gakon.Goran.A.jpg

Насловот е реагирање на една “филисофистичка тетратка” на автор под псевдоним Фили /или можеби кратенка од лично име/, нека ми прости ако не е така, во која повторно со излитени и папагалки тези се напаѓа веронауката, Црквата и нејзиното учење. Навистина, простете ми што наместо да напишам некој текст кој ќе биде разгледување на некоја тема од аголот на преданиското аскетско-христијанско искуство, пак се огласувам за нешто во кое се чувствувам повикан, некој може ќе оцени дека бурно реагирам, иако сум свесен дека православието не се брани со реакции, напади и протестирања, туку со сведоштво во личниот живот, како и со лично сведоштво во соборниот живот на Црквата, со подвиг на практикување на теологијата во животот, или како што би рекол светиот апостол Павле, со усвојување на Христовиот живот како свој, затоа сведоштвото со живот е најдобрата апологија на христијанството кое опстоило еве веќе повеќе од два милениума. Ако не сведочиме за Христа Богочовекот со својот живот, нападите и критиките кон нас како членови на Црквата или воопшто кон Црквата се оправдани, и треба љубовно, како и се друго во овој свет да ги прифатиме, да ги поправиме и преобразиме. Но, и оној кој напаѓа или “пецка” треба да знае дека за секого важи Христовата поука, најнапред извади ја гредата од своето око, а потоа гледај да ја извадиш раската од окото на брата си. Ако, пак, не сакаме да ја послушаме оваа поука, барем да ја практикуваме онаа хуманата, не му го прави на човек она што не сакаш да ти го прават тебе.
 Во Македонија, постојано се измислуваат термини од “Лексиконот на д-р Караклаиќ” кои се лиферуваат во колумни, јавни настапи по медиуми, а кои наводно треба да изразат  одредена состојба, иако за се си постои точен термин со етимолошко и семантичко значење, но бидејќи ние сме “најпаметните” ќе си измислиме демократизам, македоноиди…., како и најновиот кој е предмет на моево реагирање, а тоа е терминот на Фили, мозокоиспирание. Овој термин требало да ја означи состојбата и целта од воведувањето на веронауката во училиштата. Во Светото Писмо се вели, кој може да знае што има во човекот, освен самиот човек, па така и авторот на овој термин со црковно-словенска транскрипција /за да биде нели поинтересно и сатирично/, сигурно знае како е да се помине или поминал низ состојбата на “мозокоиспирание” во минатиот систем, па сега смета дека само со додавање на омекнувач и со плавење, ќе може истите “детергенти” од минатиот систем да ги користи како објаснување и за состојбите во ова плуралистичко време. Затоа, многу тешко им паѓа на луѓето кои не можат да се “снајдат” во новите услови каде асортиманот на производи е голем, и кога можеме по сопствен личен избор да го избереме она што мислиме дека е најдобро, па повторно и повторно продолжуваат со постојано исти тези како резултат на мозокоиспиранието во вечерната марксистичко-филозофска школа со прогресивната социјалистичка мисла и револуцонерните придобивки, и така се едно исто и исто, па и не им замерувам, тоа го научиле луѓето, сега ќе се “замараат” да учат или читаат нешто друго или пак да се мачат со споредби и точни податоци. Важно, “звање” имам, “знање” не е битно. 
 Прво, веронауката не ја укинаа 1945/46 година, туку 1953 година, а целосно беше отстранета 1955 година, кога сите верско-образовни институции беа отфрлени од образовниот систем на тогашната СФРЈ. Значи, дека не на сите комунисти им пречеше веронауката /имаше и такви кој носеа петокрака, но веруваа и ја практикуваа верата во Бога/, туку како резултат на оние кои сакаа да му покажат на Сталин дека не отстапуваат од марксистичко-ленинистичката идеологија во годините кога ФНРЈ политички се вртеше кон западните сили, со познатата теза од Информбирото, исток не отпиша, запад не не запишуе, па така излезе дека како доследни на комунизмот, еве се бориме против Црквата. Значи, во првите години на социјализмот, веронауката не им пречеше на комунистите, туку како редовен предмет беше дел од основното и средно образование, значи тие не сметале дека се врши “мозокоиспирание” при запознавањето со принципите на верата.
 Второ, изучувањето на веронауката значи давање на информации за верата низ образовниот систем за оние граѓани кои на пописот демократски се изјасниле дека припаѓаат на определена вероисповед, следствено на тоа им следува и демократско право, на пример, да добијат основни информации за верата на која и припаѓаат, за да не им изгледа во иднина некој црковен чин на кој ќе присуствуваат, како што вели Фили, дваесетминутна говаранција со пеење. Што се однесува до тоа, дека се притиска за веронаука за да не ни останат црквите празни, не е точно. Слава му на Бога, црквите колку толку не ни се празни /доједете и видете/, а впрочем православието не значи квантитиет или бројка, туку квалитет односно начин на живот, а согласно Христовите зборови кога мисли за Црквата, вели, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас. А, добро ќе се сетите зошто според вашето мислење, црквите ни се празни, затоа што со притисоци, со страв од кодошење во минатиот систем луѓето беа на сила одвраќани да не ги посетуваат црквите, ако не ми верувате мене, сигурно имате некој пријател кој во тоа време скришно си ги крштевал децата или тајно се венчал за да не биде жигосан од системот и да не ја загуби работата. А, овие случаи не биле малку. Заради пропагандата /читај си Фили, мозокоиспирание/ од тој систем дека верата е опиум за народот и дека е назадна во споредба со прогресивната комунистичка мисла, па и тоа дека двете работи не оделе заедно или биле противречни, народот беше одвраќан од црквите со закани. А, денес, онака плуралистички сакате да го вратите народот во црква, амо со истиот менталтет на тогашниот систем, ако сте за веронаука, “марш у црква”. А што да се прави освен да се реагира кога сакате и правото на избор да го скратите во името на секуларизмот што во Македонија сакате да го издигнете во ранг на државна религија. Што се однесува до вториот изборен предмет, историја на религиите, не верувам дека слабо сте информирани, но тој предмет го предаваат дипломирани философи, социолози, а не теолози, за разлика од методите на ситемот кој се распадна сам од себе / а, за кој сеуште трачате и сакате да верувате дека некој намерно конспиративно го растурил, бидејќи нели бил најдобар, па затоа/ ние делуваме само во рамките на она што значи мисија на Црквата, а инаку како христијани отсекогаш сме ги почитувале законите, било да се во полза наша или не.
 Во Црквата, а и според нејзиното учење секој човек е конкретна и слободна личност, икона Божја, затоа Црквата е жив богочовечки организам на живи /а, во Бога се сите живи, па и оние што починале, а за кои си споменуваме и се молиме/ и конкретни личности, и Црквата /зборувам за Православната/ отсекогаш ја прифаќала слободата на избор на човекот како најсуштински дел од неговата личност, во Црквата слободата се подразбира, ние не сакаме на никого да му го “миеме мозокот”, тоа е спротивно на личносно-соборниот карактер на Црквата, бидејќи човекот не е само разум, а и не сакаме од никого да направиме “сива маса” која ќе се “меси” како тесто, тоа е за оние ситеми и доктрини кои сметаат дека човекот е само разум и дека само таму може да му се влијае со пропаганда, па кога ќе го “обработи” и направи оттуѓена индивидуа од него, по пат на колективизација го приклучува кон масата која веќе е обезличена и делува како ќе каже лидерот. Не, ние сакаме децата кои се заинтересирани за запознавањето со верата да им дадеме информации со кои полесно ќе си одговорат на прашањата кои сигурно си ги поставуваат за верата на која и припаѓаат и тие, и нивните родители, и точно ќе знаат што се случува кога ќе одат со родителите во храм, или кога ќе присуствуваат на некој црковен чин. Не се секирајте, Дарвин нема да го ставиме под нога, колку пати треба да се објасни дека Дарвиновата теорија за еволуцијата никогаш не е осудена од Православната Црква, бидејќи Црквата не се занимава со докажување научни теории и тези, тука  е науката. Мисијата на Црквата е соопштување на благата вест за царството Божјо, за спасението на човекот и светот во Христа Богочовекот. Треба да се има знаење, за да ја сочуваме науката од влијанието на политиката и нејзиното користење за други цели, а верата од суеверието. Незнаењето е најголемиот грев, сигурно ќе се согласите со тоа. Веронауката нема децата да ги направи верници, ниту ја има таа цел, онака како што математиката нема да направи од сите математичари, но полезно е да се добие знаење. Британија не ви е добар пример која ја посочувате како кај нив се практикува или не веронауката, бидејќи британскиот суверен, кралицата воедно е поглавар на Англиканската црква, а подобро проучете како се одвива таму религиската настава, или набројте барем пет земји каде не се спроведува религиска настава, а јас ќе ви набројам петнаесет, и тоа сите во ЕУ, каде на различен начин, но веронауката е присутна во нивниот образовен систем. Што се однесува до абортусот, ако не сакате да го слушнете мислењето на Црквата, слушнете што вели биоетиката, или на пример, јапонските гинеколози кои го снимија документарецот “Безгласен крик”, но слободата на избор е неприкосновена дури и во тој случај, но вистинското прашање дали е тоа добро се наметнува просто самото од себе, што да правиме човекот е различен од мајмунот бидејќи има свест.
 За крај, да, ваше демократско право е дали ќе се втурнете во Црквата, за да ни ги растурате догмите, но не знам како ќе успеете, тоа не и успеа ниту на Римската империја кога низ цели три века измислуваше и ги испробуваше најсуровите направи за мачење на христијаните за да се откажат од Христовото учење, ниту пак понудите и уцените за унијатење и откажување од точното исповедање на верата не се остварија пред страшниот налет на иноверници, ниту петвековната друговерна власт имаше сила да го стори тоа, ниту пак сталинистичките методи, бидејќи за нас во тие вистини или догми живее Христос кои слободно сме го прифатиле, апреку Него живееме и ние. Ако сакате и покрај ова, пак да направите упад во догмите, немојте да го правите тоа во името на вашите догми, догмата за секуларизмот, или во име на догмата за дарвинизмот. Немојте да се плашите од веронауката, никому нема да му штети повеќе знаење, или пак се плашите дека веќе нема на кого да му ги пласирате вашите ставови, па на крај ревносно се жестите во името секуларизмот, како своевремено фарисеите кои се упалшија кога народот тргна по Христа, па исплашени дека веќе нема нив кој да ги слуша, го предадоа на распнување и смрт, но тука ништо не заврши, Христос Воскресна! 

ѓакон Горан Стојчевски

Извор: Форум