ЉУБОПИТНОСТА, НАД СЕ
Торинското платно
Подготвени сме на некое инстант-решение за христијански живот, на пример, да ја видиме плаштаницата, а не на постојан и долготраен и литургиски подвиг во Црквата Божја, па забораваме дека Господ Бог ни порачал дека не секој што го изговара Неговото име ќе се спаси
„Покајте се, зашто се приближи
царството Божјо“ (Мр. 1,15)


Некаде на почетокот од деведесеттите години на минатиот век видов на телевизија документарна програма во која се зборуваше за автентичноста на „некое“ платно на кое се отсликал ликот Христов, и колку ме држи паметењето, произлезе дека станува збор за некое подметнување по 12 век. Но, во тоа време искрено и не бев многу информиран верник, па тоа ми останало како податок кој го сметав за неважен, но сепак интересен да се види. Години подоцна повторно налетав на некои информации за ова платно и сфатив дека всушност станува збор за плаштаницата во која бил обвиткан Христос при Неговото положување во гробот и дека оваа толку спомнувана плаштаница се чува во некој храм во Торино. Последниве неколку месеци повторно ова е топ-тема низ Италија, а после нејзиното изложување и можноста да се види барем од десетина метри, станува многу актуелна тема и во целиот христијански свет.

И така деновиве темата е актуелна, а јас пак благодарение на вулканскиот облак останав заглавен во северниот дел на Италија, па со група наши верници што живеат и работат во Италија, бидејќи станавме „жртва“ на се' понагласената кампања на римокатоличката црква (која патем разви многу дебатни емисии и издаде еден куп книги во кои се тврди дека ова е дефинитивно автентичната плаштаница) но и поради нашата љубопитност, решивме да го видиме и тоа „чудо“. Културно се најавивме, ни закажаа термин и така почна нашето поклонение. Си застанавме во ред и откако нога за нога за нецели два часа стигнавме пред платното, врамено и осветлено одзади за да би се потенцирале деталите, не удостоија со кратко застанување пред него со една поголема група народ кој беше од секаде насобран, ни изрецитираа една молитва на италијански и љубезно ни го покажаа излезот за да се направи простор за следните поклоници. А поклоници колку ти душа сака и од кај ти сака, па видовме и руска група предводена од млад ревносен свештеник, копти, римокатолички свештеници, монаси, монахињи и река народ секако, а со тоа и какви се' не странски јазици околу нас. Како и да е, некои од нас, поклониците, си ја утврдија верата, некои не се уверија во автентичноста, некои се утврдија уште повеќе во скептицизмот, некои си ја задоволија љубопитноста, некои си вброија уште една значајна дестинација, некои си најдоа тема за дискусија, некои се воодушевија на организацијата, некои очајуваа очекувајќи можеби да видат и чудо, некои се изначудија... Нејсе, во оние што се изначудија бев и јас. А си се изначудив најнапред на самиот себе, а потоа и на сите други, како тоа ние како луѓе сме подготвени да направиме се' за да ја задоволиме нашата љубопитност. Подготвени сме на некое инстант-решение за христијански живот, на пример, да ја видиме плаштаницата, а не на постојан и долготраен и литургиски подвиг во Црквата Божја, па забораваме дека Господ Бог ни порачал дека не секој што го изговара Неговото име ќе се спаси, па согласно на тие Негови спасителни зборови, и не секој што ја видел плаштаницата во Торино на тој начин ќе си го здобие спасението. Па оттука, така ќе се влечеме речиси два часа во колона без оглед на времето метеоролошко, без можност ни да потчучнеш, а не пак да седнеш, а ќе се жалиме дека богослужбите во храмот биле предолги ако траат повеќе од еден саат, па и тоа, дека нема клупи за седење во нашите храмови. Ќе тргнеме од крај на светот за да дојдеме до тука, а ќе се оправдуваме дека не одиме во храмот бидејќи истиот ни бил далеку од дома, дури и само неколку километри во поголемите градови. Ќе испотрошиме поприлично за да стигнеме до тука, а ќе протестираме дека многу чини свеќата што ќе ја купиме во храмот. Ќе го наполниме овој торински храм стопати дневно додека трае изложбата, а храмовите низ светот ќе зјаат празни дури и за Велигден. Ќе „зјапаме“ во платното за да пронајдеме капка крв што останала од Христос, а ќе ја пропуштаме можноста да се причестиме и да се соединиме реално со Неговите Тело и Крв на Литургијата. Ќе ги видиме на плаштаницата отсликаните рани Христови и ќе го жалиме Бог Кој страдал за нас, ќе сочувствуваме со Него согласно со името на оваа, слободно ќе речам, изложба на Страдањата Исусови-страдања човечки, дадена од страна на организаторот, а ќе се лишиме од радоста на Воскресението кое се слави токму во овој поствелигденски период се' до Вознесението Христово -Спасовден, а продолжува во секој неделен ден во текот на годината. Зашто ако беше плаштаницата поважна од Воскресението Христово, тогаш зошто жените мироносици не ја земале со себе кога се вратиле од гробот, туку била во гробот и кога дошле апостолите во него.( Лк 24,12; Јн 20, 5-7). Та, Христос не дојде на земјата само да страда за нас, туку дојде нешто многу поважно да направи за нас, да воскресне од мртвите и со тоа да ни даде и нам можност за воскресение и да не врати во рајот и да ни дарува живот вечен. Забораваме ли дека поради една ваква слична наша човечка љубопитност на нашите прародители, како со плаштаницава, ги загубивме рајот, близината и единството со Бог.

Морав да го споделам ова искуство со вас, но ми недостигаше порака. И размислувајќи за пораката, веќе наредниот ден на Литургијата го прочитав Евангелието за жените мироносици. Ми се задржа вниманието на еден важен момент, на многу суштинската заповед што им ја дава ангелот на жените мироносици, а која е чиста спротивност од она што сите ние, христијаните, сме го направиле со поклонението на плаштаницата (или пак со некои други поклоненија) во изминатите денови или, пак, ќе го правиме до крајот на изложбата, па била плаштеницата автентична или не, заповедта гласи: Одете и соопштете им на апостолите дека Христос Воскресна (Мк. 16,17), а не гласи: дојдете и поклонете се на гробните повои што се тука во гробот. Така и јас би ви препорачал: Одете и насекаде по светот објавувајте дека Христос Воскресна од мртвите, а не, одете на поклонение во Торино (како на нешто неопходно за духовниот живот).

На крајот на краиштата, на страшниот Христов Суд нема да бидеме прашани дали сме ја виделе плаштаницата од Торино (или дали сме биле на поклонение во Ерусалим, или дали сме земале од благодатниот оган) дали сме верувале во нејзината автентичност, туку ќе бидеме прашани дали верувавме во Неговото Воскресение и дали го објавувавме со вера на ближните наши.

Христос Воскресна!
Митрополит европски Пимен
Извор: Дневник 08-09 мај 2010 година