metodij.jpg
 
Епископ Велички Методиј
ЛАИЦИТЕТ БУКВАЛНО


За новите Европејци, добро наклукани со позитивизмите на материјалистичките идеологии, семантиката на религиозно искуство најчесто кореспондира со извесни форми на ограничување или злоупотреба. Никогаш не треба да се потценува силата на одбивањето. Имено затоа, деценија наназад, за периодот во којшто живееме се одомаќинува изразот пост-христијанско раздобје, а на хуманизмот, односно алтуизмот, во неговите актуелни концепции видливо смислено му се ампутира вкоренетата религиозна конотација. Ваквиот процес на секуларизација, конечно, недвосмислено се поддржува и со актуелизирање на т.н. лаицитет, или поедноставно кажано, концепт на одвојување на црквата (религиозната заедница, или заедници) од државата. Се разбира, тој принцип не е измислен вчера, а уште повеќе не е толку едноставен и еднослоен како што на прв поглед некому изгледа.

Коренот на терминот упатува на архаичниот христијански назив за народ Божји - лаос, а поимот лаик, во таа смисла, се однесува на член на Црквата кој не е во свештен чин, т.е. мирско лице. Денешното значење кое под лаик подразбира неупатен, т.е. некомпетентен човек е плод на клерикализмот кој го апстрахира првичното значење до антитеза. Во таа примарна конотација лаицитет би значел обнародување или понароднување - на општеството, конкретно, што од друга страна е варијација на поимот демократизација.

Започнувам со етимологијата бидејќи таа без непотребни заобиколувања и теоретизирања ќе нî доведе до срцето на проблемот. Предисторијата на лаицитетот се врзува за секуларизацијата на Парискиот универзитет некаде во 14-от век, или, според други теории, од времето на Француската буржоаска револуција. За овие два настана многу е пишувано и прикажувано, и тие со својот историски багаж му даваат дополнителен подтекст на феноменот лаиситî. Основната причина заради која се јавува идејата за лаификација е со векови присутната колизија меѓу цезаропапизмот и папоцезаризмот, појави кои од друга страна немаат никаква врска со Константиновата симфонија. Трансвестијата, со која државата глуми црква, или црквата глуми држава, е фатална за општеството и неговите чинители. Овие два ентитета природно се допираат не во полето на владеење или во ингеренциите, туку во човекот кој истовремено може да биде и граѓанин и верник. Со мешање на компетенциите, всушност, се создава насилна состојба во која човекот треба да бира дали е граѓанин или верник, што од своја страна е продуцирање на една латентна шизофренија и во поединецот и во заедницата.

Личната религиозност не е политичка опција. Исто така и политичкиот (граѓанскиот) став и ориентација не е конфесија. Симфонијата е можна само доколку е јасно дефинирано нивното взаемодејствие. Според Миланскиот едикт на свети Константин Велики, соработката меѓу земната и небесната власт е можна доколку во една здрава и силна држава (каква што била Византија во тоа време, на пример) се гарантира религиозната слобода, или како што буквално е запишано во едиктот: секому се дозволува да верува онака, како што наоѓа за сходно. Грижата за религиозните слободи на цркавата í ја доделува функцијата да биде совест на државата; душа на државата. Од друга страна, пак, божествената инвеститура брз државната власт овозможува таа да ја има функцијата на тело на црквата, чувар на законите и поредокот. Како два аспекта на животот битие на општеството тие имено на тој начин можеле да функционираат во синергија. Во моментот кога едниот ентитет посегнува по функциите на другиот, патологијата на горе спомнатите цезаропапизам и папоцезаризам резултира со онтолошка дисхармонија на севкупниот систем. Наместо соработка, односот меѓу црквата и државата се претвора во непомирливо ривалство и неуморно надмудрување. Противречност која за крајна инстанца ја има дисквалификацијата на оној другиот. Црквата нема потреба од држава, а државата нема потреба од црква. Како последица се јавува или теократијата или атеистичкиот тоталитаризам.

Од времето кога поимот со новата конотација влегува во употреба, коренито се менуваат и релациите меѓу црквата и државата во европските општества. Тоа се рефликтира и на односот меѓу науката и религијата, глобално. Фактичката поларизација на овие два ентитета со ист корен и долга заедничка историја им ја задава улогата на спротивставени идиолекти, односно  дискурси на спротивставените институции во општеството - духовната и световната власт.

Со ваква насока, еволуцијата на концептот на лаицитет логично и нужно доведува до становиштето според кое релациите меѓу црквата и државата треба сосема да се изолираат со невидлива бариера, со потполен прекин на комуникацијата и соработката меѓу нив. Ваквиот берлински ѕид, во основа, е повторно заговарање на шизофренија во индивидуата и заедницата. За религиозниот човек, државата ќе претставува непријател кој врши репресија на она со што тој се идентификува. За секуларниот граѓанин, пак, црквата е некаков анахронизам кој само го забавува или комплицира развојот на државата. Ваквата диоптрија е фатална. Имено зато решението не е во екстремите. Соработката меѓу црквата (религиозната заедница, или заедници) и државата е од витално значење, но само доколку тие го чуваат и својот интегритет и интегритетот на другиот. Таквата лаификација или лаицитет, како нов чекор во демократизацијата (обнародувањето) е навистина корисно. Само таа ќе може да ги зацврсти темелите на општеството. Нашето искуство во тоа, низ призмата на Миланскиот едикт, треба да е многу поголемо од она на европските општества.

Посети: {moshits}