Пишува: Јанко ИЛКОВСКИ


janko.jpgСе исплашив...се исплашив кога ја слушнав веста...само едно јасно чувство на страв...дефинирано како аритметичка равенка, без двојби за постулацијата, без емоции, без состојба на шок и траор, само страв на јасно дефинирана мисла... Нема да не биде... Ако ликови како неговиот, чисти во својата наивност, простодушни, искрени и неодоливо шармантни, немаат виза за престој, што со нас, проклетија со погана уста...

Сите плачат, велат од тага...или можеби од свесноста за сопствената смртност и страв за наталожените гревови кои ги носиме во себе, ја најдовме утехата преку еден современ архетип кој беше она што секој сака да биде - убав, успешен, добар, ценет, почитуван, сакан, талентиран...

Тој беше сонот на просечниот Македонец, доволно успешен и доволно среќен за да се идентификуваш со него. Балканите не се идентификуваат со костумирани јунаци, децата не се поистоветуваат со супермен, бетмен, освен за маскенбали, но нивни рол-модели се конкретни луѓе кои можат реално да бидат она што се посакува. Балканците се просечни во посакувањата, сакаат да бидат богати - но не пребогати за да може чаламот да им продужи у кафана, сакаат да бидат успешни, но до толку да не мора да одат со обезбедување... Ние имаме некаков - каков-таков ген за солидарност, соборност, малиот некако беше заеднички именител на сите нешта но беше хуман затоа што ја имаше доживеано судбината на празна трпеза со муфлосан леб, нешто што ќе го расплакува и обеспокојува до крајот.

Доволно верник, доволно патриота, доволно паметен, ништо над просекот...освен неговиот глас...а имаше глас да ти испее и душа да ти заигра. А не ја сакав претерано неговата музика, сакав да биде пејач на музика како од Анастасија, од Мизар, Архангел, но за среќа си остана со своето видување на поп музиката во доволна мера да им се спротивстави на сите шунд трендови на турбо-биртиските поскочици кои не заплиснуваа од сите страни. Кажав дека беше хуман, но не заради маркетиншки причини, немаме ние уште таков мен-менаџмент да извлекуваме корист од галење деца по болници, такво нешто функционира на големите западни пазари, овде, каде пиратите мамата му ја плакаа и му земаа и повеќе од она што заслужува, а он искрено ги сакаше и ги тешеше оние на кои сите ние им вртевме грб.
Ајде, бидете искрени, нели би требало Тоше да биде еден од најбогатите луѓе во земјава? Нели би било тоа заслужено? По мене, имаше далеку премалку одошто заслужуваше...материјално...но духовно, беше сакан и обожуван на начин како што само едни Битлси беа сакани, искрено и со еуфорија.

Премногу личеше на овој народ, на балканските народи, а имаше доволно сила и енергија за да ја пополни дупката во нашата ментална слика за нас кои не успеваме да се одлепиме од дното само заради мрзата која ја поседуваме во изобилство. Беше истраен, како маратонец, имаше дисциплина во својата борба, да турка, да тркала, да се измачи и истрае на патот до успехот, нешто што на православниот свет му недостасува во изобилство.

Палат свеќи на тревници, во црквите празни свеќници - уште една слика на искривената вера, но дури и такви, несредени, злобни, завидливи, несреќни, раскарани во сите сфери, побожни-атеисти, леви-десни, горни-долни, беше единствениот заеднички именител на оваа земја. Да беше Античко време, ќе научеше да се мечува и имаше доволно харизма да поведе војска до Индија... Но нашиот Џемс Дин, Елвис, Ленон, ја доживува судбината на секој метеор - спектакуларна небеска претстава која по сите закони трае кратко - но во неговиот случај прекратко.

Една од најубавите молитви кон него, напишана од еден верник на Премин порталот.

Тоше си ја испеа својата песна за заодот на сонцето пред изгрев,
за разделбата од младоста во цутот на младоста - со пламенот на љубовта на ангелите и со благоста и чистотата на децата. Ни ги допре срцата со својот дар Божји, за нашите солзи да му станат молитви пред Бога. Нека изгрее пред него Светлината на Лицето Христово - Сонцето без заод. Боже, помилуј ја неговата душа и дари им сила на неговите родители и ближни во овие тешки мигови.

Преземено од„ ВЕЧЕР“(http://www.vecer.com.mk/?ItemID=7D3B5B57E1CF484385DE69815B1CF9A0)

Посети:{moshits}