ПО УКИНУВАЊЕТО НА ВЕРОНАУКАТА

Уставниот суд, Б.Ц., Караманлис и верата

Во Европа има 40 (четириесет) земји, во кои се изучува веронаука. Во 20 е задолжителна, во 20 е факултативна. Факултативната веронаука НЕ го нарушува секуларизмот


Она што со години си го изградилможе да биде уништено преку ноќ.Сепак гради“ (натпис на куќата на Мајка Тереза во Калкута)Ќе продолжиме да градиме. Но, Уставниот суд дефинитивно станува тврда инсталација на Бранко Црвенковски, бастион на СДСМ. Судии што никој не ги знае, не ги видел, а диктираат закони или по нарачка рушат. Неокомунистите убаво смислиле: СДСМ не е на власт, ама да диктираат што може да помине. Да губат избори, ама да останат законодавци. Луѓето да гласаат, ама 5 судии да бидат над сите.И, џабе се 63 или 80 пратеници, не вредат 55 градоначалници, не вредат 30.000 родители кои се определиле нивните деца да одат на веронаука. Важно е тетка Ингилизова да кажува што може да биде закон, а што не. Демек, биле непартиски уставни судии. Ај да видиме:

1. Лилјана Ингилизова, која СДСМ ја гласаше за врховен судија во 1995, а по тоа беше нивна „прва пушка“ во ДИК и претседател.

2. Игор Спировски, секретар на Собранието (1992 - 1997), предложен и изгласан од СДСМ, ЛП и ЛДП. Ептен непартиски, како мене.

3. Бранко Наумоски, помошник-министер за правда уште од времето на СКМ и КПЈ. Од владата на БЦ во 1995 назначен за директор на Управниот инспекторат, а во 1997 година предложен и изгласан од СДСМ за народен правобранител.

4. Зоран Сулејманов, делегат во ОС на РСПУ на СРМ (1984 - 1987). Различните влади на СРМ и РМ го именуваат и предлагаат во 1982, 1993, 1995, 1996. Најмногу напредува кога СКМ или СДСМ е на власт. Нормално, сите уставни судии се избрани кога СДСМ имаше мнозинство во парламентот. До последниот. Ептен независни, колку што јас сум независен. Ваквиот Уставен суд на Б.Ц. има за задача да се спротивстави на сите решенија на владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Нарушен бил секуларизмот? Во Европа има 40 (четириесет) земји во кои се изучува веронаука. Во 20 е задолжителна, во 20 е факултативна. Факултативната веронаука НЕ го нарушува секуларизмот. Веронауката е ЗАДОЛЖИТЕЛНА и се изучува во текот на повеќе години школско образование во Австрија, Германија, Босна, Грција, Шведска, Луксембург... Нивните уставни судии не ја укинаа веронауката во името на секуларизмот. Веронауката е факултативна во Италија, Хрватска, Србија, Ирска... Што е проблемот со Македонија?

Зошто Караманлис? Затоа што Уставниот суд ја применува неговата логика. Суспензивно вето. Блокада. Тоа е логиката на Караманлис. Нема врска што членството на Македонија во НАТО го одобруваат 26 земји со 900 милиони жители, туку важно е ветото на Караманлис. Истиот инает и политикантство на Караманлис го тераат - судии во Уставниот суд.Уставниот суд, како Ленин, вербата во Бога ја доживува како „опиум за народ“. Но, проблемот е што во последнава декада од вистинскиот опиум и вистинскиот хероин починале 214 млади. Затоа не е потребна веронаука. Додека судиите тераат дневна политика и агенда на БЦ, во Македонија имаме 8.000 регистрирани зависници од дрога, а реалната бројка е поголема од 20.000.

Секој трет средношколец се опива во парк и пробал марихуана, 15.000 средношколци пробале екстази, се’ повеќе бракови се разведуваат, ХПВ и кламидија на сите страни, мажите одат во јавни куќи, жените по швалери... Децата не си ги почитуваат родителите, родителите немаат влијание врз децата. Малолетници излегуваат на полноќ, а се враќаат дома во 4 - 5 сабајле. Сите родители, наставници, професори и педагози се обидуваат да ги воспитаат децата и младите, но лошите примери и вкупните услови се доминантни. Наместо родителите, наставниците и црквата, премногу деца ни ги воспитуваат Боки 13, Парис Хилтон, улицата, ТВ 1000, Сури, Мирко Попов, Јелена Карлеуша...

Посланијата на Свети Павле се поопасни од оружјето во училиштата?! Секуларноста не значи атеизам. Секуларноста значи дека Синодот на МПЦ или раководството на ИВЗ не треба да одлучуват за фискалната политика, буџетот, инфраструктурата... Но, секуларноста НЕ значи отсуство на црквата од општеството. Црквата е иманентна, нормална појава во општеството. Присуството на црквата во јавниот живот не е нарушување на секуларноста. Но, јасно е, нашите милитантни „секуларисти“ би биле најсреќни да ги набркаме свештениците од секаде. Како во СССР или Камбоџа. Или како во Македонија во 1950 година, кога свештениците не смееле да се качат на воз, туку морале да одат пешки. За да ги нема во јавниот живот. За атер на секуларноста и атеизмот.

Проблемот е што Уставниот суд постои само кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ. Кога СДСМ владее, Уставниот суд има 4-годишен распуст и се' е уставно. Идила. Се е во ред кога се на власт нивните, кога се продава Рамстор по 20 евра за квадрат, кога се приватизира Фершпед, кога министер е Владо Димов, кога Верушевски е главен, а Хари Костов кадровик. Тогаш на сите страни само уставност и приватизации.Нивната порака е јасна: или ќе тераме закони кои нив им одговараат, или тие законите ќе ги рушат на Уставен суд. Со 5 судии од кадровскиот список на Б.Ц., сакаат континуирано да ја рушат програмата на стотици илјади луѓе. ЛДП, „партија“ со 5 луѓе и 20 членови, ужива во улогата на диктатор на законодавството. Формулата е јасна: прво претставка до Уставниот суд, повик од Б.Ц., нарачка на пресудата и „независна“ одлука на Уставниот суд.

Завчера Уставниот суд им забрани вероучение на 15.000 петтоодделенци и 30.000 родители, односно 65 отсто од учениците и родителите кои се определиле за верско образование. Уставниот суд го укина правото на избор на факултативна веронаука. Но, не можат да ја укинат вербата во Бога. Многумина се обиделе, но не успеале.

Влатко Ѓорчев (Авторот е пратеник на ВМРО-ДПМНЕ)

Извор: Дневник

Посети: {moshits}