За воспитувањето, вредностите и луѓето што сè уште вредат.

Многу тешко оди со воспитувањето на децата, односно младината, денес. А како и да ги воспитуваш кога сè помалку постојат јасни нормативи, критериуми и вредности според кои би требало да се живее? Децата, всушност, се еден вид колатерална штета на општеството, семејството, системот и на сè она што ние, возрасните, сме го направиле или сме дозволиле да се случи.

Зашто, основниот проблем е токму во тоа што оние кои би требало да бидат зрели, мудри и да служат за пример, неретко се покажуваат како најголеми „преваранти“.

На општествено ниво се изнагледавме прљавштини, неморал, ниски страсти и најразлични облици на бескрупулозност. Од пошироката општествена средина, па сè до локалната, социјалната и работната средина, сликата е речиси иста.

Оние што се ангажираат, што знаат, што се посветени и внимаваат и на работата и на односот со луѓето — најчесто тие го јадат стапот. Тие се најуморните на крајот од денот, а со текот на времето и најподложните на прегорување. Некои, за жал, на крајот и самите се претопуваат во системот против кој некогаш се бореле. А неретко, токму тие се и најмалку платени.

Од друга страна, оние што се криминализирани и по своите дела и по својот дух, без пардон, без срам, без морал, знаење и култура на однесување, некако постојано успеваат да бидат на врвот. Ги менуваат раководните позиции, но не и навиките. Наместо да одговараат за своите постапки, неретко продолжуваат да напредуваат како ништо да не се случило.

И така, првите постојано ја плаќаат цената за неодговорноста на вториве. Ги носат товарот, совеста и одговорноста, а притоа често се и помалку платени од оние што го создаваат проблемот.

Не велам дека пресметката со ваквите појави би била лесна или безболна. Но кога зборувам за колективното милје, токму ваквото изместување на системот на вредности го сметам за една од главните причини поради кои денес сме таму каде што сме.

Системот на вредности што некогаш го познававме можеби не беше совршен, но во споредба со ова што денес сè почесто го гледаме, за многу нешта беше — ЗАКОН!

Денес, како да живееме во систем што ни порачува:Не мора да одговараш за своите постапки — важно е добро да заработиш. Не мора да бидеш посветен — не вреди.

Не мора да бидеш културен, чесен или одговорен — важно е да се снајдеш.

**А кога таквите пораки секојдневно се повторуваат, тие престануваат да бидат само личен избор и стануваат колективен образец на однесување.

Посебна приказна се медиумите, кои сè почесто ни го претставуваат ненормалното како нормално, простаклукот како автентичност, а неписменоста и неморалот како пат до слава и успех. Луѓе без елементарна култура и одговорност стануваат медиумски ѕвезди, а со тоа, сакале ние или не, и некакви модели за подражавање.Тоа веќе не е само криза на вредностите.

Тоа е еден вид социјален бандитизам и насилие врз здравиот разум, достоинството и сè она што би требало да нè прави луѓе.

Затоа, во ваков контекст, искрено, тешко гледам брзо и лесно решение. Промената, пред сè, мора да започне од самиот човек — од неговата подготвеност да се преиспита, да преземе одговорност и да посака да биде подобар. Ниеден систем не може да го замени личниот интегритет, исто како што ниту еден закон не може да му подари совест на човек што не сака да ја има.

На колективен план, промената е тешка. Многу тешка. Но не и невозможна. Зашто, ако нешто сè уште ми дава причина да не бидам песимист, тоа се луѓето кои, и покрај сè, не се откажале од себе. Луѓето кои си ја работат работата чесно, кои се однесуваат со почит, кои не газат преку други за да напредуваат и кои не дозволуваат туѓата бескрупулозност да им стане личен модел на успех.

Не сум песимист. Само сум мноооогу уморен од свет во кој понекогаш е потешко да останеш човек отколку да успееш.

И токму затоа, овој пост е за сите мои блиски, посветени, културни, чесни и добри пријатели.

За оние кои можеби не се секогаш најгласни, најмоќни или најдобро платени, но знаат што значи да се има образ, збор и човечност. За оние што и понатаму се трудат, и кога не им се признава; што помагаат, и кога никој не им возвраќа; што остануваат доследни на себе, и кога системот ги убедува дека тоа е залудно.

Се познаваат кои се. И токму затоа, нека си продолжат така!

Зашто, на крајот на денот, можеби не можеме да го поправиме целиот свет, но можеме да не дозволиме светот да го расипе она највредното во нас.

А тоа, во овие времиња, воопшто не е мала работа.

 

За Преминпортл

m-r Симеон Стефковски

 

 09.10.2026