Europe House во соработка со ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат

TVIT727

Пишува: Венко Андоновски, писател, професор

Кога пред дваесет и три години, во една викендичка во Берово го пишував романот „Папокот на светот“, се решив на една постмодерна игра: решив ликовите од вториот дел на романот да ги именувам со имињата на ликовите од романот „Шега“ на Милан Кундера. Не само што наоѓав паралела меѓу тоталитарните амбиенти во кои „живееја“ моите ликови од Папокот и оние на Кундера од Шега, туку пред сѐ го сторив тоа затоа што „Шега“ беше (и до ден-денес остана) еден од моите омилени романи.

Ако некој тогаш, во тој септември пред дваесет и три години ми кажеше дека по дванаесет години сепак Милан Кундера ќе седи спроти мене и ќе ме праша – зошто сум ги позајмил имињата на неговите ликови, сигурно ќе мислев дека човекот има смисла за фантастика. Но ете, јас, дванаесет години подоцна сепак седев спроти Кундера, со што се докажа дека неможното всушност и не постои. Дури и кога не се остварува, неможното бдее над нас како потенцијалитет. Таков е, едноставно овој наш свет: дури и кога тврдиме дека сите луѓе се смртни, ние сепак кажуваме само хипотеза. За со сигурност да се тврди дека сите луѓе се смртни, треба да се почека крајот на човечката раса, и потем гласно да се објави: еве, нема веќе новородени луѓе на Земјата, и сите умреа, па според тоа – сите луѓе навистина биле смртни. Но, сѐ додека се раѓаат нови луѓе, не може да се изговори како вистина реченицата „Сите луѓе се смртни“. А кога тука ќе се вклучат уште и делата што зад себе ги оставил некој великан, тогаш станува јасно дека едно е да починеш, а друго да умреш. Откако ја примив веста за смртта на Кундера, јас верувам дека тој само почина. Не е можно тој да умре.

Затоа, да се вратам на потенцијалитетот и на можноста да го сретнам Кундера. Тогаш немаше дури ни навестувања дека тоа би можело да се случи. Кундера си живееше во Париз, јас никогаш не бев бил во Париз, ниеден мој роман тогаш не беше преведен на француски за да би можел Кундера да чуе за мене. Трето, иако неколкупати се обидував на Кундера да му го пратам романот „Папокот на светот“ (со неговите позајмени ликови) барем на англиски, таа работа не успеа. А кога конечно стапив во контакт со неговата сопруга Вера (преку „Табернакул“, кој тогаш беше носител на авторските права на речиси сите книги на Кундера за Македонија), добив кус одговор: „Не праќајте го романот, Милан не чита англиски“. И со тоа навидум беа закопани сите шанси дека еден ден ќе му ја стегнам раката на еден од моите идоли.

Но, што носи денот, не носи годината; ми телефонира еден ден Цветан Враживирски, тогашен директор на „Табернакул“, поет и препејувач и ми вели: „Што мислиш – да покренеме една меѓународна награда, ние, од ’Табернакул’? Зошто Македонија да не ги чести најдобрите светски писатели за опус, зошто постојано да чекаме тие нас да нѐ признаат?“ И без да ми даде шанса да одговорам, испалува рафално во слушалката: „Еве, за почеток да му ја дадеме наградата на Милан Кундера.“ И јас останувам нем: почнувам да верувам дека моите патишта со патиштата на Кундера не се разминале засекогаш. Сфаќам дека ќе го видам и дека како член на жирито (Ферид Мухиќ, Горан Стефановски, Цветан Враживирски и јас) ќе го угостам Кундера во Скопје.

Речено-сторено. Професорот Мухиќ му напиша убаво писмо на Кундера во кое ја образложи идејата за наградата, Кундера ја прифати наградата, но ме зачека нов шок: тој напиша дека годините не му дозволуваат да патува со автомобил (не леташе со авион) за да дојде во Скопје и да ја прими наградата! Си реков: „Сепак, не ни било пишано да се сретнеме во животот“.

Идејата беше, бидејќи тој сепак ја прифати наградата, таа (статуетка, две објавени негови книги и паричен износ) да му бидат предадени преку нашите дипломатски канали во Париз. Но, се случи, повторно, пресврт: Кундера се јави со писмо во кое предложи ние да дојдеме кај него, наместо тој кај нас. Рече дека ќе подготви скромен коктел во неговиот дом и дека ќе нè прими на час-два. Тоа веќе беа подобри вести.

И така, еден февруарски ден, пред 12 години, во 11 часот, се најдовме на договорената адреса во Париз и чекавме Милан да се зададе од некаде, бидејќи така вети во телефонскиот разговор. Го чекавме на договореното место, пред еден хотел, со видлива возбуда, која се забележуваше кај сите: кај професорот Мухиќ, кај мене, кај Цветан кој ја држеше в раце спакувана не баш малата статуетка на наградата, кај Андријана, која требаше да ни послужи мене и на Цветан како преведувач. И одеднаш, некој рече: „Ене го, доаѓа“.

Секогаш ќе ја помнам таа силуета: исправена фигура на крепко и бодро суштество во добра возраст, со брзи и неверојатно долги чекори, како да станува збор за младич. Ми се чинеше дека токму така треба да чекори авторот на романите кои говорат за кршливоста, но и за титанскиот подвиг на човекот додека е гостин на овој свет. Како што наближуваше, веќе му се препознаваа острите, решителни црти на лицето, и по една минута тој стоеше пред нас и се поздравуваше. Ми оставија впечаток неговите бистро-езерски очи, нешто меѓу сино и зелено; но, не беше работата во бојата на очите, туку во нивната проѕирност, нивната бистрина, што никако не се совпаѓаше со замислите за изморен поглед на мудар старец. Очите му беа најживото нешто во појавата, и во тоа имав можност да се уверам и подоцна, за време на коктелот, а и на ручекот, со кој нѐ изненади сите по коктелот.

По неколку минути се наоѓавме во станот на Вера и Милан Кундера. А нема ништо попредавничко за станарот од предметите и изгледот на станот во кој живее. Да, токму така: предметите се придавки-кодоши кои говорат за оној што ги користи. Лифтот водеше директно во станот на Кундера, во неговото претсобје, што говореше за една несомнена желба за што поголема дискреција и изолација од луѓе. Да не се среќаваат непотребно соседите, да се нема потреба од соседи – за тоа подоцна и ми говореше мојот идол. Гледам: во претсобјето мал статичен велосипед: педалите му беа речиси излижани, со што се објаснуваше и витата става на Милан, но и извајаното тело на неговата Вера. Очигледно, мојот идол беше во подобра физичка кондиција од многу мои врсници, кои можеа да му бидат синови. И потем, второ претсобје, поголемо од првото, во форма на квадрат. Тука ме пречека уште едно изненадување: на сите четири ѕида – огромна, богата библиотека. Приоѓам за да видам кои се омилените автори и книги на мојот идол и доживувам уште еден шок: сите книги, од сите четири ѕида се од еден ист автор. Тоа е Милан Кундера. „Каков нарцис“, си помислувам без цензура, и во тој миг ми приоѓа Вера, која ми објаснува дека порано Милан имал илјадници книги од други автори, но дека пред некоја година ги подарил сите, на оние на кои им се потребни. Верувал дека веќе нема ни што да научи ни што ново да напише (таа реченица мојот идол ја повтори неколкупати потоа и на ручекот), и затоа Вера се погрижила да му ги собере на едно исто место барем неговите книги, преведени на сите светски јазици (меѓу кои и кинески!). Гледам и не можам да се изначудам: пред мене се простира планетата Кундера – се гласат неговите ликови на отпадници од општеството, љубовници, еретици, скептици, блудници, расипници, сладострасници, донжуани, лекари, сликари, поети, девојки што се смеат безразложно, се гласи неговата теорија за полифоничен роман со многу есеизам, се гласат неговите есеистички пасажи за кичот, за народната уметност, за музиката, за сѐ и сешто – на сите јазици на кулата Вавилонска!

По влегување во дневната соба, не бев воопшто изненаден кога забележав дека Кундерови воопшто немаат телевизор. И тој и таа сметаа дека таа ѓаволска направа служи само за контрола на масите и за затапување на сетилата, перцепцијата и мислата, дека е една паноптичка кула на ридот од која се гледа и се ѕирка дури во спалните соби на луѓето. Имаа само еден мал лаптоп, колку за пишување и најверојатно, кореспонденција со електронска пошта, која ја водеше Вера.

На коктелот во станот на Кундера присуствуваа важни луѓе: тука беа Антоан Галимар, сопственик на легендарната истоимена издавачка куќа со неговата сопруга, еминентниот критичар Лакис Прогуидис, натурализиран Французин од грчко потекло, еден талентиран француски писател, миленик на Кундера и Галимар. Човекот имаше сигурно 45 години, а за него говореа како за млада надеж на француската литература. Милан ми го улови збунетиот поглед и ми објасни: „Во Франција не ве сметаат за сериозен писател пред да наполните 60 години“, ми вели и се насмевнува со оние свои тиркизни очи.

Вера Кундера, која изгледаше најмалку дваесет години помлада одошто беше, скокаше од човек до човек и со секого разменуваше понекој збор. Беше јасно дека без неа Милан тешко би се снашол во својот сопствен дом. Дури, тешко би се решил и која пијачка да ја избере. Вера сугерираше, тој главно прифаќаше како послушно дете. Откако таа му сугерираше да пие вино наместо вотка, тој ја пружи својата ковчеста рака и неверојатно нежно, речиси младешки ја погали Вера по образот. Не знам зошто, ама тоа негово движење ќе го помнам до крајот на животот: тоа беше гест на осумнаесетгодишен младич кој со срам првпат ја погалува девојката по која копнее!

Потем доаѓа до уште едно изненадување. Цветан Враживирски предлага да се фотографираме, да остане спомен од предавањето на наградата. Сосема вообичаено нешто, речиси клише кое го делат сите модерни култури. Но, и тука – отстапка. Милан не сака да се фотографира. Не сака ни сам, а камоли со други луѓе. Се разбира, културата ни налага да не прашаме зошто е тоа така, какви мотиви се кријат зад тоа. Наместо одговор, Милан ми вели (не знам зошто мене, кога Цветан го моли за фотографија!): „Имам готови мои фотографии, ќе ви подарам на сите по една, со мој автограм и со посвета.“ И мене ми текнува на еден познат лик од светската книжевност кој се обидуваше да го фотографира Бога, и дојде до заклучокот дека тоа не е можно, не затоа што Бог е невидлив, туку напротив, затоа што е секаде околу нас и дека треба да се фотографира целиот свет, до најситната подробност, до мравата и микробот, за да се добие комплетната фотографија на Бога. Така беше и со фотографирањето со Кундера, тој мудар, каприциозен, а сепак човечки топол литературен Бог, вистинско дете заробено во тело на човек во зрела доба.

По коктелот, заминуваме на ручек, во прекрасен амбиентален француски ресторант, во близина на станот на Кундерови. На ручекот присуствува француската книжевна и издавачка елита, а Вера веќе се погрижила да направи таков распоред што сите ние, македонската делегација, ќе добиеме соговорник што ќе нѐ изненади! И јас разбирам зошто таа два месеца однапред бараше список и информации – кој доаѓа, што е по професија, кој од нас со кој јазик се служи! Мене за соговорници ми се „паѓаат“ – критичарот Лакис Прогуидис (спроти мене), Вера (десно од мене), а лево од мене седи сопругата на Галимар. „Убаво“, си мислам. „Сега треба да се зборува паметно и воздржано“.

Но, спонтаноста нѐ занесува сите. Се разместуваме затоа што секој со секого сака да поразговара. Конечно, доаѓам спроти Кундера. „Многу убави зборови слушнав за вас“, ми вели. „Цветан говореше за вас многу убаво, и јас ве молам да ми доставите една копија на француски од вашиот роман ’Вештица’. Ми рекоа дека имате француски превод во ракопис, и јас со задоволство ќе го прочитам.“ Јас му се заблагодарувам, однапред му се извинувам за евентуалните пропусти, а тој одеднаш ме прашува: „Во претходниот ваш роман сте ги користеле имињата на ликовите од мојот роман ’Шега’. Од каде таква потреба?“

Молчам, и бидејќи Милан се мачи со англискиот, а јас не говорам француски, се решавам на најефикасно решение. Велам: „Можеби тоа се случило само за да се сретнеме еднаш, и еднаш да ми го поставите ова прашање; не треба да се бара никаква друга логика или мотивација во тоа“. Тој ме гледа проникливо со оние негови тиркизни очи на дете и ми вели: „Романот сигурно не е лош, штом вака одговарате на прецизни прашања. Најмногу мразам кога некој пишува роман во кој се даваат математички прецизни, ама лажни одговори. Суштината на романот е да ги навестува можностите за кои говорите.“ И токму тогаш нѐ прекинува Антоан Галимар, кој најавува дека по ручекот сака да нѐ прошета низ неговата издавачка куќа.

Потем знам само дека се поздравивме со Милан, дека тој ми вети дека ќе ми пише што мисли за „Вештица“ откако ќе ја прочита, и тоа беше сѐ од мојот контакт со него. По два месеца добив мислење од Кундера за „Вештица“: краток предговор за планираното француско издание. И ден-денес тоа ми е најомилената литературна критика, по онаа што ја добив од Петре М. Андреевски, за истиот роман.

Таа куса средба со Милан значително ми смени некои сфаќања за романот, и посебно – ми уништи цел еден арсенал предрасуди за „чистотата“ на овој жанр. Кундера и во предговорот лаконски укажа на многу плодотворни „пукнатини“ во „Вештица“ кои можат да се исполнат со брилијантни есеистичко-романескни страници.

Тука сопирам. Во моментот кога Кундера веќе не е со нас, сакам ова мое сведоштво да остане како охрабрување до сите млади уметници кои имаат свои идоли, за кои веруваат дека се недостижни и дека никогаш нема да можат да ги сретнат или да разменат збор-два со нив. Тоа не е точно: светот е мал, а и идолите изгледаат големи и недостижни сѐ додека не седнете спроти нив и додека не го изустат првиот збор. Тогаш забележувате дека имаат и трема.

Јас сум среќен човек: го запознав мојот идол, Кундера. На маса ја држам фотографијата на која е ликот на тоа литературно божество, и на која со сребрен фломастер пишува „За Венко од Милан“. Сфаќам: боговите, сепак, и кога се фотографираат, се фотографираат сами. Дури и да има други крај нив, на сликата има место само за еден. Така е тоа затоа што Словото е Светлина, а Светлината сепак одбира еден меѓу многумина.

Нека му е светло местото на Милан таму каде што е, во праизворот на Светлината!

Венко Андоновски

2023

 https://www.euhouse.mk/%D0%B1%D0%BE%D0%B3%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BD%D0%B5-%D1%81%D0%B5-%D1%84%D0%BE%D1%82%D0%BE%D0%B3%D1%80%D0%B0%D1%84%D0%B8%D1%80%D0%B0%D0%B0%D1%82-%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%BE-%D1%9C%D0%B5-%D0%B3/?fbclid=IwAR3sZGeZ7PLqOa9rmoi8IJ_wpSqmMS2ODhxMI6vu_hwQtXG3Plv808sGJ-g