Епископ Велички Методиј

(денес Митрополит Американско- канадски )

 
Далеку сме од времето кога без прекумерен патос се посегнуваше по черепот на Јорик и со прстот на чело ќе можеше да се постави понекое судбоносно прашање. Денес во тоа нî испреваруваат билбордите, или како веќе правилно се именуваат оние исклучително грди рекламни паноа зад кои ни се крие уште погрдата новоградба со која се овековечува нашето историско постоење во овој многустрадален главен град. Предизвици од секаков вид. Повик на толеранција! Повик на компромис! Да ги прифатиме различностите! Провокација без преседан. Но што треба всушност да прифатиме (или не)? Дали од суштинско значење е нашиот избор или нешто друго?

При една посета на САД, пред неколку години, во утринските часови на еден канал од кабловската телевизија, во времето кога родителите се подготвуваат за на работа, а децата за на училиште (за американски ускови еден од ударните ТВ термини) се емитуваше дебатна емисија на која еминентни психолози, социолози, педагози и сексолози дискутираа за дилемата дали на децата уште во предшколска возраст треба да им се укаже (со комплексен методолошки пристап) на можноста сексуално да се ориентираат и кон лица од сопствениот пол. Со други зборови, се испитуваше јавното мнение, дали хомосексуалноста може да се постави како опција со која треба да им се пристапи на деца на возраст помала од шест години. За човек од другата страна на големата бара, или поточно од долниот десен агол на европската грутка, ваквата хиперинтелектуална дебата ми делуваше зашеметувачки, но истовремено ми ги отвори очите за еден вечно актуелен проблем. Проблемот на човековото достоинство.

Откако се ослободив од површноста на априорните заклучоци, идолите на племето како што ги нарекува Бекон, се обидов да си ги проверам ставовите. Се дадов на спекулација (за хипотетика ние луѓето од новиот милениум сме виртуози). Познавам луѓе за кои знам дека се хомосексуалци. Што мислам јас: Би ги осудил ли на смрт? Дали се виновни ако се родени како хомосексуалци? Би ги казнил ли? Би ги присилил ли на поправно хетеросексуално однесување? Дали Би ги затворил во хомосексуални гета, или логори? Би се правел ли дека не знам дека се различни? Дали се хомосексуалци ако чувствуваат таков афинитет, или ако се реализирани во својата ориентација? Би се плашел ли да не се заразам од педерски вирус или слично? Би се плашел ли да не испаднам сељак, ако кажам дека се фрикови? Би се трудел ли да не испаднам латентен хомо, ако се обидам да ги оправдам? Би се трудел ли да ги разберам, наместо да ги оправдувам? Дали е нај-кул слепо да ги прифатам? Дали со тоа би ги изневерил своите принципи? Во актуелната атмосвера на хиперсексизам и хиперсексуалност, можам ли да искристализирам јасен став за тоа што е хомосексуалноста и што í е причината? Дали еден човек е доволно да се гледа само низ призмата на неговата сексуалност? Дали сексуалната ориентација на другиот е моја работа? Дали постои аксеолошка разлика меѓу хомосексуалната патологија и хетеросексуалната патологија?

И од позицијата на екстремните либерали и од позиција на ригидните хомофобичари, апсурдно е прашањето за хомосексуализмот или хомосексуалците да се сведува на тоа дали ние нешто прифаќаме или не. Што значи тоа? Дали светот ќе има почист образ и поцврст морал ако според логиката на синкретизмот ги позлатиме гордите и освестени хомосексуалци и почнеме дури и да се срамиме што сме стреит; или ако според логиката на хомофобичарите овој проблем го решиме со екстерминирање на гнасните педеришта и лезбејки? Не смеем да бидеме ни најмалку наивни. Ако се чувствуваме повикани да изградиме став, тоа треба да го направиме мошне внимателно. Ни во еден историски момент прашањето не било дали тие постојат или дали треба да постојат, туку во колкава мера сексуалната ориентација на една личност, како и секој друг сегмент од личниот живот, треба да биде прашање кое ќе се решава по сокаци и со линч, или со лицемерна толеранција на различностите.

Според христијанската аскетика, сите сме повикани да го преобразуваме сопствениот ерос. Нашата специфичност како пол, нашата сексуална ориентација, телесниот аспект на љубовта е дар, а не опција. Она што нî прави различни, односно неслични на нашата природа е гревот. Ако прифатиме оваа голема светиња да биде опција, тогаш не постои феномен што не може да се оправда. На пример:
Ако дечињата ги освестиме за изборот да бидат хомосексуалци или хетеросексуалци, зошто не би можеле да им ја понудиме можноста да се ориентираат кон многу постари од себе, на пример. Да ги прифатиме различностите и да ја озакониме педофилијата. Ако децата можат да бираат, иако се неискусни, зошто реципрочно тоа не им го дозволиме и на возрасните. Или да им укажеме дека, со извесен ризик по генетската структура на потомството, можат да изберат и некого од блиското сродство. Нешто што почнува на и. Нашата толеранција и фантазија може да оди и дотаму, да понудиме или да прифатиме, некој да ја реализира својата ориентација и кон разни видови дифтарчиња и жбитачиња, како и кон егземлари од домашниот крупен и ситен добиток. Какви варијации и пермутации, и тоа само во рамките на сексуалноста. Трансвестијата и транссексуалноста не ги ни спомнавме. Но тука ништо не завршува. Замислете што сî може да им понудиме, или да толерираме и озакониме во контекст на политичката свест (фашизам, расизам, дефетизам, нихилизам, макиавелизам...), на културните матрици (канибализам, фетишизам, садизам...), на социјалните и интелектуалните расслојувања и т.н. Да ги прифатиме различностите! Сарказмот едноставно е неизбежен.

Човечкото паметење изобилува со огромен дијапазон од различности. Дали имаме критериум според кој ќе знаеме каде да ја поставиме границата на компромисот? Синкретизмот вели: нека цветаат илјада цветови! Да живеат преседаните! Она што е правило, што е канон, ограничува и дели. Се разбира, критикувајќи ги екстремите не сакам да пропагирам некакво медиокритетство, бидејќи и тоа е дел од истата приказна. Секој човек е мозаик. Огромна длабочина. Секоја ориентација и преокупација е премногу лична и премногу скапоцена за со неа да се мавта како со знаме. Не прифаќам различности. Прифаќам личности.

Посети: {moshits}