makrina.berovo.jpgКултурата е шлагот на тортата, а тортата е десерт*

Да сум јас некоја власт, ама не во државава туку во космосот, веднаш би ги укинала сите меѓучовечки недоразбирања, караници, тепачки, војни, масакри и варваризми од каков и да е вид, па да видам како после луѓето ќе се снајдат во таа до неподносливост здодевна атмосфера на љубов, мир, толеранција и креативност.
Дали и тогаш ќе се организираат мирољубиви протести на плоштад, и дали луѓето ќе имаат потреба да ја демонстрираат својата укината природа на агресивност?


Што е воопшто тоа што на човекот може да му се наметне со сила? Дали, првенствено, слободата? Дали слободата на умот и слободата на срцето? Постои ли слобода на избор? Дали на човештвото му е наметнато постоењето, или Човештвото по пат на еволуција, развивајќи се од палеолитски варовник, преку разни видови од типот на камења, риби, мајмуни, значи преку природна и од ништо предизвикана, т.е. сосема слободна волја по себе и за себе, во смисла на голем прасок со една неконтролирана експлозија - се појавува на сцена, и бидејќи како таков, не е во соработка со природата, туку е господар по дефиниција, (човекот), предизвикува еден вистински хаос на малата планета, која со оглед на фактот дека во кодот вибрира на 8Hz, не е навикната некој да е во дисхармонија со самото тоа као факт, па така доаѓа до несогласици (искри) помеѓу неа и него?
Е, тоа ти е со научен јазик кажана онаа библиска вистина дека Човекот бил избркан од рајот.

Анархолибералите поведуваат во шеснаестерецот, но судијата пресуди пенал во полза на конзервативците. Голман нема, мрежа исто така, за гол не е сигурно, но едно е сосема извесно: Луѓево се испотепаа меѓусебе, убедени дека се непријатели. Антрополошката партија (таму сум) на трибините се утепа од плачење. Жално е што Македонија може да помине само со шифра, а не како Прличев лично со глава и брада.

Олабавете малку. Што мислевте, лесно е да се биде независен? Слепото црево во дигестивниот систем на Отоманија, го наследи Југославија. Секогаш доволно далеку од центрите на моќ, никогаш свои на своето...Расеани до немајкаде... И заразени од бактерија на братеубиство, научени едни против други, со страв од ближниот. Кодош до кодоша, големиот брат и Орвел можат вода да ни носат, ние сме антитело на глобализацијата... Без јадро и без матица.

Притоа, теоријата на релативитетот е нашиот Устав. Еволуционизмот е догма загарантирана со закон. За да ја срушите ви недостасуваат кралски семејтсва, па на плоштадот место цркви да градите гиљотини.

Добро е сето ова за да се испрофилира општеството. Добро е што се споредуваме со Франција, со Белгија, со Германија... Но во времето кога Франција ги тркалаше прочуените аристократски глави по калдрмата на Конкорд, на Балканот сè уште како настан во најава, лебдеше прамаглината на создавањето...

Наместо Адам, кај нас се појавија Нации. И сите сакаа да бидат независни едни од други и за секого да има по еден северен и по еден јужен пол. Државата, тоа сум јас, се повторно зборови на една западна авангарда, при што духот на просветителската слобода, братство и еднаквост, истовремено значеше смрт, затвор, потчинетост на сите што не ја прифаќаат Слободата.

Добри се овие препукувања. Добри се, зашто низ тој судир на спротивставени мислења, може да се дојде до консензус. До заедничко и мудро решение. Секој нека си го брани сопствениот став, но истовремено да биде со отворен ум за да го слушне мислењето на Другиот. Тогаш, кога Другиот ќе ни биде Закон, тогаш ќе успееме како Општество. Дебатирајте за истуреното млеко и хаосот во стопанството, и решете ја најпрво економијата, и не ја користете веронауката како експериментално глувче, уште една од многуте теми за која се острат отровните моливи на дезориентираноста и несигурноста. Сега сме уште на ниво на мочуриште, каде што дневниот печат по пат на copy-paste од википедија, ги известува широките народни маси за тоа каква одлука донел советот на Европа во врска со теоријата на креационизмот, во време кога не можеме на нашиот домашен пазар да го купуваме нашето млеко. Според правилата на макробиотиката, која се смета за најздрав концепт во исхраната, човекот (за да биде здрав), треба да го јаде она што расте во неговата најблиска околина. Неретко, на ова мени специјалитет на денот е нашиот ближен, во недостаток на други домашни производи...


*
Кога во една прилика на познатата француска кралица од 18 век, и кажале дека народот нема леб да јаде, таа одговорила: Нека јадат колачи! Се ми се чини, дека проблемот околу веронауката кај нас е вештачки создаден, непотребен и со цел да му се фрлат коски (читај колачи)на народот...