Не е лесно убавите мисли (идеи) да се ставаат во непријатниот контекст на која било минлива, односно тековна реалност   
   
  
Од друга страна, ако трчате наоколу со некаква ламба во рацете и се правите „на диоген“, повторно не е некоја којзнае колку среќна варијанта. Значи, треба да се најде златната средина на мудроста во која премногу нема да биде премалку. Но и тоа повторно не е гарант дека некое бисерче нема да заврши во порцијата на некое умилно прасенце, кое во последниве времиња сé повеќе има вкус на генетички модифицирано нешто отколку на здрава свинска храна.

Патот до Воскресението не е вонвременски скок во друга реалност, туку процес на континуирано зреење и себенадминување. Границите на можното се поместуваат и невозможното станува задолжителен дневен пансион на сите што имале храброст да поверуваат наспроти ветрот... особено деновиве, кога политичкото милје во нашата татковина замирисува на етерно масло од нафталин, бледа сенка на поимот за некаква транзиција под чиј притисок општеството се разболи од кила и стенка под тежеста на надоаѓачкиот пресврт, кој никако да дојде... Сите што имале уши да слушнат, веќе одамна ги исклучиле своите ТВ-приемници и во тишината на обичното секојдневие, незагадено од вулгарните медиумски притисоци, фрлиле котва во некое од блаженствата за коишто благовестеше Христос. Што е потребно да се биде среќен? Не е потребно многу, потребно е малку, речиси ништо.

Нам ни недостига чувството за заедништво. Не треба да одиме едни против други, туку заедно КОН. Во тековните премрежиња за македонските работи не се знае што е потешко: да се молчи или да се одмолчува. Да се биде мудар и да се одбере вистинскиот момент, кога тоа што ќе се стави на маса ќе има кој да го проголта..., или да се зборува во (в)етер. Едно е сигурно: треба да се следи патот на срцето, а таму секогаш е... Оној што не засака толку многу, што и Синот свој единороден го даде, за нас... Бог, кој стана Човек, за да можеме полесно да видиме, преку сите антропоморфизми низ кои Тој ни снисходеше, дека без будност и свесност за неговото постојано присуство, нашиот живот е сенка на сонот, привид врз привид, затворен круг... без излез...

Како и да е, болеста мора да ги пројави сите симптоми за да може полесно да се лекува. Поделеност, непријателство, омраза, страв од Другиот, воспаление или обичен вирус, што и да е, не може да ја смали величественоста на Неговата победа над Смртта, кога целиот Космос ликува зашто Он воскресна откако беше распнат! Стана Човек за да го ублажи нашиот страв, зашто Љубовта изгонува секаков страв надвор од срцето на Човекот...

НЕ СЕ ПЛАШЕТЕ, НЕМА СМРТ!

Да можеше верата да има некаква „физичка“ формулација, ќе речевме дека во зависност од нејзината сила проблеснува (и светли) Чудото на Христовото невидливо присуство во нашите животи. Не се далеку од умот човечки зборовите на апостолот Тома, кога, гледајќи ја радоста на другите апостоли, велел: „Додека не ги видам раните од клинците негови, и не го ставам прстот во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам...“

Човечкото срце, најдлабоката и најтаинствена Интима, е местото каде што се случува велигденската објава за вечниот живот: ДОЈДИ, ПОДАЈ ЈА РАКАТА, ПРОВЕРИ...

Дека Христос навистина воскресна!
  
   
Автор: Сестра Макрина    

Извор: Нова Македонија