, со кој грижливиот Татко внимава да не се допре до слободата на своето дете а сепак да му даде некој ишарет. Стариот завет изобилува со вакви примери: стапот кој станува змија, па повторно стап, грмушката која гори несогорливо, водата која се претвора во крв, појава на жаби, вошки, муви, скакулци, препелици, вода од карпа, град, громови, дождови, столбови од облаци и огин, ит.н. Христовите чуда во Новиот завет почнуваат со чудото на свадбата во Кана, кога водата беше претворена во вино..., и траат до денес, по мерата на нашата вера...
 Сомнежот е тој којшто чудата ги дочекува на ножот на своето неверие. Со право или не, тој проверува.
И така, додека науката  ги истражува чудата во своите специјални лаборатории за т.н. умртвување на чудата, при што кога на живото чудо еднаш ќе му се направи лоботомија и вивисекција, кога ќе се расчлени и исецка на неговите составни делови и ќе се стави под лупата на разумот кој априори не верува и не сака да види, готово е со чудото – тоа ќе биде ставено во папка и архивирано во соодветен нацонален конзерваторски центар, за идните истражувачки проекти.
Чудото е повторно одраз на нашата внатрешна духовна состројба – скептикот, што и да види ќе рече – их, големо ЧУДО!!! На верникот, пак, не му треба надворешен доказ за тоа што тој постојано го „гледа“ однатре, а тоа е БОЖЈОТО ПРИСУСТВО...
 Најголемото чудо на овој свет е слободната волја на Човекот.
Ако е тоа најголемото чудо на светов, тогаш нема поголемо, но сепак, бесконечноста на можностите кои му се дадени на човекот за негово себеостварување, се уште поголемо чудо. Талантите се чудо.
На пример со дарот за архитектура, човекот може да соѕида величенствени градби, или сликарот може да наслика најубави ликовни дела, композиторот да ја искомпонира најубавата музика...
Но сепак, најголемиот дар што му е даден на човека е дарот на богопознанието, станувањето бог по благодат. Човекот може, но само ако сака. Значи, ако својата слободна волја ја насочи кон целта, и ако таа волја е усогласена со божјата, можно е постигнување на целта.
Една од основните тајни на богопознанието е дека Бог е семоќен, но никогаш нема да ја наруши слободата на човекот.
Невидливото присуство на Бог во светов може за миг да стане видливо, и очите тогаш гледаат – чудо. Всушност, обратната перспектива на чудото е внатрешното гледање. На човековото срце не му треба чудото за да се увери во постоењето на Бог – срцето знае. Дека Бог е сè во сè. (1 Кор 15, 28)

...........................................................................................................................................................
За чудото што деновиве се случува во скопската црква Свети Димитрија, некои од присутните очевидци тврдат дека ѕидовите прокрвареле поради плафонските цени на црковните треби заради кои стана тренд луѓето да ги одложуваат своите крштевки, венчавки, па и погреби, велејќи дека црковните службеници треба да му служат на народот за џабе, а за возврат да добиваат небесна плата...
Други пак, велат дека државата со нејзините рампи за паркиралишта, околни градилишта и слични амбиции, толку ѝ го скратила просторот за маневар, што Црквата немајќи друг избор, прибегнала кон мироточење, колку да покаже дека тие ѕидови не се обични ѕидови од цигли и малтер, туку жив и органски дел на Телото Христово...светлината од тие ѕидови како молња проструи низ светот, а некои не одолеаја во тој контекст да го вметнат и зборот „афтокефалност“... Да имаше причинско-последични ВРСКИ во начинот на кој се случуваат, зарем ќе беа чуда?