ГОНДВАНА
(или, можеби, ГОЛГОТА?)

Ruina.jpg

Во геоните што изминале – и во овој што е во ек – големите континентални плочи, управувани од природните сили, постојано се движеле и се движат, судирајќи се притоа на допирните рабови: освен по некој вулкан или земјотрес, судирите меѓу континенталните плочи изминувале – и изминуваат – без други видливи манифестации... или ги има, само што не се интересни за новинарите.
Во историоните што изминале, или во овој што трае, империите, царствата, државите и државичките, распослани по големите континенти, постојано се движеле и се движат: де се ширеле, де се собирале, судирајќи се на меѓусебните граници. Тука, пак, за новинарите сè е интересно: од кутнат меѓуграничен камен, до крвавите воени разрешници. Сè се снима, запишува, дигитализира, преведува во електронска или во некоја друга форма. Потоа новинарите ни го сервираат, и нам сè ни станува јасно.
Во антропоеоните што изминале, или во овој што трае, имало и има судири на светогледи, верогледи, моралогледи и други видови видогледи. Се судирале и се судираат гледишта што имаат нешто заедничко – заедничка површина, гранична линија или, барем, допирна точка. Резултатите од тие судири биле или се различни: сменета диоптрија, сменет радиус на видокругот... Новинарите со душа чекаат да ги отворат своите бленди на ваквите судири, макар што најчесто сопственото гледиште им е сосема дефокусирано.

Свеж пример.

Деновиве, на плоштадот „Тијен Мен“ во Скопје, се судрија две концепции. Граничната линија на судирот беше: „Е, ќе има црква“ и „Е на... што ќе има црква“. Или: „Може црква, ама погоре (или подолу)!“ и „Е, или тука, или никаде понатаму“. Така, барем, разбравме од катарактичните новинари. А за самите концепции, ништо не разбравме. Новинарите или не сакаат, или не знаат да ни ги пренесат.      
Судиров од плоштадот е комичен. Трагикомичен. Всушност, се работи за гротеска.

Црквата како земна градба е Храм Божји, во кој пребива Бог. И само Тој, и никој друг, ги има градежните дозволи за земните храмови. И само Тој може да ја избере локацијата на која ќе пребива, и да ја залепи маркицата на Својот Урбанистички план. Секој што мисли поинаку, е во невидена заблуда. 
Сè додека Бог не ја залепи маркицата на оваа микролокација, на овој микродел од дел од континентот (којшто сè уште не е географски именуван; предлагам да се вика – Гондвана), силите на темнината ќе се пенават по плоштади, по новински колумни и по универзитетски амфитеатри, убедувајќи нè дека Храм Божји и Рамстор се само архитектонски синоними, урбан елемент, пренапрегнат бетон...

Какво слабоумие! Каква слабомислие! Зарем е можно дека од толкава новинарска збирштина нема кој да напише два-три реда во кои ќе каже дека Храм Божји не е архитектура, не е архитектоника. Храм Божји е архаика. Всушност, праархаика. Не е градежна статика, туку архистатика. Вечност. Во Храмот Божји нема тектоника. Нема поместување – од местото коешто Бог ќе му го определи.
Зарем сè уште има такви (еј, XXI сме!!) умно недооформени коишто сметаат дека Бог чека толпа бедници да донесе одлука (со консензус!) на кое место ќе биде изграден Негов Храм?

Мајчице Геа, како не трипиш на своите истоштени, закоравени континентални плочи!


Михајловиќ д-р Драган

Посети: {moshits}